Утре се одбележуваат осумнаесет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година и се постави рамка за меѓуетнички соживот.
Преговорите започнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде што завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје, Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери. Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.
Целосно и безусловно отфрлање на употребата на насилство за остварување на политички цели, како и целосно сочувување на мултиетничкиот карактер на Република Македонија, се само дел од основните принципи кои се наведени во Охридскиот рамковен договор.
Меѓу останатите одредби на Рамковниот договор се и развој на децентрализирана власт, недискриминација и правична застапеност и изразување на идентитетот.
Со Рамковниот договор се предвидува да се ревидира Законот за локална самоуправа со кој ќе се зајакнат овластувањата на избраните локални претставници и значително ќе се зголемат нивните надлежности во согласност со Уставот и Европската повелба за локална самоуправа.
Договорот предвидува целосно почитување на принципот на недискриминација и рамноправен правичен третман на сите лица пред законот. Овој принцип особено ќе се применува во однос на вработувањата во јавната администрација и јавните претпријатија.
Во Уставниот суд, една третина од судиите ќе се избираат од страна на Собранието, со мнозинство од вкупниот број на пратеници, припадници на заедниците. Истата постапка важи и за изборот на Народниот правобранител и на тројцата членови на Судскиот совет.
Според договорот, на централно ниво, уставните амандмани и Законот за локална самоуправа нема да можат да се усвојат без квалификувано двотретинско мнозинство, при што ќе мора да има мнозинство од гласовите на пратениците што припаѓаат на заедниците. Истиот принцип важи и за донесување на закони што директно ги засегаат културата, употребата на јазикот, образованието, личните документи и употребата на симболи, како и законите за локално финансирање, локални избори, градот Скопје и за општинските граници.
Во однос на симболите, Охридскиот договор предвидува непосредно до симболот на Македонија, локалните власти да може на предната страна од локалните јавни објекти да постават симболи со кои се обележува индентитетот на заедницата која е мнозинство.
За успешно спроведување на Договорот, подоцна е формиран Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој е дел од Владата на Република, а започнал да функционира од јануари 2008 година. Секретаријатот има задача да го спроведе целосно договорот и да обезбеди административна и стручна подршка на заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за спроведување на рамковниот договор.
Искусните аналитичари оценуваат дека договорот ја остварил целта во однос на исполнувањето на две клучни барања на граѓаните.
„Прво, тој придонесе земјава да излезе од прагот на една граѓанска војна со сериозни последици кои ги имавме во другите поранешни југословенски републики и второ тој придонесе да се промени Уставот на РМ кој беше за Албанците генератор на кризата во меѓуетничките односи и поттикнувач на незадоволството кое беше во подем неколку години наназад од промените на Уставот во 1991 година“, оценува политичкиот аналитичар Насер Зибери.
Имплементацијата на договорот одеше бавно, се сеќава Зибери, како во однос на донесување на измени на закони, така и во однос на вклучување на етничките заедници во јавниот сектор, но и во однос на создавање на покохезивно општество. Тој вели дека бавната имплементација на договорот со години таложела фрустрација кај етничките Албанци.
Сепак, минатата година беше донесен и Законот за употреба на јазиците, а на 14 јануари годинава тој излезе во Сужбен весник, но само со потпис од собрансикиот спикер Талат Џафери. Во буџетот за 2019 се предвидени 257 илјади евра за Агенцијата за спроведување на Законот за јазиците и за Инспекторат кој ќе надгледува дали законот се спроведува.
„Во целина мислам дека договорот ги постигна целите на овој план. Тој не е димензиониран само временски, техничкиот дел да, но неговиот дух треба постојано да се негува од политичките субјекти кои ја имаат довербата да владеат во земјата. Ако тоа се постигне тоа ќе биде најголема придобивка, а тоа значи дека Македонија ќе биде кохерентно општество во кое навистина граѓаните ќе се чувствуваат еднакви, а не дискриминирани и обесправени. На тој план мислам дека недоволно се работи. Тука во прв ред мислам дека затајува Собранието, во делот на функционирање на Комитетот за меѓуетнички односи, но и во начинот на функционирање на институциите кои духот на договорот треба да го имаат како водилка при носење на одлуки и постапувања“, вели Зибери.
Во изминатите години не заостануваа и критиките од граѓанскиот сектор од кадешто забележуваа дека покрај тоа што договорот ја остварил основната цел, документот се претворил во субјект за политичко препукување, преку кој партиите добиваат политички поени.