Достапни линкови

Трамп: НАТО да стане НАТОМИ


Трамп е за проширување на НАТО со земји од Блискиот исток
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:03 0:00

Трамп е за проширување на НАТО со земји од Блискиот исток

Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека НАТО треба да се прошири со земји од Блискиот исток. Тој дури предложи ново име: „НАТОМИ“ што е кратенка од НАТО-Блиски исток.

„Какво убаво име - НАТОМИ“, рече Трамп во четвртокот, во Белата куќа, додавајќи дека Соединетите држави ги уништиле милитантите на Исламска држава, елиминирајќи ја нивната контрола врз територијата и убивајќи го нивниот лидер Абу Бакр ал-Багдади.

„На Европа и направивме голема услуга“, рече тој, нагласувајќи дека сака да види повеќе трупи на НАТО на Блискиот исток затоа што проблемите таму се со меѓународен обем.

Трамп додаде дека во средата телефонски зборувал, за улогата на НАТО, со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Мислам дека тој всушност беше возбуден поради тоа. Јас, всушност, имав име. НАТО, нели, и потоа имате Блиски исток. Би го викале НАТОМИ“.

Трамп се пофали дека бил добар за давање имиња при што го спомна името на новиот договор за трговија во Северна Америка кој се нарекува USMCA, кратенка од имињата на Соединетите држави, Мексико и Канада.

Наведувајќи дека негов најголем обожавател бил генералниот секретар на НАТО, Трамп рече дека, по неговата интервенција, сега НАТО финансиски стои многу добро.

„Значи, јас, всушност, реков дека мислам оти обемот на НАТО треба да се зголеми и оти тие треба да ја бараат ИД. Ние ќепомогнеме. Но, во моментов товарот е на нас и тоа не е праведно“.

Генералниот секретар на НАТО Столтенберг во четвртокот потврди дека се разгледува можноста за зголемување на вклученоста на Алијансата на Блискиот исток.

„Значи, за мене, не е изненадување што Соединетите држави бараат НАТО да направи повеќе, затоа што всушност ова порака од Соединетите држави е подолго време. Ние разгледуваме што повеќе можеме да направиме. Се разбира дека во НАТО носиме одлуки со консензус, затоа ни треба процес, ни треба согласност“.

Осврнувајќи се врз тензиите со Иран Трамп оцени дека иранскиот нуклеарен договор не функционирал. Повлекувањето на САД од овој договор, според него, било со цел Вашингтон и Техеран да преговараат за нов.

„Можеби сакаат да чекаат до изборите и да преговараат со слаб демократ, некој како Бајден“, рече Трамп, мислејќи на можниот претседателски кандидат на Демократската партија Џо Бајден.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG