Достапни линкови

Помилување и „автентични“ партиски толкувања


Претседателот на Собранието, Талат Џафери
Претседателот на Собранието, Талат Џафери

Автентичното толкување на членот 11 од Законот за помилување, пред пратениците нема да се најде пред 11 декември. Прво ќе се чека мислење од Владата, па ќе се расправа за барањето за автентично толкување, велат од Законодавно-правната комисија. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе има некои игри околу тоа кој и како треба да биде опфатен со тоа автентично толкување.

Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека ќе започне собраниска процедура за барањето автентично да се толкува законот за помилување. Тој денеска до Владата и до претседателката на Законодавно-правната комисија ќе достави писма со барањето од СДСМ за автентично толкување на членот 11 од Законот.

Џафери вели дека седницата може да се закаже дури по завршувањето на дебатата за Буџетот на Комисијата за финансирање и буџет, по 11 декември.

Тој вели дека иако постојат одредени дилеми во однос на барањето и членот 11 од Законот за помилување, тој е должен барањето да го проследи во натамошна процедура. Според него, Уставниот суд, меѓу другото, треба да каже што значи неговата одлука од март 2016 година во која се наведува дека членот односно измените и дополнувањата на Законот се укинуваат.

Мираковска - Прво мислење од Влада, па расправа во Комисијата

Законодавно-правната комисија (ЗКП) ќе чека мислење од Владата пред да расправа за барањето за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, соопшти денеска претседателката на Комисијата, Соња Мираковска.


„Ако го барате мојот личен став – сметам дека членот 11 не постои затоа што во 2016 година со укинувањето на законот од 2009 може сите одредби да ги укине Уставниот суд, но не и да оживее одредба од законот од 2009, на која се повикува и претседателот за да даде помилување“, рече Мираковска. Според неа, сепак ќе мора да се почека и мислењето на Владата.

На прашањето зошто се бара да се толкува одредба што е укината, Мираковска вели дека „можеби нема да се толкува“.

Мицевски - Ќе има некои игри

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски денеска изјави дека е нејасно зошто барањето за автентично толкување на СДСМ се однесува на членот 11 од Законот за помилување, кога Владата го коментира членот 11-а од Законот.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го следи ставот на претседателот на партијата, и инсистира да се прифатат нивните барања со закон да се забрани занимавање со политика на аболицирани политичари“, рече Мицевски.

Барањето ќе се разгледа откако ќе се добие мислење од Владата, а неговите очекувања, како што кажа, се дека ќе има некои игри околу тоа кој и како треба да биде опфатен со тоа автентично толкување.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера рече дека ВМРО- ДПМНЕ ќе ја поддржи секоја иницијатива поднесена во Парламентот се со цел за да се стави крај на злоупотребата на аболицијата.

Беса и Алијансата ќе коментираат откако ќе го видат барањето

Пратеникот Фадил Зендели од Беса, кој е член на Законодавно-правната комисија денеска изјави дека не може да каже официјален став за барањето на СДСМ за автентично толкување бидејќи се уште не го добил, но вели дека принципиелно е против помилување и оти тоа што сега пред избори се прави е препукување или калкулации на политичките партии.

Пратеникот Сурија Рушити од Алијансата на Албанците денеска изјави дека нивниот став во однос на помилувањата е конзистентен и дека тие сметаат оти треба да има суштинска борба против криминалот и корупцијата во државата.

И Рушити вели дека прво сака да го погледне барањето за автентично толкување за членот 11 пред да го коментира.

Иницијативата за автентичното толкување уследи по одлуката на Уставниот суд да ја стави на дневен ред иницијативата за оценувањето на одлуката на поранешниот претседател Ѓорге Иванов за повлекување на аболицијата.

Од Судот информираат и дека донеле решение за поведување на постапка за оспорениот член 11-а од Законот за помилување.

XS
SM
MD
LG