Оваа есен треба да почне чистењето на помалата од двете депонии со линдан на фабриката ОХИС, според плановите на надлежните, процес за кој државата најверојатно ќе ангажира странска компанија поради недостаток на искуство и технологија на домашните фирми.
За отстранување на големата депонија допрва треба да бидат обезбедени средства, иако повеќе од четириесет години илјадници тони линдан е оставен на отворено во дворот на ОХИС оддалечен нецели шест километри од центарот на Скопје.
Оваа депонија според токсичноста на отапдот е рангирана на прво место како најопасна по животната средина во земјава, според податоците добиени при дефинирањето на 16-те индустриски жешки точки.
Линданот е токсична канцерогена супстанца која го загадува воздухот, почвите и подземните води во главниот град Скопје, во светот забранет е за користење од 2006 година, ставен и на листата Перзистентни органски супстанци според Стокхолмската конвенција на Обединетите нации.
Над триесет илјади тони линдан помешан со земја има во двете депонии на ОХИС, според научните истражувања. Доколку работите се одвиваат како што планираат институциите, чистењето на малата депонија во најдобар случај може да започне во ноември оваа година.
Дотогаш, како што велат од Министерството за животна средина и просторно планирање, ќе има подготовки и анализи, откако на тендер ќе биде одбрана компанија која соодветно ќе одговори на брањата и критериумите на јавниот повик.
Контаминиран зеленчук дел од исхраната
Линданот е детектиран во воздухот, подземните води и во почвите, токсините од пестицидот се присутни и на крововите и фасадите на зградите на фабриката, што според плановите ќе треба да се отстранат, а потоа да бидат поставени нови.
Линданот ќе се отстранува по направените истражувања, а проектот го спроведува Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (УНИДО) во соработка со Канцелариајта за неразградливи органски загадувачи – ПОП-с при Министерството за животна средина, а учествуваат и екпсерти од Холандија.
Во документот на УНИДО се вели дека потенцијално изложени на линданот секојдневно се 470.000 жители и 700 работници, со можни канцерогени ефекти врз нивното здравје, како што е рак на црн дроб или на бубрези, но и болести на имунолошкиот систем и други не-канцерогени ефекти.
За ризиците врз здравјето и животната средина, во однос на работниците кои работат на местото е утврдено дека можат да вдишат ситни честички од прашина во области кои се неасфалтирани, како и од контаминиран градежен материјал.
Жителите кои живеат во близина на депониите, се вели дека ги употребуваат подземните води за наводнување на нивните градини и мали полиња, како и дека дополнително прашина и ситни честички се транспонираат преку ветерот во северен правец.
„Контакт со подземните води и почвата се случува за време на вршењето на градинарските работи, а понатаму домашниот зеленчук е дел од исхраната на жителите“, се вели во документот на УНИДО.
Наодите во документот покажуваат дека површинскиот слој на земјата, во длабочина од околу еден метар, е под влијание на линаданот во најголемиот дел во околината на ОХИС.
Најголемите концентрации на изомерите ХЦХ се под двете депонии и се над 100 пати повеќе од интервентините граници според Холандските стандарди, во услови кога државата нема закон за заштита на почвите.
Изомерите ХЦХ (Бета-хексахлороциклохексан) се нуспроизвод од производството на линданот, а мали концентрции се најдени во земјоделско земјиште на околу 100 метри северно од контаминираното место на фабриката.
Загадувањето на подземните води според холандските интервентни вредности е утврдено во повеќето од изворите во околината на депониите.
Во документот на УНИДО е наведено дека максималните концентрации на ХЦХ во водите ги надминуваат холандските стандарди и до 50 пати.
Овие концентрации се утврдени кај најконтаминираните места на фабриката, а концентрации на ХЦХ, малку под нивото на холадските граничните вредности, се утврдени во насока на проток на подземни води кон домашен бунар на околу 600 метри од депониите.
Проценки за здравствените ефекти од линданот во ОХИС има и во Физибилити студијата за елиминација на „жешката точка.“
За чистењето на големата депонија еколошки здруженија од земјава деновиве бараа одговори, најавувајќи активности за подигнување на јавната свест за проблемот.
Тие овој месец ќе организираат групно возење велосипеди за симболично да го претстават „лесното рассејување“ на токсичниот линдан.
„Сакаме да ја пренесеме пораката до локалното население дека бунарската вода не е добра за употребување и дека содржи линдан. Исто така, иако зеленчуците и овошките се вкусни за јадење, во нив е пронајдено присуство на линдан. Со овој настан сакаме да го поддржиме целиот процес на отстранување на линданот од ОХИС и обновување на загадените почви и подземни води во блиската околина“, вели Елена Николовска од граѓансакта организација „Еко-свест.“
Големата депонија првично ќе биде покриена
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека во моментов во тек е јавниот повик за избор на технологија за отстранување на линданот од малата депонија, процес за кој најверојатно ќе биде ангажирана меѓународна компанија поради специфичните барања и критериуми.
За големата депонија, од институцијата велат оти засега е само сигурно дека истата компанија што ќе работи на малата депонија, ќе има и задача да постави прекривка врз големата депонија, што ќе биде изработена од непропуслив материјал, за минимизирање на загадувањето во периодот до обезбедувањето стредства за целосно отстранување на отпадот.
За големата депонија на ОХИС, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули за РСЕ изјави дека на јавниот повик избрана ќе биде странска компанија за менаџирање на процесот, во недостик на искуство и технологија во Македонија.
„Со големата депонија, направена е техничка евалуација на почвата, направено е упатство од холандски експерти како да се третира и во тој еден процес на јавен провик, компанија која што ќе го среди или ќе го менаџира тоа. За жал ни треба меѓународна компанија, нема доволно искуство овде“, вели Макрадули.
Тој посочува дека целосното отстранување на депониите со линдан во фабриката ОХИС е „подобро и поевтино“ решение кое ќе чини над 40 милиони евра. Тој додава дека е потпишан договор за оградување на депонијата кај Пеленица за да проверат што се случува со почвата.
„Се преземаат активности во соработка со Кралството Норвешка каде што се договори, преку амбасадорот, премиерот Заев и потпиша договор да тие помогнат во процесот на чистење, на третирање на линданот којшто постои таму со години“, вели Макрадули.
Дополнително, од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека за решавањето на проблемот со депониите направена е обука на 30-ина лица за детално испитување на контаминираната земја, како и дека се направени анализи на ризици и придобивки од чистењето на депониите.
Македоснкото еколошко друштво заедно со граѓанската организација „Еко-свест“ водат кампања за подигнување на јавната свест за отстранување на линданот и за информирање за неговата штетност.
Оттаму потсетуваат дека органискиот загадувач кој негативно влијание врз животнта средина и врз човекот, 42 години ја загадува скопската почва, подземните води и воздухот.
Во научните истражувања за загадувањето од линданот учествуваше и професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факулте во Скопје, кој вели дека од депониите на ОХИС токсинот се разнесува во воздухот како фини честички кои потоа ги вдишуваме и внесуваме во нашиот организам.
„Дури ги имаме и точно утврдено концентрациите“, вели Стафилов.
Европската унија пред повеќе од десет години донираше средства за изработка на Физибилити студијата во која се наведени повеќе алтерантиви како да се реши проблемот, но потоа изработени се и други понови студии.
„Најбезбедното решение во Физибилити студијата е да се спакува целиот материјал, независно што е над 30 илјади тони, и да се транспортира во некоја од западните земји каде постојат фабрики за уништување на таков вид на отпад“, вели Стафилов.
Од Македонското еколошко друштво информираат дека линданот е бело органско соеднинение кое го нема во природата, односно прашкаста материја произведена по индустриски пат при хемиски процеси за добивање на препарати за превенција од штетници и болести во земјоделството, шумарството и ветеринарството, како и за третман на вошки и шуга кај луѓето.