Достапни линкови

Груевски и Ангеловска- најмлади министри за финансии


Архивска фотографија- Министерство за финансии
Архивска фотографија- Министерство за финансии

Нина Ангеловска е предложена за министерка за финансии, а Неџат Мехмедовиќ за заменик во министерството за политички систем. Овие две решенија премиерот Зоран Заев ги најави како предлози со кои се покажува дека младите треба да се борат и образуваат затоа што високите позиции се достапни за сите.

Нина Ангеловска ќе биде втор министер за финансии на околу 30 годишна возраст. Со јавните пари во 1999 година беше назначен да раководи сегашниот азилант во Унгарија, а поранешен премиер Никола Груевски кој тогаш имаше 29 години. Ова министерство, од друга страна е едно од ретките во кое повеќето раководни кадри досега беа со академски титули. Финансии го водеа четири професори, дел од нив и додека вршеа функцијата, а дел подоцна стекнаа академски звања- Јане Миљовски, Никола Поповски, Трајко Славевски и Драган Тевдовски, потоа еден сегашен академик Таки Фити, а на чело на секторот беа и економистите Методија Тошевски, Џевдет Хајредини, Борис Стојменов, Петар Гошев, Зоран Ставревски и Кирил Миновски.

Ангеловска ќе биде прва жена која досега ги водела финансии, а најмногу реакции во јавноста за нејзиното име покрај за младоста беа поттикнати од прашањето дали има доволно искуство да го води овој важен сектор.

Таа има осум годишно работно искуство како коосновач на интернет страницата Групер, од 2016 година е доктор на науки по менаџмент, а во 2010 година дипломирала на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје како студент на генерација.

Ангеловска на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека понудата ја гледа како шанса да биде предводник на промени во земјата во која ја планира и својата иднина.

„Со прифаќање на овој голем предизвик, подготвена сум целото свое стекнато знаење, менаџерски способности и бизнис искуство, да ги вложам за најдобро вршење на оваа исклучително одговорна функција, носење на најдобрите одлуки за нашата земја и граѓаните, брзо апсолвирање и одговорно делување“ , напиша таа на Фејсбук.

Но, трендот за ангажирање на млади кадри во македонската политика не е нов, а дел од нив сметаат и дека неискуството во политиката е предност.

Коста Петров, автор на книги и маркетинг експерт, кој е нов потпретседател на СДСМ на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук пишува дека тоа што нема искуство во политката го смета за свој адут.

Највозрасна е првата експертска влада на Никола Кљусев, а во тој состав од 1991 година најмлад министер е Љубомир Фрчкоски кој на 34 години е именуван за министер без ресор. Веќе во следната влада, која е избрана една година подоцна, кадрите се подмладуваат, па за премиер е избран тогаш 30 годишниот Бранко Црвенковски, но министрите се повозрасни. Неговиот политички ривал од тој период Љубчо Георгиевски стана премиер на 32 години но и во неговата влада кадрите беа поискусни.

Се чини најмногу млади кадри досега имаше во владите на Груевски, а и тој самиот стана млад министер во владата на Георгиевски. Поранешните министри Миле Јанакиески и Диме Спасов првпат на позиции стапнаа на 28 години, една година повозрасни министри станаа Фатмир Бесими и Бујар Османи, а меѓу помладите на возраст од околу 30 години ресори почнаа да водат Гордана Јанкулоска, Антонио Милошоски, Никола Тодоров, Иво Ивановски, Крешник Бектеши и неколкумина други.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG