Достапни линкови

Има ли грешни политичари и бизнисмени во „Рекет“


Дали има грешни функцонери поврзани со „Рекет“, а и бизнисмени за кои има индиции во јавноста, но и во објавените аудио снимки. Обвинителството засега е фокусирано само на исплатата од бизнисменот Орце Камчев, а упатените велат дека треба да се истражат сите сомнежи.

Ако некој се огрешил пред законот ќе одговара, но премиерот Зоран Заев не верува оти има грешни функционери во редот на СДСМ откако во јавноста некои имиња од владејачката партија се поврзуваа со аферата „Рекет“. На листата на осомничени засега се три лица, Бојан Јовановски, Зоран Милески и Катица Јанева за купувањето на слободата на бизнисменот Орце Камчев. Освен за вмешаност на политичари, имаше индиции и за инволвираност на други бизнисмени, но засега случајот е фокусиран само на исплатените милион и пол евра од Камчев.

Од УЈП најавија дека ќе се проверуваат и Меѓународниот сојуз, „1ТВ“, „БМЈ груп“ кои се поврзани со Јовановски. Но, ќе се направи и контрола на сите засегнати физички лица во телата и органите на Меѓународниот сојуз кои примале пари. Фросина Ременски и Александар Кирацовски, кои беа посочени како лица поврзани со случајот во меѓувреме беа сменети од нивните функции во партијата. Ременски повеќе не е потпретседател на СДСМ, а Кирацовски повеќе не е генерален секретар.

Ременски која има почесна функција во Меѓународниот сојуз претходно го повика обвинителството да ја истражи нејзината улога. Кирацовски, пак, порача дека не можел да претпостави што правел неговиот познаник.

„Јас верувам дека нема грешни високи функционери на Социјалдемократскиот сојуз. Но, исто така охрабрувам, без разлика на кого се однесува, можност со поврзаност со криминал и корупција да биде истражено до крај. Заради тоа што, за тој што се огрешил, треба да биде потврдено, но истовремено и на тој што името е извалкано, треба да биде обелено“, рече Заев.

Според него, мандатот на сите поранешни функционери завршил, во период кога донеле одлука да се реорганизираат во партијата, но тие учествуваат во органите и телата на СДСМ.

Ставовите на политичарите за тоа дали некој е вмешан или не во „Рекет“ не се важни, вели адвокатот Звонко Давидовиќ.

„Ако Обвинителството е на висина на задачата и работи според законот и според доказите кои ги има и ги прибави, тоа е единственото што се брои и што е битно, преточено во јавно обвинителска одлука во смисла има или нема дело и понатаму постапка пред суд и судска пресуда. Само судска правосилна пресуда може да докаже вина или ако е покрената постапка за основано сомневање нечија невиност со ослободителна пресуда. Ставовите на било кој за определен кривично правен настан се небитни освен она што ќе го направи обвинителството во вршење на својата функција“, смета Давидовиќ.

Иако дилемата за вмешаност на политичарите се уште не е затворена, според обвинителот Јовески, сигурно е дека парите на Камчев не завршиле кај некој од нив.

„Нагласувам дека нема ниту една индиција дека незаконски прибавените средства завршиле кај домашни или странски политичари“, изјави јавниот обвинител Љубомир Јовески.

Во медиумите беа отворени сомнежи дека бизнисменот Адријан Амзоски исплатил 260.000 евра на хуманитарната фондација на Боки 13, а за возврат Јанева преземала надлежност врз обвинение од основното јавно обвинителство.

Бизнисменот Силјан Мицевски пак според сведочењето на Лилјана Тодоровска, членка на Меѓународниот сојуз, на нејзина сметка на име на авторски хонорар уплати 720 илјади евра за наводен проект. Финансиска полиција претходно го истражувала потеклото на парите.

Во објавените аудио снимки од италијанскиот весник „Ла Верита“ имаше индиции дека и други бизнисмени, како што можеше да се слушне биле цел на „Рекет“. Се спомнуваше името на поранешниот директор на македонски Телеком, Жарко Луковски кој е под истрага на СЈО за случајот Базни станици, како и името на Дејан Панделески, сопственик на Пелистерка и чиј татко Цветан Панделески е осомничен во случајот „Империја“.

„Он исто имаше предмет таму за базните станици. Добро сега си го решил проблемот. Си ја решил маката. Жарко мене ми е кум“, му вели Камчев на Јовановски, како што се наведува во еден од разговорите.

„Точно е дека јас имав некако договор, преговор начелен и со Дејан“, вели, според весникот, Јовановски во еден од разговорите.

Давидовиќ истакнува дека обвинителството мора да го истражи секое сомневање до крај и доцни со проверка на овие индиции.

„Обвинителството е доста затворено по овој случај и за дел од работите е во ред, затоа што истрагата е сепак тајна и не треба да ги обелоденува доказите што може понатаму да и послужат во истрагата. Но, треба на еден транспарентен начин да ги прекине шпекулациите во јавноста и сомневањата и сето она што ги мачи луѓето. Со преземање на дејствија и отфрлање на определени осомничени или луѓе за кои има шпекулации или проширување на истрага кон нив. Но, тоа зависи од доказите кои ќе ги прибават и капацитетот и желбата навистина се до крај да испитаат“ смета тој.

Во меѓувреме се погласни се повиците од меѓународната заедница, но и од домашната јавност за што побрзо затворање на истрагата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG