Достапни линкови

“Macedonia is GReat”, не е против, но не е ни во духот на Преспанскиот договор


Ознаката „Macedonia the GReat“ не е регистрирана како трговска марка и затоа за неа не може да расправа македонско-грчката комисија. Според упатените, употребата на ознаката не го прекршува Договорот од Преспа, но порачуваат дека македонските власти треба на ист начин да возвратат.

Употребата на ознаката „Macedonia the GReat“ не е во духот на Договорот од Преспа, но не претставува и негово прекршување, велат упатените. Од македонскиот тим во комисијата за трговски марки меѓу двете земји коментираат дека ознаката не е регистрирана како трговска марка. „Macedonia the GReat“, со потенцирани букви GR како кратенка за Грција и буквата „М“ како ознака, испишани со бело на сина позадина, како што најавија грчките власти се новите колективни трговски ознаки за грчките производи од грчката област Македонија.

Копретседавач на македонскиот тим Ѓорѓи Филипов вели дека ознаката не е регистрирана во Европскиот завод за интелектуална сопственост или на Светската организација за интелектуална сопственост и тоа значи дека не можела да биде предмет на разгледување, ниту на грчкиот, ниту на македонскиот дел од Меѓународната група на експерти.

„Во врска со слоганот “Macedonia is GReat”, не сум овластен јас, ниту кој било друг член од грчка или македонска страна, ниту пак некој од претставник од меѓународните организации да даваме коментари во име на Меѓународната група на експерти. Доколку биде пријавен како трговска марка, за тоа ќе се изјасни соодветниот завод пред кого ќе се бара признавање“, вели Филипов.

Договорот од Преспа предвидува дека две страни се согласуваат да ги поддржат и охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен, структурен и добронамерен дијалог во чиј контекст ќе се бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата кои произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно нив.


Адвокатот Марин Гавриловски, кој се занимава со прашања за индустриска сопственост вели дека она што Грците сега го прават е еднострано пуштање на кампања којашто не е во согласност со оваа одредба од договорот, но од друга страна, сѐ додека комисиите не постигнат одредена согласност, постои таканаречен статус кво, односно секој може да го употребува зборот „Македонија“ во комерцијална употреба колку сака и како сака.

„Тоа што Грците го прават не е во духот на Преспанскиот договор, меѓутоа не е изричито забрането со одредба од Преспанскиот договор затоа што сѐ додека не се испреговара комерцијалната употреба на името, останува во сила досегашната комерцијална употреба“, вели Гавриловски.

Кампањата која ја промовира Грција, според него, претставува копија на британската „This is Great“ од 2012 година. Тој додава дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со воведувањето на ознаката ги исполнува ветувањата дека максимално ќе го „амортизира“ негативниот ефект на Договорот од Преспа. Според него, и македонските власти можат да возвратат на ист начин, но тие немаат стратегија.

„Додека македонските политичари прават кампањи за избори, место да го подобруваат меѓународниот углед на државата, туку се свртени внатре во себе и правење на кампањи за избори, другите си работат на терен и си ја подобруваат својата преговарачка позиција за во иднина кога ќе дојде време да се разговара за комерцијалната употреба на името Македонија“, смета Гавриловски.

По презентацијата на кампањата Мицотакис порача дека новата колективна ознака „отсега, па натаму ќе ги придружува македонските производи и услуги низ целиот свет.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG