Достапни линкови

Неделниците за „Рекет“ - Кој на кого ќе му пресуди?


Фокус објавува дека до „Рекет“ премиерот Заев добро се држел, но со аферата работите излегле од колосек, а неговите последни настапи говореле дека тој ја губи контролата. Неделникот Глобус за аферата Рекет пишува дека „целосно се вклопува во општото сценарио – старото да се заборави и поништи, криминалот да биде ослободен, а на власт да се дојде без програма, само со врева!“

Фокус - Аферата „Рекет“ го исфрли премиерот без падобран – Зоран Заев во слободен пад

На насловната страница на неделникот Фокус пишува: „Аферата ’Рекет‘ го исфрли премиерот без падобран – Зоран Заев во слободен пад“ – пишува со крупни букви заедно со симболичната фотографија на премиерот Заев како паѓа низ воздух од високо. „До пред извесно време, Заев се држеше добро“, ја разработува тезата неделникот, „на скандалите одговараше со отворен пристап и транспарентност кон медиумите. Но работите излегоа од колосек со аферата ’Рекет‘“, забележува авторот на текстот за да изнесе гледиште дека последните настапи на премиерот говореле дека тој ја губи контролата, станувал видно нервозен поради што се чини дека „Рекет“, сепак, ќе му пресудел.

Друг текст во Фокус е опсервација на случувањата во врска со специјалната обвинителка со депонирана оставка, Катица Јанева, и е насловен: „Сите докази кои ја влечат Јанева кон затвор“. Имено, неделникот открива дека од упатени извори во истрагата имал информации оти обвинителката Русковска имала доволно докази според кои постоело основано сомневање дека шефицата на СЈО била дел од аферата „Рекет“. „Ова по автоматизам не значи дека против Јанева ќе се поднесе и обвинение, но во моментот и таа треба да добие покана од Русковска и тоа не како сведок, туку како осомничена“, наведува Фокус.

Глобус - Идните министри на мртвите капитали

„Идните министри на мртвите капитали“. Со овој наслов онлајн магазинот Глобус ги анализира потезите што ги прави, како што пишува, „малото друштво во Будимпешта, кај кое има некаква возбуденост“. Авторот на текстот наведува дека оттаму се чини лесно и натаму да се уценува сопствената земја и да се инсистира на брзи избори. „Демек, сега е тој час, како што беше во декември 2016, па во април 2017 година... Замислените идни министри на таа нова вмровска влада се гледаат себеси во фотелјите од кои целосно ќе ја симнат од грб опасноста нивните пулени да скапат во затвор“, вели, па продолжува: „Тие немаат програма – и натаму само бесконечно вреват, лажат и конструираат афери. Нивните програмски насоки ги нема – тоа се само мртви капитали бидејќи активните капитали одамна се во разноразни Луј Витон чанти“ – пишува Глобус, па прави кратка ретроспектива на тактиките на опозициската партија да ги користи и легитимните методи – Парламентот, преку опструкција на сите идеи и да се оневозможи влезот во преговарачката соба на Унијата, па преку уличните протести и нервози од различен вид и како трето, да се конструираат афери со помош на сите ресурси, медиумите кои беа целосно во нивни раце, странските пари во и околу нив, надворешните куратори и секако грешките на оваа Влада, најчесто изразени преку лошите кадровски решенија кои мајсторски се бележат. На крај, Глобус порачува: „Аферата ’Рекет‘ секако не е надвор или ’плус‘ на опишаното. Целосно се вклопува во општото сценарио – старото да се заборави и поништи, криминалот да биде ослободен, а на власт да се дојде без програма, само со врева!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG