Достапни линкови

Политичката кампања на Фејсбук во „сива зона“


Илустрација
Илустрација

Никој не знае колку точно партии трошат на рекламирање и спонзорирање објави на социјалните мрежи, иако сме сведоци дека тоа се случува. Експертите посочуваат дека поголема опасност се партиските ботови и Фејсбук страниците, кои не се формално поврзани со партиите, а шират лажни вести и создаваат паника кај населението.

Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 09 ноември 2019.

Рекламирањето на политичките партии на социјалните мрежи за време на предизборната кампања е во „сива зона“. Во финансиските извештаи кои партиите ги поднесуваат до Државната изборна комисија може да се види колку пари потрошиле за рекламирање на телевизија, на радио и на интернет портали, па дури и конкретно кој медиум колку добил, но нема ниту збор за тоа колку партиите потрошиле за спонзорирање објави на Фејсбук, иако сме сведоци дека социјалните мрежи се преплавуваат со политички кампањи. Може точно да се провери колку минути реклами на пример имало на Телма или на Радио Роса и колку пари чинело тоа или колку му е платено на Плусинфо за одреден банер, но не може да се провери колку пари се потрошени за спонзорирање објави на Фејсбук. Во ДИК велат дека партиите немаат обврска да ги пријават тие пари кај нив.

Лаги за сеење страв пред референдумот

Додека во светот се водат жестоки дебати за влијанието на социјалните мрежи врз гласачите, за борбата против лажните вести кои најчесто се шират преку Фејсбук, и обидите гигантите како Фејсбук или Твитер да се стават под некаква контрола, во Македонија нема податоци ни колку пари партиите трошат на рекламирање на социјалните мрежи, ниту пак кој ги плаќа тие пари и преку која сметка се исплаќаат.

Упатените велат дека е полесно да се регулираат официјалните канали за комуникација на политичките партии на социјалните мрежи, но поголем предизвик се оние канали кои формално не се поврзани со нив.

Дарко Алексов од Граѓанската асоцијација Мост вели дека политичките партии имаат обврска да ги достават годишните финансиски извештаи до Државниот завод за ревизија, а овие извештаи подлежат и на ревизија.

„Се поставуваат две прашања: Дали партиите ги пријавуваат овие трошоци во годишниот извештај и доколку ги пријавуваат, дали при вршењето на ревизијата ДЗР ги бара и фактурите кои се доставени за овие трошоци. Согласно законските одредби, ДЗР би требало да ги бара овие документи при вршењето на ревизијата“, вели Алексов.

Сепак, тој посочува дека поголем предизвик се неофицијалните канали преку кои се пуштаат политичките пораки.

„Единствен начин да се таргетираат тие неофицијални, прокси канали каде што има, условно кажано, спонзорирање на содржини на социјалните медиуми е преку јавен притисок и транспарентно, јавно објавување на оние коишто тоа го прават“, вели Алексов.

Главниот проблем во ваквиот тип рекламирање е во тоа што ако видите реклама на телевизија за политичка партија, јасно е дека зад таа реклама стои и ја плаќа партијата, но рекламите на Фејсбук може да ги плаќаат и „агилни“ и „мотивирани“ поединци и организации.

Внимателно со приватноста на социјалните мрежи

Антикорупционерката Вања Михајлова вели дека социјалните мрежи тешко може да се контролираат, но може да се изврши барем одредено влијание.

„Дека е сива зона, тоа е точно, посебно што не се знаат ни сопствениците. Мислам дека еснафските здруженија треба да преземат мерки, освен со закон, ЗНМ, Агенцијата за медиуми, затоа што социјалните мрежи многу тешко можете да ги контролирате“, вели Михајлова.

Голем ефект за мали пари

Продукција на фото и видео содржини наменети исклучиво за социјалните мрежи, споделување, плаќање реклами за таа содржина да стигне до што повеќе луѓе, плаќање луѓе и креирање лажни профили на социјалните мрежи, или таканаречени живи ботови, за пораките побрзо и поинтензивно да се шират. Кога партиите сакаат да водат позитивна кампања, ботовите се посредниците преку кои се води црната кампања и се шират дезинформации, за политичките претставници „да не си ги извалкаат рацете“.

Социјалните мрежи, барем во светот, станаа главна арена на која се води политичката битка. Победата на американскиот претседател Доналд Трамп или кампањата за Брегзит, според голем број меѓународни аналитичари, се должеа пред сè на добро дизајнираните кампањи на Фејсбук. Нема податоци колкаво е влијанието на политичкото рекламирање на социјалните мрежи во Македонија, но штом толку интензивно се користи, тогаш сигурно има ефект, велат упатените.

„Сакам да верувам дека тоа е водено врз база на искуство, сакам да верувам дека тоа е водено врз база на емпирија, којашто потврдува дека има влијание, иако во одреден сегмент сме свесни дека социјалните медиуми создаваат еден вид на ехо комора во којашто самите себе си се споделуваме, се гледаме, се задоволуваме со тие работи и многу тешко може да излеземе надвор од тој затворен свет за да сфатиме дали тоа има влијание или не. Од друга страна, пазарот се разви на начин на којшто локалните граѓани најчесто и најмногу се информираат на социјалните медиуми“, вели Дарко Булдиоски, специјалист за дигитален маркетинг.

Експертот за политички маркетинг Петар Арсовски вели дека повеќе од половина од населението ги добива информациите за политичките случувања онлајн, дали преки портали или преку социјални мрежи и затоа е нормално партиите интензивно да ги користат.

„Дали се социјалните медиуми ефикасни во политичката комуникација? Апсолутно да, бидејќи тие навлегуваат поинтимно во сферата на политичкото одлучување одошто традиционалните медиуми. Социјалните медиумите и интернет порталите се далеку поевтин медиум одошто традиционалните медиуми и партиите во таа смисла, според некои последни сознанија, трошат премалку пари на социјални медиуми и на интернет портали, имајќи го предвид нивниот опсег. Но, треба да се има предвид дека социјалните медиуми и традиционалните медиуми се различен вид медиуми. Кај социјалните медиуми поентата е да се поттикне дебата и да се поттикне двонасочна комуникација, додека традиционалните медиуми се подобри за таканаречена пропаганда или реклама“, вели Арсовски.

Политикологот Никола Спасов вели дека социјалните мрежи се многу важни за дневната комуникација.

„Знаеме дека пенетрацијата на интернетот и социјалните мрежи од прилика стига до половина од гласачкото тело, што значи дека самата кампања преку нив самостојно не е доволна, но е поддршка на главната кампања, односно на дневните ПР и други медиумски активности на партиите, што значи дека таа треба практично да ги следи останатите активности и треба да биде поддршка на сето она што се случува во медиумите“, вели Спасов.

Западен Балкан глув на алармот за дезинформации

Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека светските искуства покажаа дека влијанието на политичките кампањи е огромно, а во некои случаи дури и пресудно.

„За македонски услови какво е и колкаво е влијанието може да се види преку одредени посредни податоци, на пример од каде граѓаните ги добиваат вестите за политика, од каде се информираат. Некаде на 10-15 проценти од граѓаните, според повеќе истражувања, главниот начин или главниот медиум преку кој ги добиваат информациите се социјалните мрежи, што е на некој начин позначајно од дел од традиционалните медиуми, како што се радиото или весниците, но се разбира сè уште е далеку позади телевизиите, барем кај нас“, вели Божиновски.

Главната опасност се „живите ботови“ кои шират лажни вести

Светски позната стана руската „фабрика за тролови“ од Санкт Петерсбург, која креира дигитални профили, односно ботови, на социјалните мрежи кои треба да засилат одредена порака или лажна вест. Во Македонија, пак, оваа работа сè уште ја прават луѓе, таканаречени „живи ботови“.

На тој начин партиите се заштитени, зашто страниците кои ги шират ваквите вести не се формално поврзани со нив, но создаваат наратив или „продаваат“ приказна која не мора да е точна, но им оди во прилог. Експертите посочуваат дека илјадниците профили на социјалните мрежи кои споделуваат одредена порака имаат дури и поголемо влијание отколку плаќањето реклама.

Дарко Булдиоски објаснува дека на овој начин партиите се обидуваат да се надмудруваат со алгоритмите на Фејсбук кои одредена содржина ја прават повидлива ако е споделена од поголем број луѓе.

„Самиот факт што има армии на ботови, односно луѓе коишто имаат креирано стотици или илјадници профили на Твитер и на Фејсбук, коишто имаат за задача да ја шират или засилуваат таа порака којашто одредени политички елити ја комуницираат, всушност е помоќна отколку самата реклама. Мислам дека имаат моќ, дури и локално, тие таканаречени партиски ботови да засилат одредена порака, дури и да сме свесни дека станува збор за наменски ангажирана група на луѓе коишто го прават тоа со одредена политичка цел“, вели Дарко Булдиоски, специјалист за дигитален маркетинг.

Нови руски тролови пред бриселските порти

Спасов вели дека таквите канали за комуникација служат и за партиите „да не си ги валкаат рацете“.

„Предноста на социјалните мрежи е што има многу неформални канали, преку кои може да се испраќаат пораки коишто не се подобни или не се соодветни за директно да одат преку официјалните канали на партијата или преку официјалните гласноговорници и оттаму кампањата на социјалните мрежи се одвива на многу нивоа. Има многу групи во коишто се испраќаат пораки, многу пејџови коишто не се директно поврзани со партиите, а се во функција на политичка кампања и таа повеќеслојност дозволува вистински да се работи и да се влијае врз јавното мислење“, вели Спасов.

На Фејсбук постојат цели, како што ги нарекуваат експертите, еко-системи преку кои се шират ваквите лажни вести. Има Фејсбук-групи со по десетици илјади, па и сто илјади членови во кои се споделуваат лажни вести, а меѓу членовите на групите има и луѓе кои не се свесни дека се таму или се чудат како стигнале во таква група. Експертите го објаснуваат начинот: Прво се формира Фејсбук група во која се споделуваат интересни содржини, на пример за спортски мотоцикли. Луѓето коишто ги интересира оваа тема ѝ се придружуваат на оваа група за да бидат во тек со информациите што ги интересираат. Кога групата ќе собере доволен број фанови, таа се преименува и на нејзините фанови почнува да им пласира сомнителни вести од сомнителни извори.

Граѓанската асоцијација Мост преку проектот за борба против лажните вести ги мониторира ваквите групи, кои најчесто промовираат анти-НАТО, анти-ЕУ и антизападни наративи. Пораките не мора да се поврзани со дневна политика, туку имаат цел да сеат страв и да шират паника кај граѓаните и да ја „инфицираат публиката со недоверба кон институциите“, како лажните приказни за киднапирање деца и продажба на органи, кои не се поткрепени со ништо.

Според податоците на Државниот завод за статистика, над 80 отсто од населението во Македонија користи интернет.

Твитер забранува политички реклами, Фејсбук не сака да цензурира

Социјалната мрежа Твитер целосно ќе го забрани политичкото рекламирање, наведувајќи дека пристапот до таквите пораки треба да се заслужи, а не да се купи. Фејсбук претходно соопшти дека нема да го прави тоа, под образложение дека во демократија, приватните компании немаат право да цензурираат вести или политичари.

Гоце Атанасов

Твитер го забранува политичкото рекламирање на својата платформа, соопшти главниот извршен директор на компанијата, потег што освои пофалби од демократите и презир од претседателската кампања на Доналд Трамп.

Фејсбук: За вакцините само научни факти

„Донесовме одлука да го запреме целото политичко рекламирање на Твитер на глобално ниво“, рече извршниот директор на Твитер, Џек Дорси.

„Ние веруваме дека пристапот на политичката порака треба да се заработи, а не да се купи“, вели тој.

Експертот Шошана Водински во врска со најавите на Твитер изразува скептичност:

„Чувствувам дека сè уште ќе гледаме многу политичка содржина на платформата и дел од тоа се случува да биде преку платени медиуми, без разлика дали Твитер може или не може да го предвиди тоа“, вели таа.

Аналитичарите не очекуваат забраната која стапува во сила на 22 ноември, значително да му го намали бизнисот на Твитер.

Компаниите за социјални медиуми, вклучително и „Фејсбук“, ривалот на „Твитер“, се соочуваат со силен притисок да престанат да објавуваат реклами кои шират лажни информации што може да влијаат врз изборите.

Извршниот директор на Фејсбук, Марк Цукерберг ја бранеше политиката на компанијата за објавување реклами од политичари иако содржат лажни или погрешни тврдења, велејќи дека Фејсбук не сака да го задуши политичкиот говор:

„Дали би забраниле реклами за здравствена заштита или имиграција, или зајакнување на жените? И, ако не сакате да ги забраните тие, дали има смисла да им дадете на сите други глас во политички дебати, освен на самите кандидати“, вели тој.

Експертот Шошана Водински за ова вели:

„Фејсбук е компанија во приватна сопственост. Значи, јасно е дека дел од ова мора да е некако финансиски или политички мотивиран. И според мене, барем она што ми го кажува инстинктот, е дека ова е негов обид повеќе да ја придобие конзервативната база на фанови“, вели таа.

Фејсбук самиот објави дека и некои вработени ја критикувале ваквата политика на Фејсбук. Цукерберг проценува дека рекламите од политичарите би учествувале под 0,5 отсто од приходите на „Фејсбук“ во следната година. Веста за забраната на Твитер ги подели политичките кампови во Соединетите Држави во пресрет на претседателските избори догодина. Според републиканците, ова е уште еден обид на левичарите да ги замолчат Трамп и конзервативците. Демократите ја поздравија одлуката.

„Во соочувањето со изборот помеѓу доларот и интегритетот на нашата демократија, охрабрувачки е што, барем еднаш, профитот не победи“, изјави Бил Русо, портпаролот на кампањата на демократскиот кандидат Џо Бајден.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG