Вести
Поранешниот претседател Иванов останува во „Џевахир скај сити“

Владата нема да ги раскине договорите за закуп на канцелариите на поранешните претседатели Ѓорѓе Иванов и Бранко Црвенковски, како што вчера побара Антикорупциска комисија. Според владиниот портпарол, Муамет Хоџа, додека не се измени законската регулатива за правата и привилегиите, тие ќе постапуваат согласно постојните закони.
„Владата на РСМ делува во согласност со позитивните законски одредби. Доколуима промени во однос на привилегиите на поранешните функционери на РСМ, Владата ќе ги почитува и ќе дејствува според нив. додека се на сила овие ингеренции и привилегии за поранешните функционери, односно додека е на сила истиот закон,така и ќе се применува“, рече Хоџа.
Антикорупциската комисија вчера побара раскинување на договорите за закуп на канцеларии на поранешните претседатели Ѓорге Иванов и Бранко Црвенковски, откако утврдиле дека, како што соопштија, канцелариите на Иванов биле избрани во нетранспарентна постапка“. На дописот од Антикорупциска, Иванов реагираше со демант.
види ги сите денешни вести
Светска банка прогнозира раст на македонската економија од 2,6 проценти годинава

Раст од 2,6 проценти на македонската економија годинава, 2,7 отсто во 2026, и 2,8 проценти во 2027 година, прогнозира Светска банка во Редовниот економски извештај за Западен Балкан, објавен денеска (28 април).
Во однос на проекциите на СБ од есента минатата година се забележува зголемување од 0,1 процентен поен кај македонскиот БДП за годинава, а намалување за 0,3 проценти поени кај проекцијата за следната година.
Во извештајот се предвидува дека економскиот раст во Западен Балкан малку ќе забави во 2025 година како последица на послабата надворешна побарувачка и економската несигурност која пак, произлегува од менувањето на глобалните трговски политики што би можело негативно да влијае врз бизнисите и довербата на потрошувачите.
Светска Банка предвидува дека комбинираниот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија ќе достигне 3,2 проценти во 2025 година, што е за 0,5 процентни поени под претходните проекции. Растот се предвидува да забрза до 3,5 проценти во 2026 година.
„Забележуваме одредени позитивни економски трендови во Западен Балкан кои ја потенцираат отпорноста на регионот и треба да го поткрепат цврстиот економски раст. Пониската инфлација и растот на платите ја поддржуваат потрошувачката, а јавните инвестиции почнуваат да се зголемуваат“, вели во пишана изјава Шиаочинг Ју, директорка на Светска банка за регионот на Западен Балкан.
Надолна корекција од 0,3 процентни поени за годинава има за албанската економија, за каде е проектиран раст од 3.2 проценти, кај БиХ и кај Црна Гора исто така надолна корекција за по 0,5 процентни поени, со што растот во тие држави ќе изнесува 2,7 проценти, односно три проценти.
Кај Косово има пад на проекцијата за 0,1 процент со којшто БДП ќе изнесува 3,8 проценти, а кај Србија исто така пад но за 0,7 проценти и српската економија ќе има раст од 3,5 проценти.
Од друга страна, Ју потенцира дека е зголемена домашна несигурност во неколку економии во Западен Балкан.
Според Светска банка, глобалната трговска несигурност веројатно негативно ќе влијае врз Западен Балкан како резултат на забавувањето на економската активност во еврозоната. Ваквото забавување би можело да ја намали трговијата со стоки и услуги, како и инвестициите и дознаките.
Во извештајот се наведува дека за време на овие периоди на несигурност, диверзификацијата на изворите на раст и обновата на агендата на структурни реформи се најделотворните стратегии за одржување на економската отпорност.
Клучните мерки вклучуваат отстранување на пречките на пазарот на трудот, односно подобрување на регионалната економска интеграција, подобрување на стандардите за управување, како и зголемување на пазарната конкуренција за поттикнување на продуктивноста и поддршка на долгорочниот раст.
Освен тоа, посочува СБ, за земјите на Западен Балкан, побрзото спроведување на реформите за пристапување во ЕУ – како што се приклучувањето во Единственото подрачје за плаќање во евра (СЕПА) и воведувањето на „зелени ленти“ за рационализирање на прекуграничната трговија – би можело дополнително да ја подобрат довербата на бизнисите, да привлечат инвестиции и да го поттикнат создавањето на работни места.
Од неодамна и Северна Македонија стана дел од единствената зона за плаќање во евра (СЕПА).
Според Светска банка, шесте земји на Западен Балкан треба да дадат приоритет на реформирањето на системите за социјална заштита и услугите за вработување.
Ова, сметаат од Светска банка, ќе ѝ помогне на работната сила во секоја од овие земји да се справи со негативните временски прилики како што се поплавите, сушите и шумските пожари и да биде подготвена за нови можности за вработување чии главен двигател е зелената транзиција.
Деновиве пак, во својот најнов извештај, Меѓународниот монетарен фонд, наведе дека растот на македонската економија оваа и следната година ќе изнесува 3,2 проценти, со стапка на инфлација од 3,4, односно 2,2 проценти.
Веднаш потоа, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, оцени дека проекцијата на Владата за раст на економијата на земјава од 3,7 проценти е реална.
„Оваа криза која дава голема неизвесност ние како држава може многу да ја искористиме, во смисла на префрлање на капацитетите од европските земји. Капацитетите во европските земји ќе се затвораат и понатаму, затоа што царините значат повисоки набавни цени и на тој начин европскиот пазар ќе бара алтернативи за отворање капацитети онаму каде што ќе имаат на некој начин поевтина работна сила. Иако во земјава веќе не е евтина работната сила, но е сепак на пониско ниво од европската. Оттука мислам дека проекцијата од 3,7 проценти е реална“, рече Димитреска-Кочоска.
Од Владата велат уверуваат дека остануваат посветени на поттикнување на динамично економско опкружување и создавање можности за натамошен раст. Владината портпаролка Марија Митева неодамна изјави дека македонскиот бруто-домашен производ (БДП) забележал раст од 3,2% во последниот квартал од 2024 година, со што вкупниот раст на БДП за целата мината година достигнал 2,8 проценти.
Ивановска: Претседателката на ДКСК веднаш да си поднесе оставка, бидејќи ја „инфицира“ институцијата

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, мора веднаш да поднесе оставка од функцијата, зашто сè уште ја инфицира институцијата, порача поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска.
Нејзиниот коментар следува откако актуелната претседателка на Антикорупциска од минатата недела е вклучена во проширената акција за случајот „Адитив“, поради одавање службени тајни на друг обвинет во случајот.
„Претседателката на ДКСК мора под најитно да си поднесе оставка затоа што на овој начин сè уште ја инфицира институцијата, значи треба да се тргне за институцијата да може слободно да се чисти“, изјави Ивановска одговарајќи на новинарски прашања пред одржувањето на сесијата на Националната конвенција за ЕУ во РСМ посветена на борбата со корупцијата.
Ивановска вели дека сега не е време да се седи со скрстени раце и дека инволвираноста на Димитровска во овој случај го подрива кредибилитетот на институцијата која треба да се бори против корупцијата во општеството.
„Се случило што се случило, сега треба да гледаме како понатаму, значи треба да се бара чаре. На потег е Собранието – кои механизми може да ги преземе, што може самата институција да направи од аспект на самопроцена на ризици од корупција. Ние сме правеле и претходно во насока на зголемување на интегритетот на таа институција, имаме регистар со ризици од корупција и мерки како тие да се надминуваат. Тоа треба сега да се преиспита, да се види кои се високите ризици, со какви контроли треба да се покријат итн“, апелира Ивановска.
Аттуелната претседателка на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска е третоосомничена во рамки на истрагата за предметот „Адитив“.
Од обвинителството информираа дека таа „преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈО ГОКК“.
Предметот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј.
Обвинети се 31 физичко лице и 5 правни лица.
Според обвинителството, осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.
Судир меѓу полицијата и демонстрантите пред Факултетот за физичко образование во Нови Сад

Полицијата употребила сила во обид да ги отстрани студентите и граѓаните, собрани на нивен повик, пред влезот на Факултетот за спорт и физичко образование (ДИФ) во Нови Сад за време на блокадата.
На видеата објавени на социјалните мрежи може да се забележи како полицијата ја тепа толпата со палки. Полициските единици употребиле и солзавец.
Демонстрантите одговориле на полициската акција со туркање, фрлање шишиња и полевање вода врз нив.
Тие скандираа „рацете ви се крвави“, „спуштете ги штитовите“ и слоганот на студентските протести „пумпај“.
Студентите во блокадата и граѓаните се собраа пред Факултетот за спорт и физичко образование на 28 април во утринските часови, со цел да ги спречат деканот Патрик Дрид и неговите соработници да влезат во зградата и да ја пробијат блокадата на тој факултет.
Деканот за медиумите потврди дека ја повикал полицијата, а пред факултетот биле распоредени единици на жандармеријата и интервентна полиција опремени за разбивање на демонстрациите.
Факултетот за спорт и физичко образование во Нови Сад, заедно со десетици високообразовни институции во Србија е во блокада веќе неколку месеци.
Блокадите ги предводат студенти, а фокусот на нивните барања е утврдување на кривична и политичка одговорност за смртта на 16 лица во железничката несреќа во Нови Сад.
Деканот на Факултетот за спорт и физичко образование, Патрик Дрид, се спротивставува на блокадата и, спротивно на волјата на студентскиот пленум, се обидува да организира настава.
На 28 април, тој за телевизијата Н1 изјави дека повеќето студенти сакаат да полагаат испити и дека „група блокатори“, за кои рече дека не ги познава и кои ги гледа за прв пат, не му дозволува да влезе на универзитетот.
Денеска Дрид се појави пред факултетот, каде што беше пречекан од голема група студенти, професори кои ги поддржуваат блокадите и граѓани кои се јавија на студентскиот повик.
Студентите го нарекоа протестот „Утринска вежба“ и рекоа дека нема да дозволат Дрид да ја пробие блокадата на факултетот.
Толпата го поздрави деканот со свирчиња и тапани и од него побараа оставка.
„Сите ве молиме да поднесете оставка сега, дајте оставка, повеќе не сте на власт, дајте оставка додека не ве избркаат сите ваши студенти“, му рекоа насобраните на деканот.
Шестмесечните масовни протести и студентски блокади беа предизвикани од несреќата на железничката станица во Нови Сад, каде што 16 лица загинаа кога на 1 ноември падна настрешницата на зградата.
Властите тврдат дека барањата на студентите се исполнети, повикувајќи ги да ги отворат факултетите.
Студентските протести станаа симбол на пошироко незадоволство од владеењето на правото во Србија - заедно со прашањето дали небрежноста и корупцијата на системот доведоа до уривање на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад и смрт на 16 лица.
Зад барањата на студентите, покрај стотиците илјади граѓани кои со месеци се собираат на протести, застанаа бројни универзитетски професори, едукатори, земјоделци, адвокати и актери.
Објавен нов меѓународен тендер за електрична конекција со Албанија

АД МЕПСО објави меѓународен тендер за изградба на 400-киловoлтната конекција со Албанија, проект за комплетирање на регионалниот енергетски коридор Исток-Запад што е од клучно значење за регионалната интеграција и за енергетската стабилност на државата.
Новиот тендер е објавен откако, како што објаснуваат од компанијата, претходниот изведувач преку неоправдани барања за дополнителни средства и еднострано напуштање на теренот го загрози проектот и јавниот интерес поради што беше раскинат договорот со него.
Со тендерот се предвидува изградба на 100-тина километри надземен далновод од Трансформаторската станица Битола 2 до македонско-албанската граница во вредност од околу 17 милиони евра, финасирани преку заем и грантови од ЕБОР и европските фондови.
Рокот на доставување на понуди е 45 дена, а се очекува во третиот квартал од годинава да биде избран најповолниот понудувач. Реализацијата на проектот треба да почне на почетокот на следната година, а целосно да биде завршен до крајот на 2027 година.
„Изградбата на овој интерконектор ќе го позиционира нашиот систем како суштински дел од европската електроенергетска инфраструктура, овозможувајќи стабилно учество на регионалните пазари, пристап до системски балансни услуги и обезбедување на посигурно, поекономично снабдување за сите граѓани“, рече генералниот директор на АД МЕПСО Бурим Љатифи на денешната прес-конференција во Владата.
Изградбата на новиот интерконектор, додаде, ќе значи значајно зголемена отпорност на преносната мрежа со минимизиран ризик од прекини и ценовни шокови, отворен простор за приклучување на нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, стратешка интеграција на регионалните и европските пазари што долгорочно ќе придонесе за стабилни, достапни и конкурентни цени на електричната енергија.
„Веќе се исплатени околу 5,8 милиони евра кон претходниот изведувач Енергоинвест од кои околу два милиони евра се вратени преку банкарските гаранции. Не би рекол дека има финансиски реперкусии, бидејќи исплатените средства се отидени за набавка на опрема која е наша сопственост и е околу 50 проценти од опремата која ни треба за целосна реализација на проектот. За да потврдиме дека опремата и квантитативно и квалитативно е на ниво, ангажиравме стручни лица од Машински и Електрофакултет кои тоа го потврдија“, рече Љатифи.
Се очекува тендерот да заврши во третиот квартал од годинава кога треба да биде избран изведувачот, изведбата на проектот да започне на почетокот од 2026, а целосно да биде завршен до крајот на 2027 година.
Од 3 мај летови од Скопје до Барселона и до Лион

Меѓународниот аеродром Скопје од 3 мај се поврзува со Барселона и Лион. Летовите ќе ги реализира авиокомпанијата „Виз ер“ со субвенции од Владата, потврдија денеска на прес-конференција ТАВ Македонија и Виз Ер.
На релацијата Барселона-Скопје ќе има летови двапати неделно, во вторник и сабота, а до Лион трипати, во вторник, четврток и в сабота.
Првиот лет од Скопје за Барселона ќе се реализира в сабота во 18.50 часот, а двајца патници ќе добијат бесплатни авиобилети преку избор на социјалните мрежи.
„По тригодишна пауза пак ги поврзуваме Скопје и Барселона по воздушен пат. Враќањето на оваа линија е резултат на заедничка визија, соработка и силна заложба од страна на нашите партнери Владата и Визер“, рече денеска (28 април) на прес-конференција Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Курт верува дека оваа линија ќе биде уште попопуларна од пред три години и со многу патници.
Меѓународниот аеродром Скопје првпат се поврзува со Лион, град под заштита на УНЕСКО и роден град на кинематографијата.
Курт соопшти дека таргетирани им се и дестинациите на шпанското и италијанското крајбрежје, враќање на линијата кон Ларника во Кипар, како и отворање директни линии кон Прага и Мадрид.
Со финансиска поддршка од Владата на крајот на март требаше да стартува и летот Скопје-Дубаи, со Флај Дубаи, но е одложен за наесен. Според раководството на ТАВ, олеснувањето на визниот режим што го најави Владата ќе донесе многу патници на најавената линија.
Главниот соработник на Марин Ле Пен најави кандидатура за претседателските избори

Претседателот на француската десничарска партија Национален собир, Жордан Бардела, потврди дека ќе се кандидира на француските претседателски избори во 2027 година, доколку неговата менторка Марин Ле Пен, која веќе трипати беше кандидат и важи за фаворит, биде спречена да учествува поради судска пресуда за проневера.
„Јасно е дека Марин Ле Пен е мојот кандидат, но ако утре ѝ биде забрането да се кандидира, мислам дека можам да кажам дека јас ќе бидам нејзиниот кандидат“, изјави Бардела во интервју за „Ле Паризиен“.
Дваесет и деветгодишниот Бардела, кој е и претседател на групата Патриоти за Европа во Европскиот парламент, долго време се сметаше за наследник во Национален собир, но досега немаше јавно изразено подготвеност да влезе во претседателската трка.
Тој се наметна како најочигледен кандидат на најголемата крајнодесничарска партија во Франција откако Ле Пен беше прогласена за виновна за проневера и доби петгодишна забрана за извршување јавни функции.
Ле Пен и уште 23 обвинети се товарат дека незаконски користеле повеќе од 4 милиони евра средства од Европскиот парламент за плаќање на соработници кои формално биле асистенти на пратеници, но всушност работеле за партијата.
„Работам и се подготвувам“, рече Бардела, нагласувајќи ја „апсолутната неопходност за останување обединети“.
Тој истакна и дека „Марин Ле Пен ужива презумпција на невиност“ и најави дека ќе ги искористат сите правни средства за да ја бранат нејзината невиност.
Апелацискиот суд ќе ја донесе конечната одлука за случајот до летото следната година.
Северна Кореја потврди дека испратила војници да се борат против Украина

Северна Кореја за првпат официјално потврди дека испратила свои војници во Русија за поддршка на Москва во војната против Украина, во рамки на нивниот договор за взаемна одбрана, јави јужнокорејската агенција Јонхап.
Според државната севернокорејска новинска агенција КЦТА, испраќањето на војниците било наредено од лидерот Ким Џонг-ун.
Ова е прва официјална потврда на присуството на севернокорејски војници во Русија, неколку месеци откако илјадници нивни војници беа распоредени во Курската област за борбени дејства.
„Операциите за ослободување на Курската област за одбивање на авантуристичкиот упад на украинските власти во Руската Федерација завршија успешно“, соопшти КЦТА, додавајќи дека припадниците на вооружените сили учествувале во операциите по наредба на Ким Џонг-ун.
Претходно и Русија призна дека распоредила севернокорејски војници во борбата за потиснување на украинските сили од Курската област.
На видеоконференција, генералот Валериј Герасимов, началникот на рускиот Генералштаб, му рече на претседателот Владимир Путин дека севернокорејските војници дале значаен придонес во „ослободувањето“ на регионот од украинските војници.
Коментарите го потврдија она што украинските и западните претставници одамна го кажуваа дека Пјонгјанг испратил илјадници војници да се борат заедно со руските сили. Американските претставници изјавија дека повеќе од 11 000 севернокорејски војници учествувале во битката и претрпеле големи загуби.
Герасимов рече дека корејската мисија е во согласност со договорот за партнерство меѓу двете земји.
Во изминатите недели украинските сили се повлекуваа во овој регион, додека руската армија полека напредуваше.
Украинските сили претходно имаа заземено неколку стотици квадратни километри на руска територија, вклучувајќи и клучна пумпна станица за транспорт на руски гас кон Европа.
Украинските лидери ја оправдаа оваа офанзива со цел да добијат подобра преговарачка позиција. Наскоро потоа, претседателот Володимир Зеленски предложи територијална размена, која Москва веднаш ја одби.
Единаесет мртви и над 20 повредени откако возило влета во публиката на фестивал во Ванкувер

Полицијата во Ванкувер соопшти дека 11 лица загинале, а повеќе од 20 се повредени кога возило влетало во толпа луѓе на уличен фестивал во овој канадски град, пренесува Ројтерс.
Полицијата соопшти дека возачот е во притвор по инцидентот што се случил во саботата, 26 април.
Градоначалникот на Ванкувер, Кен Сим, изјави дека е шокиран и тажен од ужасниот инцидент на фестивалот „Денот на Лапу Лапу“ на Филипините.
Канадската полиција соопшти дека возачот е во притвор.
Канадската полиција во недела, 27 април, соопшти дека смртоносниот инцидент на филипинскиот фестивал во Ванкувер веројатно не е терористички напад.
„Во овој момент, уверени сме дека овој инцидент не е терористички чин“, соопшти полицијата во Ванкувер на платформата X.
Полицијата се обидува да утврди зошто 30-годишниот осомничен удрил со своето возило во толпата.
Инцидентот се случи на два дена пред парламентарните избори во Канада што се одржуваат во понеделник )28 април, додека членовите на филипинската заедница се собирале да го прослават Денот на Лапу Лапу, изјави градоначалникот на Ванкувер, Кен Сим.
Фестивалот го одбележува филипинскиот антиколонијален водач од 16 век. Фестивалот, кој особено се слави во Филипини, му оддава почит на Дату Лапу-Лапу, филипински поглавар кој славно ги победи шпанските сили предводени од Фердинанд Магелан во Битката кај Мактан во 1521 година и стана национален херој.
„Скршен сум кога слушнав за ужасните настани на фестивалот Лапу Лапу во Ванкувер“, напиша канадскиот премиер Марк Карни.
Градоначалникот на Ванкувер, Кен Сим и премиерот на Британска Колумбија, Дејвид Еби, објавија слични коментари на социјалната мрежа X.
Еден сведок за CTV News изјави дека видел црно возило како вози неправилно во фестивалската зона, непосредно пред да се удри во толпата.
Џагмит Синг, лидер на Новата демократска партија на Канада, бил меѓу присутните на настанот, но заминал неколку минути пред инцидентот, според CTV News.
„Ова е толку ужасно, дури и не знам што да кажам“, го цитираше Синг телевизијата.
„Бев таму и само ги замислувам лицата на децата што ги видов како се смеат и танцуваат“.
По инцидентот во Ванкувер, е формиран 24-часовен центар за помош.
Полицијата информираше дека полицајците и работниците за поддршка на жртвите се достапни да им помогнат на сите што не можеле да стапат во контакт со некој што бил на фестивалот.
Родителите на загинатите во пожарот во Кочани маршираа за правда и одговорност

Време е да се пресече синџирот на криминалот и да се истера правдата на виделина, затоа што и врапчињата знаат за корупцијата и злото што владее кај нас, порачаа родителите на настраданите во пожарот во клубот „Пулс“ на четвртиот протестен марш „Задоцнета реакција“ што денеска (26 април) се одржа во Кочани.
Во пораката до институциите кои се одговорни за функционирање на системот во државата побараа тие да не ја одбегнуваат одговорноста и да ја сфатат болката што ја чувствуваат по своите деца.
„Дали ќе прикривавте луѓе кои се соучесници ако убиените деца беа вашите? Можеби тогаш ќе сфатите дека единствената причина за којашто се бориме е правдата за нашите млади убиени деца. И претходно, и сега, и во иднина ве потсетуваме дека нема да застанеме тука, ќе се гледаме на други места, посилни. Ова е само почеток на нашата борба за прерано згаснатите животи, за нивните нереализирани соништа, за нивната насилно прекината младост. Правда мора да има и сите соучесници во ова убиство мора да одговараат пред законот“, порача Јулија Златкова, мајка на настрадан во пожарот.
Во краткиот прекин на маршот пред зградата на Општина Кочани, во која се сместени државните инспекциски служби, беше упатено прашање дали им е потребна дополнителна обука за да можат ефикасно да си ги извршуваат работните задачи.
Пред Полициската станица во Кочани, учесниците на маршот побараа одговорност од полициските службеници кои претходно не ја спречиле трагедијата во „Пулс“.
„После таа кобна ноќ дознаваме дека таа дискотека била дувло за многу криминални дејствија, меѓу кои за продавање, купување и консумирање дрога. Дали се правевте слепи и заради нечии профити дозволивте цената да ја платат нашите деца со нивниот прерарно одземен живот. Која е причината за вашето постоење како државен орган воопшто? Затоа бараме одговорност од вас, МВР, затоа што можеби други ве амнестирале, ама ние не“, порачаа од протестниот марш.
Пред Основниот суд и Обвинтелството родителите и блиските на починатите побараа правдата да биде задоволена и да се соопштат вистинските виновници за несреќата.
„Да ги прашаме обвинителите, дали толку вредеа животите на нашите деца, па да постапуваат со „притвори – пушти“. Дали виновните си ја плаќаат слободата? Кој потпишува документи дека децата ни се безбедни на јавни простори? Здравиот разум размислува што ќе потпише, а нечесниот и алчен потпишува без да се плаши пред судот Божји“, рекоа родителите.
Протестниот марш заврши во Паркот на Револуцијата од каде и почна, а роднините на настраданите порачаа дека ќе продолжат со собирите и во наредниот период ќе бидат уште погласни во барањата за правдата.
Вкупно 52 лица и три фирми се опфатени со проширената истрага на Обвинителството за системски пропусти кои доведоа до тешки последици од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Истрагата уште не е готова, а според најавите на државниот обвинител Љупчо Коцевски таа ќе трае уште најмалку два месеца.
Пожарот избувна ноќта на 15 наспроти 16 март при што загинаа 61 млади луѓе, а речиси 200 беа повредени. Дел од повредените сѐ уште се на лекување во странство.
Кратка, но продуктивна средба Трамп-Зеленски пред погребот на папата Франциск

Американскиот претседател Доналд Трамп имаше „многу продуктивен разговор“ со украинскиот претседател Володимир Зеленски пред погребот на папата Франциск во Ватикан, изјави официјален претставник на Белата куќа.
Стивен Чунг, директор за комуникации на Белата куќа, рече дека Трамп и Зеленски „се сретнале приватно денеска (26 април) и имале многу продуктивен разговор“.
„Повеќе детали за состанокот ќе бидат објавени подоцна“, рече тој, а пренесе Ројтерс.
Портпаролот на Зеленски, Сергеј Никифоров, изјави дека двајцата претседатели се сретнале пред да присуствуваат на погребот и разговарале околу 15 минути.
Тој рече дека Трамп и Зеленски се согласиле да се сретнат подоцна истиот ден за понатамошни разговори пред американскиот претседател да го напушти Рим.
„Се надевам на резултати за сè што опфативме. Заштита на животите на нашите луѓе. Целосен и безусловно прекин на огнот. Сигурен и траен мир што ќе спречи избувнување на уште една војна“, напиша Зеленски на X во објава споделена по погребот.
„Многу симболичен состанок што има потенцијал да стане историски, ако постигнеме заеднички резултати.“
Трамп и Зеленски се сретнаа и со францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер на маргините на погребот. Канцеларијата на Зеленски соопшти дека состанокот меѓу четворицата лидери „бил позитивен“.
Појавувањето на Зеленски на погребот било дочекано со аплауз од толпата кога бил виден како пристигнува на плоштадот Свети Петар.
Разговорот меѓу Трамп и Зеленски на погребот се нивна прва средба лице в лице по нивната јавна расправија во февруари во Белата куќа. Исто така, ова се случува во време кога претставникот на Трамп, Стив Виткоф, разговараше со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ на 25 април.
Потоа, Трамп тврдеше дека договорот за завршување на војната е „многу блиску“ и го повика Зеленски да го „заврши тоа“ во објава на социјалните мрежи.
Тој претходно ги предупреди двете страни дека Вашингтон е подготвен да се откаже од напорите предводени од САД за посредување во мировен договор меѓу Киев и Москва, доколку наскоро не се постигне договор.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете