Достапни линкови

Неколку институции со нула реализација на капитални инвестиции


Илустрација
Илустрација

Најслаба реализација на капитални инвестиции имаат институциите кои на располагање имаат од неколку илјади до неколку десетици илјади евра. Меѓу Министерствата, најслабо стои Министерството за локална самоуправа, кое за 9 месеци потрошило само три отсто од предвидените пари, додека владата потрошила само четири отсто.

Неколку државни институции за девет месеци не потрошиле ниту денар за капитални инвестиции, односно имаат реализација нула. Сепак, не се работи за големи суми, и најслабите реализатори на капитални инвестиции за годинава предвиделе капитални инвестиции од неколку илјади до неколку десетици илјади евра.

Најслаба реализација меѓу министерствата има Министерството за локална самоуправа, кое за првите девет месеци од годинава потрошило помалку од три отсто од капиталните расходи предвидени за до крајот на годината, покажуваат податоците на Министерството за финансии. Министерството за информатичко општество и администрација за девет месеци потрошило само 13 отсто од предвидените пари за целата година.

Реализацијата на капиталните инвестиции во државата е помалку од 38 отсто, но голем број државни органи се далеку под овој просек. Од предвидените 369 милиони евра, државните институции за девет месеци потрошиле 139 милиони евра.

Податоци за капитални инвестиции. Извор: Министерство за финансии
Податоци за капитални инвестиции. Извор: Министерство за финансии

Антикорупциската комисија, Комисијата за заштита од дискриминација, Инспекцискиот совет, Финансиската полиција, Агенцијата за промоција на туризмот и Државниот архив се меѓу оние кои не потрошиле ни денар. Меѓу министерствата, најслабо стои Министерството за локална самоуправа, а со добра реализација не може да се пофалат ни трите клучни институции во државата – Владата, Кабинетот на Претседателот и Собранието.

Владата на пример има реализација од под 4 отсто, односно за девет месеци потрошиле помалку од 1,4 милиони евра од предвидените 37 милиони евра.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев пред десетина дена рече дека тие 37 милиони евра се предвидени за откупување на уделот на Макпетрол во ГА-МА.

„Доколку се дојде до таква спогодба, ќе имаме и денеска точка на дневен ред со помош на медијација на Енергетската заедница од Виена, со Макпетрол и доколку нормално бидат запазени сите законски постапки веројатно и Парламентот ќе треба да се изјасни за тоа. Значи, тие средства се предвидени за таа намена и тие ќе бидат наеднаш реализирани и затоа се предвидени толку средства“, рече Анѓушев на 29 октомври.

Во Кабинетот на Претседателот имаат на располагање само 23 илјади евра. Од таму велат дека веќе имаат потпишано договори за јавни набавки, кои ќе бидат исплатени до крајот на месецов, со што реализацијата ќе биде над 90 отсто.

Собранието за годинава предвидело капитални инвестиции од 630 илјади евра, но до крајот на септември потрошиле само 16 отсто од овие пари. Не добивме одговор на што се должи ниската реализација.

Во Министерството за локална самоуправа велат дека реализацијата сега им е поголема отколку на крајот на септември, но оти вообичаено ги реализираат парите на крајот на годината.

„Јавните набавки ги реализираат Центрите за развој и општините, вообичаено во втората половина од годината, а Министерството за локална самоуправа врши исплата на средствата фазно, со тоа што над 60 насто од средствата се реализираат во декември“, велат во Министерството.

Во Министерството за информатичко општество, пак, велат дека за реализација на јавните набавки на софтвер и на хардвер е потребен подолг период, најчесто од шест до осум месеци и затоа реализацијата се зголемува на крајот на годината.

„Процентот на реализација повеќекратно ќе се зголеми и со реализација на двата најважни капитални проекти предвидени во буџетот на МИОА за 2019 година. Тоа се Модернизација на Информатичкиот систем за управување со човечки ресурси - ИСУЧР и Модернизација на системот за управување со документи - ДМС. Реализацијата на овие проекти е извесна затоа што договорите се веќе потпишани и ќе бидат имплементирани до крајот на годинава“, велат во Министерството

Проектот за изградба на IP/MPLS мрежа, пак, е одложен за следната година.

Најдобра реализација, пак, има Агенцијата за иселеништво која ги потрошила сите 1600 евра кои ѝ биле ставени на располагање, а висока реализација има и Агенцијата за разузнавање.

Меѓу министерствата, најголема реализација има Министерството за финансии со 77 отсто и Министерството за култура со реализација од 65 отсто на капиталните расходи.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG