Иако официјална Москва постојано изјавува дека нема проблем со проширувањето на Европската унијата на Балканот, сè додека овој процес не е придружуван од проширувањето на НАТО, последните неколку месеци дејствувањето на Кремљ покажува оддалечување од таа „официјалната позиција“, велат аналитичарите.
Според Институтот за безбедност од Виена, Австрија, центар кој ги анализира политичките прилики на Балканот, Москва покажува дека не сака проширување на ЕУ со Западен Балкан, исто како што не сака ширење на НАТО, само што не го покажува тоа толку директно како по прашањето за Алијансата.
„Руската пропагандна машина непречено ја опишува ЕУ како слаба, неефикасна и неуспешна да обезбеди просперитет за Западен Балкан. Кремљ нема сомнеж за поддршка на евроскептичните партии, па дури и со задоволство ги поттикнува внатрешните поделби во ЕУ“, се наведува во најновиот извештај на виенскиот Институт за безбедност.
Тука, велат аналитичарите, се поставува прашањето - Дали е тоа само нова стратешка реторика на Москва или Кремљ има нов план?
Македонско-албанските тензии секогаш се интересни за Кремљ
На Русија, се нагласува во извештајот, ѝ недостасуваат ресурси и решеност целосно да се натпреварува за Западен Балкан, и нема што да им понуди на балканските земји како реална алтернатива за да ги повлече од ЕУ и од НАТО кон нејзините економски и одбранбени структури. Затоа, велат од виенскиот институт, „Кремљ гледа на балканските конфликти како најдобра гаранција за интересите на Русија во регионот“.
Овие анализи Москва редовно ги отфрла и негира, со тврдења дека нејзините намери кон регионот се чесни и се во насока на демократија и просперитет.
Дека Русија, за да ги оствари своите политички цели, сака конфликтен и нестабилен Балкан, предупреди и поранешниот помошник американски државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, во обраќањето на Самитот на „Економист“ во Скопје.
„Русија се обидува да воспостави контрола и доминација врз целиот регион, не сака консолидација на Западен Балкан и поддржува внатрешни конфликти за да ги спречи владите на земјите во регионот да се приближат кон Запад“, рече Мичел и предупреди дека ако земјите од регионот не станат дел од ЕУ, нешто друго ќе ја пополни таа празнина, без оглед дали тоа ќе бидат Русија и Кина или нови етнички судири.
Од тие можни етнички судири, според Инситутот за безбедност од Виена, еден од најинтересните моменти за Москва се повремените тензии меѓу етничките Албанци и Македонците во Северна Македонија, и како што се вели во извештајот на виенсиот институт, „тие тензии се предмет на редовни руски официјални декларации секогаш кога Северна Македонија ќе избере нова, реформска влада, подготвена да направи компромис за решавање на етничките проблеми за да се забрза интеграцијата во ЕУ и во НАТО“.
Москва ќе направи се за да избегне политичко понижување
За да станат дел од ЕУ, балканските земји треба да ја приспособат својата политика кон Русија, т. е. да се воведат санкции за Русија и визи за руските граѓани. Овие мерки, анализираат во Институтот за безбедност, нема да ѝ наштетат премногу на руската економија, но ќе бидат понижувачки чекор што Кремљ би сакал да го избегне.
Поради тоа, Русија се обидува да ги попречи и ЕУ и НАТО во Западен Балкан, на што е можно подолг период. Затоа, како што вели Вес Мичел, потребно е поголемо демократско присуство на ЕУ и САД во регионот.
Наша цел е, вели Мичел, во регионот да има демократски држави кои ќе ги почитуваат законите и во кои ќе нема потенцијал за меѓуетнички и други конфликти, да има политичка и економска сигурност, наспроти другата визија за регионот- визијата за авторитарни режими со корупција и нестабилност.