Русија предупреди на потенцијална трка во вооружувањесо Соединетите држави за време на седницата на Советот за безбедност за американските планови за развој и распоредување ракети со среден дострел.
Рускиот заменик-амбасадор во Обединетите нации Дмитри Полјански изјави:
„Во целина, дали сфаќате дека заради геополитичките амбиции на САД сите ние сме еден чекор од трката за вооружување која не може да се контролира или регулира на кој било начин? Ние сме многу загрижени од можноста за тоа. Но, нашите американски колегите се чини дека не се “.
Пентагон во понеделникот соопшти дека тестирал конвенционална крстосувачка ракета која ја погодила својата цел на повеќе од 500 км, прв ваков тест откако Соединетите држави се повлекоа од Договорот за нуклеарните сили со среден дострел од времето на Студената војна.
Американскиот секретар за одбрана Марк Еспер кој во интервју за каналот „Фокс њуз“ беше запрашан дали тестот има за цел испраќање порака до Кина, Русија или Северна Кореја посочи дека главната грижа е Кина.
Рускиот претседател Владимир Путин пак рече дека Соединетите држави се во позиција да распоредат нови ракети во Романија и Полска, сценарио за кое тој вели дека е закана на која Москва ќе треба да одговори.
Соединетите држави соопштија дека немаат планови за распоредување нови копнени проектили во Европа.
Американскиот тест би бил забранет според напуштениот договор.
Кина не беше дел од договорот и има голем арсенал на проектили со среден дострел.
За време на состанокот на Советот за безбедност, САД го повторија обвинувањето дека Русија прва го прекршила договорот.
Вршителот на должноста американски амбасадор во Обединетите нации Стивен Коен рече:
„Сега кога договорот веќе не постои заради Руската Федерација, Соединетите држави ги преземаат потребните чекори за решавање на заканата што ја предизвикуваат ракетните сили со среден дострел распоредени во сè поголем број од страна на Русија и Кина кои договорот не успеа да ги спречи“.
Вашингтон на 2 август официјално се повлече од договорот кој беше потпишан во 1987 година со Русија, откако утврди дека Москва го крши договорот, обвинение што Кремљ го негира.