Достапни линкови

Медиуми - Второто полувреме од кампањата е битка за апстинентите


Претседалески избори во Северна Македонија 2019
Претседалески избори во Северна Македонија 2019

Второто полувреме од кампањата за претседателските избори, очекувањата од Брисел за иднината на македонските евроинтеграции и првомајските маршеви, се топ тема во медиумите.

„Кампањата пред крај, претседателските кандидати повикуваат на поголема излезност“ – потсетува во насловот Слободен печат, а Независен, на два дена пред вториот круг на претседателските избори, в недела, на 5 мај, оди со сумирана оценка на кампањата: „Власта заплашува со Груевски, опозицијата со ’шлаканици‘ од Брисел“. Весникот додадава дека „второто полувреме од предизборната кампања практично се претвори во битка за апстинентите со оглед на слабата излезност во првиот круг, но и за оние што се определија за Блерим Река зад кој застанаа албанските опозициски партии, Алијансата за Албанците и Беса“.

Што се однесува до „шлаканиците“ од Брисел во врска со ветениот датум за почеток на преговорите на земјава со ЕУ за членство, во електронските изданија на печатените медиуми се среќаваат различни наслови и оценки. „По покана од германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, премиерот Зоран Заев во посета на неформалниот самит на шефови на држави и влади од Унијата и од Западен Балкан во Берлин – Средба Заев – Могерини: Неопходно е земјата да биде поддржана на патот кон европската интеграција, изјави Заев по средбата“ – пишува Нова Македонија. Истиот весник има и наслов: „Меркел и Макрон се договараат за преговорите на Македонија за влез во ЕУ“. Независен објави: „Премиерот на средби со Меркел, Макрон и Могерини – Заев во Берлин го спасува датумот за преговори“. Вечер со наслов-коментар го пренесува пишувањето на Фајненшел тајмс: „Сега сè е јасно, каде сме и каде одиме – Нема датум за преговори, му соопштија Меркел и Макрон на премиерот Заев“. Слободен печат на насловната објави: „Меркел и Макрон овојпат заедно ја разочараа Македонија – пофалби има, датум и преговори нема“. Од другата страна на Океанот, во Вашингтон, од панел-дискусијата на Универзитетот Џон Хопкинс, Слободен печат ја пренесува и пораката: „ЕУ треба да ѝ даде датум за преговори на Северна Македонија во јуни, зашто ако не добие датум тоа повторно може да им даде сила на националистичките и изолациските сили во земјата – изјави на дебатата Флоријан Бибер, професор на Универзитетот во Грац и експерт за Западен Балкан“. А во предизборната кампања во земјава, од политичките противници различни изјави: „ВМРО-ДПМНЕ: Нема да добиеме во јуни датум за преговори со ЕУ“ – најавува Вечер, заедно со друг наслов: „Заев од Куманово: Ќе добиеме датум за преговори со ЕУ, одржавме европски лекции“.

Во меѓувреме, поминаа и Велигден и 1Мај. Вообичаено, би се рекло. Со информации во весниците кој политичар или претседателски кандидат каде и со кого се кршел со велигденски јајца, а и за првомајските протести, главно во Скопје. Нова Македонија и другите портали на печатените медиуми го регистрираа протестниот марш на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници организиран заедно со Синдикатот на македонската дипломатска служба, Независниот академски синдикат и Синдикатот на културата, на кој било укажано дека сите новинари работат со прекршени работнички права, неизвесност во вработувањето, нерегулирани услови поради што не може да се очекува регулирано новинарство. Нова Македонија информира и за протестниот првомајски марш на Сојузот на синдикатите на Македонија на кој е побарано нов закон за работни односи. Но затоа „Во Франција, во Париз и во други градови над 300 илјади демонстранти и 250 протестни поворки“, ја пренесува Слободен печат веста на дописникот на МИА од Париз со наслов: „Големи немири на првомајските демонстрации во Франција“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG