Откако Европската Комисија даде јасна препорака за отпочнување преговори со нашата земја, стручната јавност оценува дека земјите членки на Унијата сега веќе немаат изговор дека ние не сме ги исполниле нашите обврски. Сепак, тоа не значи дека некои од нив нема да најдат начин да го избегнат доделувањето датум преку барање изговори кај нив, вели Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика.
„Тие сега ќе наоѓаат изговори кај нив. Тоа ќе биде или недостатокот на време за процедурално да се заврши сѐ, или ставот на Германија каде што кај нив треба да се изјасни парламентот, а Комисијата вели дека немаат време за тоа, или пак тука е Франција која генерално е воздржана и постојано беше последна во убедувањето за која било одлука. Така што повторно се очекува борба на Советот за ова прашање. Прашањето е сега: дали ќе се даде датумот за меѓувладината седница која треба да се одржи до крајот на годината, барем според минатогодишните заклучоци. Она што се најавува како можност е таквата одлука да биде одложена за септември или октомври, но дека нема да има натамошни одлагања“, изјави Ристевска-Јорданова.
Ова додава таа нема да биде добра порака за земјава, зошто пораката дека ние сме ја завршиле работата, а тие и понатаму одложуваат, сепак го нарушува кредибилитетот на Европската Унија. Можни пречки од земјите очекува од Франција, или Германија поради собраниските процедури, Данска која порано се споменуваше, сега веќе не би требало да не попречува исто како и Холандија, од која упатените не очекуваат поголеми проблеми.
Дали Советот ќе одреди датум за почнување преговори останува неизвесно до Самитот. Препораката на ЕУ е стручен дел на Комисијата, а нас ни треба одлуката од највисоката инстанца, а тоа е Европскиот Совет во јуни.
„Тоа е политичка одлука која зависи и го одредува целиот процес. Досега резерви во тој поглед најави Франција, односно Макрон, затоа што тој има свои залагања прво Европа внатре да се реформира, а потоа да се оди кон проширување со двете земји кои ги исполниле критериумите, односно Македонија и Албанија. Дали ќе се дојде до компромис меѓу премиерите и земјите членки на Унијата и дали на тој консензус ќе се приклучи Макрон и Холандија, ќе видиме. До тој ден очекувам интензивни преговори со владите кои имаат резерви за ова прашање и кои се против проширувањето и до тогаш ќе бидеме во исчекување“, вели поранешниот амбасадор Мухамед Халили.
Инаку извештај за напредокот беше позитивен и земјава беше пофалена за дел од реформите кои ги испорачала. Нови услови не ни поставија, но тоа не значи дека немаат забелешки, вели Јорданова.
„Секако дека има забелешки и во однос на имплементација на реформите во правосудството, во однос на јавната администрација, пред се во поглед на вработувањата и наводите за непотизам. Во однос на СЈО не беа толку строги во поглед на оценката и изразуваат очекувања дека понатаму и ќе се реши ова прашање“, вели Јорданова.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар вчера порача дека овој пат препораката е поинаква и ги вреднува и условите кои земјите членки ги поставиле минатата година и додаде дека по подолго време земјава се издвојува и се придвижила напред.
Нашата земја е земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. Ова е нејзина десетта препорака за почеток на преговори со Европската Унија.