„Да се укине фејсбукот за жените да не можат да се прегледуваат една со друга“, предложил жител од пелагониското село Долно Агларци во анкетен прашалник, одговарајќи на тоа како руралната жена да стане успешен претприемач без стереотипи и предрасуди. Истражувањето го спроведуваше Здружението „Зелена берза“ од Битола со цел да се надминат стереотипите кои се дискриминаторски кон жените. Беа анкетирани 350 жени и мажи од повеќе села во општините Новаци, Могила, Крушево и Битола.
Анкетираните лица одговориле дека во нивните средини се соочуваат со многу предрасуди.
„Одговориле дека во нивните микро средини има сè и сешто, поделба по верска, етничка политичка основа, економска потчинетост, озборување, хиерархија во домот и непочитување на жената. Имаше интересен дел каде беше предложено да се укине фејсбукот за да не можат жените да се прегледуваат една со друга“, рече Билјана Ристевска од „Зелена Берза“, вклучена во делот истражување и анализа во проектот.
Според спроведеното истражување, дискриминацијата на жената во руралните средини постои, но ретко се зборува за неа.
„На прашањето дали жената е дискриминирана во однос на мажите, сите припадници на машкиот пол рекоа дека нема дискриминација. Имаше и жени кои не сакаа да одговорат потврдно на ова прашање иако анкетата беше анонимна, но на крајот во разговор признаа дека има дискриминација на повеќе полиња, дека немаат имот на сопствено име, немаат возачка дозвола, па се зависни од превоз, дека се финансиски зависни од мажите, дека немаат голема поддршка за студии, се мажат млади и со обврските немаат време за себе“, рече Ристевска.
Статистичките податоци на ниво на држава покажуваат дека расте бројот на мажи како носители на индивидуално земјоделско стопанство за 10.354 мажи, додека жените се намалени за 92. Но, во Пелагонискиот Регион бројот на жени се зголемува, за 990 жени ги има повеќе како носители на индивидуално земјоделско стопанство од мажи.
Но, колку жената од руралната средина има време за културен живот?
„На прашањето дали жената е вклучена во културниот живот, повеќето испитаници одговорија со „не“. Имаше и такви кои одговорија со „да“, но велат дека тоа е поретко и сметаат дека е губење на време посетата на кино, театар“, рече Ристевска.
Иако повеќето од половината испитаници одговориле дека имаат здравствено осигурување, кажале дека тоа е всушност здравствено осигурување на сопругот, односно не им е лично. Од „Зелена берза“ велат дека со тоа се наметнува прашањето колку жената од руралната средина во поодминати години би била финансиски стабилна и независна?
„Ќе има работни состаноци, дебати, ќе се оди на терен. Во рок од шест месеци ќе имаме активности со руралните жени, ќе се работи да бидат повеќе информирани, што може да се направи со пензиското осигурување“, рече Валентина Соколовска претседател на „Зелена берза“.