Достапни линкови

Зголемувањето на минималната плата како одење по жица


Илустрација
Илустрација

Синдикатите бараат, бизнисмените негодуваат по најавите за зголемување на минималната плата. Потребна е сериозна анализа колкаво покачување е можно за да им се помогне на работниците, но во исто време тоа да не им нанесе штета на фирмите.

Владата најавува зголемување на минималната плата, но не кажува ни кога, ниту за колку. Синдикатите тврдат дека покачување е неопходно, работодавачите се жалат дека зголемувањето на минималната плата ќе биде преголем удар врз нив, а експертите предупредуваат на внимателност – покачувањето на минималната плата да не се одрази на работата на фирмите. Светската банка и ММФ исто така предупредија дека ново зголемување на минималната плата може да ја зголеми невработеноста кај младите и да ја зголеми сивата економија.

Професор Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје вели дека зголемувањето на минималната плата има позитивни ефекти, но ако отиде превисоко може да има и негативни последици и затоа е потребна внимателност за процесот да биде успешен. Важно е процесот да биде инклузивен, односно да ги вклучи и работодавачите и работниците и заеднички да се утврди колкаво покачување е можно. Треба да се имаат предвид и другите социјални мерки кои може да бидат комплементарни со минималната плата.

„Има повеќе и предности и недостатоци поврзани со минималната плата. Спомнавме дека може да ја намали сиромаштијата, родовиот јаз, охрабрување на вработените повеќе да работат, меѓутоа може да има и недостатоци, имајќи предвид дека таа може да предизвика прелевање, односно и другите работните кои се попродуктивни и земале повисоки плати, да бараат зголемување на доходот. На тој начин може да предизвика притисок за зголемување на отказите, намалување на вработеноста ако компаниите не може да го апсорбираат тоа зголемување“, вели Треновски.

Сојузот на синдикати на Македонија реагира дека е потребно покачување на минималната плата од најмалку 12 отсто, односно за околу 1500 денари, со што минималната плата од сегашните 12 илјади би се покачила на 13.500 денари. Според нив, само трошоците за храна во јануари годинава биле 13.621 денари, а минималната потрошувачка кошница за четиричлено семејство била 32.761 денари.

Благица Петрески од Фајненс тинк во интервју за блогот Рес публика пред неколку дена рече дека според нивните пресметки минималната плата би можела да се покачи на не повеќе од 13 илјади денари до крајот на годинава.

Бизнисмените, пак, се противат на зголемувањето на минималната плата.

„Нашиот став е секогаш тоа да се остава на работодавачите. Не може нешто такво да се диктира затоа што работодавачите на крајот може да ја затворат фирмата. Се обидуваме да водиме дијалог, тоа е прашање кое се поставува. Сме на различни позиции но тоа никако не треба да се сфати дека не сакаме да ги видиме работниците во подобри позиции, но за тоа да се создаде треба да се подобри амбиентот. Растот на домашната економија да биде меѓу 5 и 7 проценти за да може да го осетат и фирмите и работниците и граѓаните“, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Особено се жалат од кожарската и текстилната индустрија, кои велат дека нема простор за зголемување зашто продуктивноста е слаба. Странските инвеститори, пак, негодуваат и велат дека за вакви промени треба да бидат информирани најмалку 12 месеци однапред за да може да го направат планот.

Министерот за финансии Драган Тевдовски пред неколку дена рече дека покачување на минималната плата ќе има и оти во тек се консултации колкаво може да биде зголемувањето. Платите мора да растат бидејќи поголемиот дел од граѓаните живеат од плата, а не од дивиденда, изнајмување на недвижности или слични приходи, рече тој, додавајќи дека претходното покачување дало позитивни резултати.

„Мислам дека тогаш исто така во јавноста кај нас постоеше страв дека тоа ќе доведе до отпуштање на вработени и намалување на вработеноста, но апсолутно тоа не се случи. Вработеноста дури беше и зголемена, стапката на невработеност се намали во тој период“, рече Тевдовски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во септември 2017 година, кога минималната плата беше покачена на 12 илјади денари, имало 743.751 вработени. Точно една година подоцна, на крајот на септември 2018 година, имало 16 илјади вработени повеќе, иако и тогаш компаниите се жалеа дека зголемувањето на минималната плата ќе значи губење на работни места.

Според податоците на МАПАС, пак, од септември 2017 година, кога се покачи минималната плата, до септември 2018 година, бројот на осигуреници во вториот пензиски столб се зголемил од 450 на 481 илјада, односно за 31 илјада луѓе.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG