Достапни линкови

Паушални сметки за намалени трошоци во Електростопанство


Илустративна фотографија - работник во ЕВН.
Илустративна фотографија - работник во ЕВН.

Ако за одреден месец добиете повисока или пониска сметка за струја, тоа значи дека операторот ви наплаќа паушал, бидејќи од „оправдани причини“ не успеал да го отчита вашето броило. Правилата вака се утвредени наеодамна, главно заради намалување на трошоците на операторот, велат од РКЕ.

За да избегнат сметки со „паушална“ проценка за потрошената електрична енергија, воведена е можност за домаќинствата и фирмите сами да направат отчитување на нивните броила за струја и потоа да ја достават состојбата до операторот на електродистрибутивниот систем, велат за РСЕ од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

Вака е утврдено со последните измени на Правилата за снабдување со електрична енергија, според кои меѓу другото операторот на дистрибутивниот систем нема обврска да направи отчитување на мерните уреди на потрошувачите повеќе од еднаш во годината.

Тоа, како што наведуваат од РКЕ, е направено заради „оптимизирање на човечките ресурси“ кои треба да доведат до намалување на цените кои влијаат врз цената на електричната енегија која ја плаќаат крајните потрошувачи.

„Согласно информациите со коишто располага Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, операторот на електродистрибутивниот систем ги прифаќа самоотчитаните состојби на мерните уреди. Со тоа што операторот е должен да изврши најмалку еднаш отчитување во текот на една календарска година, овозможува да се изврши порамнување на реалната потрошувачка на електрична енергија“, велат од РКЕ.

Веќе постојат случаи кога домаќинства или фирми добиваат пуашални сметки за електрична енергија, како на пример сопственик на мал бизнис во Скопје кој ни раскажа дека неодамна за прв пат добил паушална сметка од ЕВН од околу 15.000 денари.

Тој вели дека за тоа побарале образложение од ЕВН, а оттаму им било објаснето дека паушалот им стигнал бидејќи не било извршено читање на броилото, но дека во следната сметка ќе ја платат разликата, односно откако ќе биде направено отчитување на броилото, а доколку потрошиле повеќе од паушалот, сумата ќе им стигне на една сметка.

„Проблем е што веднаш треба да платиме повисока сума за електрична енергија“, велат луѓето од фирмата додавајќи дека нивните простории се во зграда во Скопје, а брoилата се достапни во секое време за вработените од ЕВН да направат проверка.

Од Електродистрибуција (ЕВН) за овие случаи објаснуваат дека иако немаат обврска да вршат отчитувањете на броилата повеќе од еднаш годишно, според Законот за енергетика, Мрежните правила и Правилата за снабдување со електрична енергија донесени од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, нивните екипи извршуваат отчитување на броилата секој месец, освен кога во тоа се попречени.

„Отстапка од овој работен процес се прави само во два случаи, прво поради невозможност на отчитување: броилото не може да се отчитува поради тоа што корисникот е отсутен (не е дома или во објектот), спречување на екипите за отчитување од страна на корисникот, непристапност до мерното место поради тешки временски услови, годишни одмори итн. Отчитување во секој момент - Далечинските броила автоматски се отчитуваат во секое време“, велат за РСЕ од ЕВН Македонија.

Постојат и други случаи кога потрошувачи неколку месеци по ред добивааат сметки од нула денари, а од ЕВН наведуваат оти тоа е така бидејќи потрошувачот плаќал повисока сума во сметките за претходните месеци.

Иако во изминативе години скоро сите корисници на електрична енергија добија дигитални броила кои автоматски се отчитуваат, од ЕВН не даваат одговор зошто мораат да вршат мерења и проверка на броилата на терен. Сепак од таму уверуваат дека Електродистрибуција нема никогаш да наплати повеќе од она што корисникот го има потрошено.

„Ако корисникот нема отчитано броило и добие сметка со претпоставени вредности во кои има повеќе или помалку kWh, тие во следната сметка ќе бидат впишани или одземeни. Корисниците кои сметаат дека добиле фактури за електрична енергија со повисока сума од нивната потрошувачка, може да ја споредат потрошувачката во kWh наведена на фактурата со потрошувачката во kWh на броилото. Доколку има разлика во kWh, корисниците може да се обратат до службите на Електродистрибуција со барање за корекција“, велат од ЕВН.

Правилата за снабдување со електрична енергија последен пат се менувани оваа година, но Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги има направено промени и претходно во 2018 и во 2015 година.

Оттаму велат дека според Членот 29 од Правилата за снабдување со електрична енергија, операторот на електродистрибутивниот систем им врши отчитување на мерните уреди најмалку еднаш во текот на календарската година на потрошувачите приклучени на низок напон, без вграден мерен уред за регистрирање на едновремена врвна моќност или за потрошувачите со мерни уреди со вграден уред за регистрирање на едновремена врвната моќност, кај кои што врвната моќност не се фактурира.

„За останатите категории на приклучоци утврдени во Тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија отчитувањето се врши на почетокот на секој календарски месец“, велат од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Исто така и според Член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија, велат од РКЕ, доколку операторот од било која оправдана причина не успеал да изврши отчитување на мерниот уред во предвидениот рок, пресметката на потрошената електрична енергија за тековниот пресметковен период ќе се изврши збирно со пресметката за потрошената електрична енергија во наредниот пресметковен период.

„Во овој случај операторот има право да изврши проценка на потрошувачката и проценката да ја достави до снабдувачот. Точната пресметка и соодветното порамнување ќе се изврши кога ќе се создадат услови за отчитување на мерниот уред. Снабдувачот може да ги прифати податоците од самоотчитувањето на мерните уреди од страна на потрошувачот за пресметковниот период во кој операторот не извршил отчитување“, велат од РКЕ.

Ваквиот начин на отчитување и самоотчитување на мерните уреди е широко прифатен во земјите во Европа“, велат од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG