Во најновите мерки и пресметки претставени во предлог буџетот за 2020 година, поранешниот министер за финансии и член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески гледа најлошо структурирана државна каса креирана од популистичките обиди на власта да ги поткупи гласачите за изборите догодина.
Во неделното интервју за Радио Слободна Европа тој вели дека предложениот буџет нема развојна компонента и дека е некоректна интерпретацијата на власта дека со него се инвестира во човечкиот капитал.
„Она што го забележав овие денови е што приходите се многу оптимистички планирани и многу е тешко да се остварат. Обично приходите се планираат како зголемување по стапка која е збир на предвидената стапка на раст 3,5 и стапката на инфлација која е 1, 5 за 2020 година. И тоа би дошло некаде приходите предвидени за 2020 година да бидат за 5 проценти повисоки од она што ќе се оствари во 2019 година, но сега растот на приходите е предвиден на 7 проценти и тоа нема шанса да се реализира, особено ако се има предвид дека забавува светската и европската економија што ќе има негативни последици во земјава. Мислам дека пречестото користење на фразата дека инвестираме во човечки капитал е некоректно, затоа што тие инвестиции се долгорочни, дават ефекти на долг рок, тоа се инвестиции во образование, во доделување на здравствена заштита, инвестиции во рамките на претпријатијата за стекнување на квалификации од страна налицата кои работат таму итн“, вели Славески во интервјуто за РСЕ.
Тој додава дека предлог буџетот нема тенденција на подобрување на структурата и потребата на буџетите да има повеќе развојна компонента, а помалку средства за тековни расходи. Славески вели дека владата е неспособна за капитални инвестиции, а средства кои не се вложуваат во инфраструктура, изградба на училишта, болници итн. популистички ги наменуваат за тековни трошења, плати, пензии, социјални издатоци. На тој начин, како што вели, владата се обидува да ги поткупи гласачите преку популистички мерки, жртвувајќи ја притоа ја иднината на развојот на земјата.
И според професорот Алаудин Зекири од Тетовскиот Универзитет овој буџет е обемен, но според него, истиот има развојна компонента, а резултатите би требало да се видат во првиот квартал од 2020 година.
„За да се реализира приближно буџетот за 2020 година треба да имаме мултипликтивни ефекти во стопанството, во националната економија. Е сега, колку ќе биде издржливо нашето стопанство по основ на даноци, да се собираат и акумулираат приходи и колку тие приходи ќе се алоцираат кон вистински намени на трошоци, допрва ќе покаже првото тромесечие од 2020 година. Ценам дека ќе има ефект, но колку тој ќе биде објективен, ќе покаже факторот време“, вели професор Зекири.
Зекири не се согласува со ставот на опозицијата дека изборите се причина за вака конструираниот буџет кој става акцент на зголемувањето на плати во секторите здравство, образование и социјала.
Владата: Со буџетот инвестираме во човечки капитал
Владата уверува дека зголемувањето на плати и пензии, субвенции, пари за рурален развој, за помош на стопанството, предвидени во најновиот предлог буџет не се со цел да се поткупат гласачите, туку се резултат на тоа што на домашната економија и оди добро.
„Ова е резултат на чесни и на храбри политики, коишто денеска дале можност и мегдан да споделиме со нашиот народ заслужено право да почувствува, од сите овие политики коишто досега се донесени во овие две години пет месеци и 11 дена, да може граѓаните да ги почувствуваат бенефитите од таквите политики“, рече Заев.
На презентацијата на буџетот пред новинарите, министерката за финансии Нина Ангеловска и премиерот Зоран Заев рекоа дека две третини од буџетот ќе оди во секторите здравство, образование и социјала.
Министерката Ангеловска рече дека мора да се инвестира во човечкиот капитал за да се намали иселувањето од државата.