Договорот од Преспа се спроведува согласно предвидено, велат од Владата, а за извршување на обврските од спогодбата на 5 февруари годинава е формирана Меѓуресорска работна група. Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис неодамна изјави дека грчката влада, има комисијата за учебниците, но и комисија која во нејзино име го следи спроведувањето на договорот. Договорот во грчкиот Парламент беше ратификуван на 25 јануари, оваа година.
Од Владата велат дека Меѓуресорската работна група ја следи динамиката на реализација и имплементација на обврските на Република Северна Македонија, согласно Конечната спогодба, како и целокупното спроведување на Конечната спогодба од обете договорни страни.
„Конечно, прерогатив и на двете страни е да ја следат имплементацијата на обврските кои произлегуваат од Конечната спогодба. Активностите од конечната спогодба се спроведуваат согласно предвидените параметри опишани во спогодбата.“, наведуваат од Владата.
Во работната група членуваат генералниот секретар на Владата и неговиот заменик, државните секретари од министерствата за надворешни работи, правда, внатрешни работи, финансии, транспорт и врски, како и од Секретаријатот за европски прашања и за законодавство. Дел од комисијата се и шефот на Канцеларијата на премиерот и двајца негови советници, како и директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата.
Според Симонида Кацарска од Институтот за европска политика ЕПИ, една година е краток период за да се процени дали договорот ги исполнил очекувањата.
„Може да сумираме дека ни ја отвори вратата кон членството во НАТО. Креираше нова динамика на односот со Република Грција, при што ние во Европскиот совет и во многу меѓународни форуми добивме сојузник, наместо противник. Секако европската интеграција и почетокот на преговорите е се уште пред нас и веројатно за да ја направиме таа проценка на која сме фокусирани ќе треба да го почекаме октомври. Меѓутоа, мора исто така да бидеме свесни дека договорот имаше поголема улога да ги трансформира односите во регионот и да постави пример за решавање на билатералните спорови“, вели Кацарска.
Согласно договорот, досега беа преименувани министерствата и државните институции, како и нивните интернет страници. Граѓаните во пасошите добија печати со назнака дека и припаѓаат на Република Северна Македонија. Автомобилите при излез од земјата добија налепници со нови ознаки. Во свидетелствата на учениците е вметнато новото име. Таблите на граничните премини и на аеродромот во Скопје се испишани со новото име.
Во рок од 5 години, како што е наведено во договорот, ќе треба целосно да се сменат личните карти, пасошите и регистарските таблички на возилата, како и сета останата документација на јавната администрација за надворешна, но и за внатрешна употреба.
Премиерот Зоран Заев наведе дека потпишувањето на Договорот со Грција придонел за зголемување на трговската размена меѓу двете земји и раст и на извозот.
„Како резултат на потпишувањето на Договорот со Грција, трговската размена во 2018 година се зголеми за 15,8 отсто, а извозот порасна за 5,8 отсто. Во периодот јануари-мај 2019 меѓусебната трговска размена продолжи со позитивен тренд од 4,7 отсто“, напиша Заев на Фејсбук.
Варвициотис порача и дека договорот не одговорил на националните стандарди на грчката страна и дека Владата сега се справува со последиците.