Локалните избори во Албанија ќе се одржат на 30 јуни и покрај тоа што претседателот Илир Мета и тамошната опозицијата тврдат дека тие се откажани. Ова во интервју за Радио Слободна Европа го вели албанскиот премиер Еди Рама.
“Тие кои се обидуваат да го попречуваат процесот грешат и играат со оган бидејќи сами себе ќе се изгорат во однос на законот, а законите се јасни. За изборите има изборни органи, изборен суд и врз основа на претходното мислење на Уставниот суд на Албанија секој проблем на изборите ќе биде проследен до Специјалниот изборен суд и никаде на друго место. Така што се работи за очајни напори кои немаат никаква шанса за го суспендираат основното правило на демократскиот соживот. Не е проблем тоа што јас инсистирам да одиме на избори, јас инсистирам да се почитуваат Уставот и правото на граѓаните да избираат”, вели Рама.
Досега 27 општини од 61 колку што има во Албанија, се изјаснија дека нема да го поддржат изборниот процес, а некои од нив велат и дека ќе го попречуваат. Земјата е во институционална и политичка криза поради несогласувањата за изборите, а уште од почетокот на годината опозицијата е на протести. Според Рама решение, кое како што тврди, го поддржува и целата меѓународна заедница и поголемиот дел од албанскиот народ е да има избори оти, како што додава, тие не им припаѓаат на политичарите туку на народот. Сепак тој смета дека внатрешната криза може да се надмине со дијалог.
“Јас секогаш сум инсистирал на дијалог и направив се за дијалог. Единствено за што не можам да преговарам е демократијата и секако не може да се преговара за роковите на кои народот треба да дојде до збор. За тоа не се преговара, а се останато е лесно да се преговара”, вели Рама.
Во врска со објавите на прислушувани разговори во германскиот весник Билд кои отвораат сомнежи за вмешаност на неговата Социјалистичка партија во манипулации на изборниот процес, Рама прашува зошто тие снимки не служат како повод за детална истрага.
“Зошто од 2016 година прислушуваните материјали биле криени и зошто не е спроведена ниту една темелна истрага? Зошто тие скриени прислушувања се пратени во една опозициска партија? Зошто опозициската партија тие снимки ги пратила во Германија за да се претстават подоцна како германско откритие? Тие не се германско откритие, овие прислушувања се од албанското обвинителство кои се на илегален начин злоупотребени со сериозно прекршување на истражната тајна”, вели Рама за РСЕ.
Тој сегашното објавување на снимките го поврзува и со негативно влијание врз меѓународното мислење кога Албанија била на прагот на отворањето на преговори со Европската унија. Според Рама ова се очајнички обиди за забавување на процесот на отворање на преговорите со ЕУ затоа што со отворањето на поглавјето за правосудството ќе морало многу работи да се решат.
“А тоа многу добро го знаат организаторите на целиот овој план и промотерите на ова насилство”, вели Рама, според кој поради политичката криза постои реален ризик Албанија да не добие позитивна одлука за датум за преговори во октомври.