Дали американскиот претседател Доналд Трамп ќе добие мнозинство гласови на претседателските изборите во ноември?
Во 2016 година, Хилари Клинтон доби скоро 3 милиони гласови повеќе од Трамп, но го загуби изборниот колеџ. Таа маргина иако годинава ќе биде уште поголема, сепак може да резултира со реизбор на Трамп. Многу од најпознатите енергични гласачи против Трамп живеат во веќе демократски држави како Калифорнија и Њујорк. Така, нивните гласови би можеле да бидат „потрошени“. Вистинската битка повторно ќе биде кај помалите средно-западни држави кои минатиот пат му обезбедија победа на Трамп.
Дали САД ќе влезат во рецесија?
Претставници на Белата куќа и американски корпоративни лидери, како и половина од главните финансиски претставници на неодамнешната анкета на универзитетот „Дјук“ изјавиле дека очекуваат рецесија во текот на оваа година. Лесно е да се види зошто. Постојат знаци дека нервозните американски компании ги намалуваат капиталните трошоците, а оти потрошувачите останаа изненадувачки многу расположени за купување во 2019 година. Постои добра причина ова да продолжи и во оваа година со создавање работни места за најсиромашните делови на популацијата. Тоа, како рамнотежа, треба да го задржи растот на економијата.
Дали ќе има војна со Иран?
Загриженоста во врска со конфликтот меѓу САД, нејзините арапски сојузници и Иран со месеци се распламтува, бидејќи администрацијата на Трамп ја засили својата стратегија за „максимален притисок“ против Исламската република. Воинствената реторика прерасна во конкретна акција кога во почетокот на годинава во американски напад во Багдад беше убиен еден од највлијателните луѓе во Иран генерал Касeм Солејмани. Следуваше иранско бомбардирање на две бази во Ирак каде што има американски војници. Сепак, и двете страни, инсистираат на тоа дека не сакаат војна. А со наближување на изборите, уште помалку е веројатно дека Трамп сака Америка да биде вплеткана во конфликт. Сепак, секоја погрешна пресметка, ризикува ненамерно да предизвика поширок конфликт.
Дали францускиот претседател Емануел Макрон ќе ги „ресетира“ односите со Русија?
Макрон направи амбициозна увертира за повторно да ја врати Русија во папката. Но, патот до кое било пошироко ресетирање мора да мине преку мировен договор во Украина - што е малку веројатно. Претседателот на Украина Володимир Зеленски беше избран делумно со залог да стави крај на страшниот конфликт на истокот на земјата. Сепак, тој не може да се согласи со барањата на Москва да му се додели „посебен статус“ на Донбас – и да и овозможи на Русија да го задржи влијанието преку своите приврзаници таму, што го прави регионот еден вид карцином. Сепак, можно е поограничено продолжување на дијалогот со Русија.
Дали ќе се намалуваат глобалните емисии на јаглерод како што се предвидува со меѓународниот договор?
Емисијата од користењето фосилни горива расте во просек за 0,9% годишно од 2010 година и има многу знаци на уште поголем пораст годинава. Некои од најбрзорастечките економии повторно ќе станат големи корисници на јаглен, најнечистото фосилно гориво. Иако, колку за потсетување, Кина испушта повеќе јаглерод диоксид отколку што тоа заедно го прават Соединетите држави и Европската унија. А, напорите на Пекинг за стимулирање на економијата и за зајакнување на енергетската безбедност би можеле лесно да ја зголемат употребата на јаглен.
Дали Кина ќе стане светски лидер во 5G телекомуникацијата?
Лидерството на Кина во 5G телекомуникациите - супербрза безжична врска што ќе биде нервниот систем на Интернетот - ќе биде очигледна во скоро сите арени до крајот на годинава. Измерена со инсталирани 5G базни станици, Кина ќе преовладува далеку пред другите земји. По бројот на договори за давање услуги од 5G во странство, Huawei ќе биде пред конкуренцијата „Ериксон“, и покрај притисокот на САД да ја спречи оваа кинеската телекомуникациска група, заради стравувањата за националната безбедност. И во 5G продажба на паметни телефони, Huawei и другите кинески производители ќе ги надминат Apple, Samsung и другите.