Достапни линкови

Распоредени 1839 рамковни вработени, над 900 уште седат дома


Најголем дел од вработените според Рамковен договор или 831 лице ќе завршат во 15 министерства. Останатите ќе бидат рапсоредени во дополнителни 175 институции. Но, се уште голем дел од рамковните вработени седат дома и земаат плата.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е предводник на листата по распоредени државни службеници вработени според Рамковниот договор. До септември годинава вкупно 1839 државни службеници, според податоците до кои дојде РСЕ, се распоредени во 190 државни институции, а најголем од нив или 831 лица ќе станат дел од петнаесет министерства, односно сите во состав на Владата освен министерството за политички систем и односи меѓу заедниците кое е надлежно за спроведување на Рамковниот договор.

Во министерството за земјоделство се распоредени 128 вработени, осум помалку или 120 завршиле во МВР. Потоа следи министерството за економија со 90 службеници и министерството за правда со 86. Подолу на листата се министерството за одбрана со 65 вработени и министерството за финансии со 64. Најдолу на листата е министерството за локална самоуправа со 8 распоредени рамковни вработувања.


Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Садула Дураки пред два месеци изјави дека 938 вработени, според Рамковниот договор, и натаму ќе седат дома, а ќе добиваат плата.

„Сегашната влада имаше одлука за распределба на 938 административци во институции и од нив за 519 почна постапката и тоа во сите ресори кои се на ниво на владата, каде имаме одговор и правиме селекција во прва фаза. Верувам дека првата фаза ќе помине без никаков проблем и потоа ќе преминеме на втората фаза, при што со владина одлука треба да се направи распределба на 938 административци“, изјави Дураки за ТВ 21.


До објавувањето на текстот од министерството не добивме одговор што ќе се преземе за тие 938 вработени што останале дома и дали распоредените службеници одговараат на потребите на институциите. Одговор не добивме и од министерството за земјоделство и од МВР каде се распоредени најголем број од рамковните вработени на прашањата дали всушност тие се преземени и дали доаѓаат на работа.

Универзитетскиот професор Темелко Ристески смета дека процесот на нивна распределба оди бавно и досега требаше да биде завршен.

„Решавањето на тој проблем, односно исполнувањето на таа договорна обврска уште се влечка. Тоа е факт и нема дилема. Се трошат парите на граѓаните на луѓе коишто не работат, седат дома. Треба да работат, да создаваат нова вредност треба да ги сервисираат граѓаните и за тоа да земаат плата. Овие не го прават тоа, а земаат плата. Плата се зема за работа, не за неработење“, вели Ристески.

Според него, тие треба да се распределат на такви работни места кои ќе овозможат да бидат максимално искористени согласно нивната стручна подготвеност.

„Со оглед на нивниот голем број се поставува прашање дали ќе се постигне ова да бидат максимално искористени согласно нивната стручност и согласно со принципот вистинскиот човек на вистинското место. Јас се надевам дека ако се настојува со тек на време тоа ќе се постигне и може да се постигне за тие луѓе нависитна да бидат ефикасно искористени“, додава Ристески.

После министерствата од останатите институции предничи Царинската управа со 62 рамковни вработувања, Фондот за здравство со 58, Центарот за управување со кризи каде се распоредени 47 лица, како и 43 во Државниот завод за статистика.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG