Премиерот Ципрас ги побара предвремените избори четири месеци пред крајот на неговиот мандат откако главната опозициска конзервативна Нова демократија ја победи владејачката левичарска партија Сириза со разлика од 9 ипол проценти на изборите за Европскиот парламент во минатиот месец.
Според предлогот на владата, изборите треба да се одржат на 7-ми јули.
Ципрас смета дека со ова ќе се избегне долготраен предизборен период пред крајот на неговиот мандат во октомври, што би можело да му наштети на економскиот напредок постигнат во последниве години.
„Влеговме во позитивен круг кој не треба да се нарушува поради некоја причина, бидејќи тоа би значело дека жртвите и напорите на грчкиот народ ќе бидат во опасност. Врз основа на овие факти и целосно прифаќајќи ја оваа одговорност, побарав парламентот да биде распуштен и да бидат свикани национални избори, според уставот и изборниот закон и обновување на народниот мандат“.
Во обид да ги придобие гласачите пред изборите за европарламнетот владата ги намали даноците и ги зголеми бонусите за пензионерите. Овие потези од Европската комисија веднаш беа оценети како опасност за фискалните цели договорени со доверителите.
Потпретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис рече дека ова е скап пакет.
„Пакетот е скап и не оди во вистинска насока. Тој ги отстранува некои елементи од важните реформи во минатото, а овие нови мерки претставуваат ризик за постигнување на договорената цел од 3,5% од БДП оваа година и понатаму“.
44 годишниот Ципрас влезе на грчката политичка сцена пред шест години, ветувајќи дека ќе се бори против острите мерки за штедење пропишани од странските доверители, во замена за финансиска помош за излез од неколкугодишната економска криза во земјата.
Неговата партија „Сириза“ веднаш по успехот на изборите во 2015 година сепак бешебеше принудена да прифати уште еден пакет финансиска помош или во спротивно Грција ризикуваше да биде исфрлена од еврозоната.
Грција, во три одделни пакети има позајмено повеќе од 280 милијарди евра.