Вести
Во торнадо во Алабама загинаа најмалку 23 лица
Најмалку 23 лица, меѓу кои и деца загинале во торнадо кое ја погоди американската сојузна земја Алабама. Локалните власти соопштија дека торнадото предизвикало катастрофални штети на зградите и патиштата.
Според нив, биле хоспитализирани и многу луѓе со сериозни повреди. Повеќе од 6000 домови останале без струја, додека во 16 илјади домови во соседна Џорџија имале прекини во снабдувањето со струја.
Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер ги повика граѓаните на Алабама и другите реони погодени од бурите да бидат внимателни и безбедни и им изрази сочувство на семејствата и пријателите на жртвите.
види ги сите денешни вести
Се стравува за повеќе од 60 загинати по судирот меѓу авион и воен хелихоптер над Вашингтон
Се стравува дека загинаа повеќе од 60 луѓе откако патнички авион на компанијата „Американ ерлајнс“ се судри со хеликоптер на американската армија над Вашингтон и се урна во реката Потомак во близина на националниот аеродром „Роналд Реган“, јави агенцијата Ројтерс.
„Во овој момент не веруваме дека има преживеани“, рече Џон Донели, началник на пожарникарскиот округ Колумбија на прес-конференција на 30 јануари.
Донели рече дека досега 28 тела биле извлечени од реката, што се покажува како најсмртоносна воздушна катастрофа во Соединетите Американски Држави (САД) по повеќе од една деценија.
„Ќе работиме да ги најдеме сите тела и да им ги дадеме на нивните најблиски“, рече тој.
Американ ерлајнс потврди дека во авионот биле 60 патници и четворица членови на екипажот. Хеликоптерот превезувал тројца војници на тренинг лет, изјави официјален претставник на САД.
Поранешните руски светски шампиони во уметничко лизгање, Вадим Наумов и неговата сопруга Евгенија Шишкова, наводно се меѓу загинатите.
Руската државна новинска агенција ТАСС и спортскиот портал Sports.ru цитираат извори дека Наумов и Шишкова, освојувачи на двојни златни медали на Светското првенство во 1994 година, биле во авионот.
Службеници за итни случаи кои работеа во текот на ноќта известија дека нуркачки тим открил една од двете таканаречени „црни кутии“ на авионот.
Американскиот секретар за транспорт, Шон Дафи, рече дека и хеликоптерот и авионот летале со стандардни шеми на летот и дека немало дефект во комуникацијата.
Пентагон соопшти дека започнува истрага.
Авионот се судрил со хеликоптер Сикорски Х-60 на средна височина додека се приближувал кон аеродромот за слетување.
Во САД немало фатална несреќа на патнички авион од февруари 2009 година, но серија инциденти во последниве години покренаа сериозна загриженост за безбедноста.
Осумдневен притвор за битолскиот хирург за поткупот од 150 евра
Јавното Обвинителство определи мерка притвор од осум дена за хиругот М. С. (64), кој истовремено бил и на раководна позиција во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ - Битола.
Хирургот беше упсен поради примање мито од 150 евра во битолската Клиничка болница, случај регистриран од СВР Битола на 28 јануари во просториите на болницата во Битола.
„Осомничениот на 27 јануари како хирург извршил операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почастел за извршената работа. Синот следниот во просториите на болницата, во плик му дал на осомничениот три банкноти од по 50 евра“, соопштија од ОЈО Битола.
Откако осомничениот ги примил парите, бил извршен претрес, а овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и ги одзеле парите.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, ги охраби сите кои ќе забележат неправилности, истите да ги пријават.
„Непобитен факт е дека постои мито. Меѓутоа, треба да се докаже и да има некаква судска пресуда, а не само да зборуваме. Јас ги охрабрувам сите коишто имаат факти да ги донесат или кај нас или во МВР или кај раководителите на клиниките“, изјави Таравари.
Убиен Ирачанец кој неколку пати го палел Куранот во Шведска
Салван Момика, кој неколкупати го палеше Куранот во 2023 година во Шведска, што предизвика бес во муслиманските земји, беше убиен јужно од Стокхолм, соопштија истражителите на 30 јануари, додавајќи дека уште пет лица се уапсени.
Обвинителот Расмус Охман за АФП потврди дека е отворена истрага за убиството на 38-годишниот Салван Момика.
„Ние сме во многу рана фаза... се собираат многу информации. Пет лица се приведени како осомничени за делото“, рече тој.
Судот во Стокхолм на 30 јануари требаше да донесе одлука дали Момика, ирачки христијанин, е виновен за поттикнување етничка омраза, но соопшти дека ја одложил одлуката до 3 февруари поради неговата смрт.
Доцна вечерта на 29 јануари, полицијата одговорила на повикот за пукање во станбена зграда во градот Седертаље, каде што живеел Момика.
„Полицајците пронашле маж кој бил „погоден од истрели од огнено оружје, и тој бил пренесен во болница“, се вели во полициското соопштение и се додава дека тој подоцна починал.
Според информациите што ги истражува полицијата, Момика наводно во живо го пренесувал моментот на сопственото убиство на социјалните мрежи.
По инцидентот полицијата извршила претрес на целата зграда.
„Ги пребаруваме внатрешноста и надворешноста на куќата“, изјави во текот на ноќта Даниел Викдал, портпарол на полицијата во Стокхолм.
Шведската служба за безбедност не сакаше да го коментира случајот.
„Не можеме да кажеме ништо за овој случај бидејќи се работи за полициска истрага. Генерално имаме блиска соработка со полицијата“, изјави Габриел Вернштет, портпарол на Службата за безбедност.
Момика стана познат откако пред неколку години го запали Куранот во Шведска. Неговите демонстрации против исламот предизвикаа дипломатска криза во Шведска за време на нејзиниот процес на пристапување во НАТО и придонесоа за зголемување на нивото на терористички закани во земјата.
Момика беше обвинета за поттикнување омраза против етничка група во врска со четири одделни инциденти со палење на Куранот во 2023 година. На крајот на мај минатата година, Момика, чија татковина е Ирак, доби обновена дозвола за привремен престој во Шведска за една година.
Гаши: Немам ингеренции да предлагам претседател на Комисијата за социјална политика
Претседателот на Собранието, Африм Гаши вели дека тој нема ингеренции да предлага претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади. Потенцира дека тој може да одреди пратеник за свикување на седниците на Комисијата.
Собранискиот спикер потенцира дека ако „Европскиот фронт“ не предложи претседател на Комисијата на местото на Илире Даути, тогаш тоа прашање се решава само преку Комисијата за прашањата на изборите и именувањата.
„Претседателот на Собрание нема право сам да предлага претседател на Комисијата до Комисијата за избори и именувања. Што се однесува до претседателот на Комисијата, јас немам ингеренции да одредувам претседател. Јас имам право да одредам пратеник да ги води седниците. Ако доаѓаат закони, а не се свикуваат седници, ако нема претседател нормално дека нема да се свикуваат седници, тогаш јас ќе одредам пратеник кој ќе ги води седниците“, рече Гаши.
Пратеничката на „Европскиот фронт“ и претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути на 16 јануари поднесе оставка од функцијата, откако на пленарна седница на 10 јануари со поддршка од 61 пратеник и 22 против беше изгласана интерпелација за неа.
Интерпелацијата во ноември ја поднесе пратеничката група од „Левица“ поради тоа што Даути, како што беше посочено, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители, поднесен од опозициската СДСМ со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава.
Образложувајќи ја оставката, Даути посочи дека тоа е врв на срамот што се случил во Собранието и порача дека нејзиното дејствување за ставање на дневен ред на Законот за бранители е врз основа на членот 3 и оти нема да прифати различни услови на дејствување надвор од Деловникот.
Таравари најави акции за откривање злоупотреби од здравствени работници
Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека ќе продолжат акциите со цел да се откријат евентуални злоупотреби од здравствени работници.
Тој ги коментираше објавите на социјалните мрежи дека се злоупотребува дополнителната дејност, пред сѐ во хируршките гранки, каде дури и тешко болни од рак не се оперираат во редовен термин, туку „се нуди опција доколку сакаат побргу да бидат оперирани, да дојдат за два-три дена попладне, со тоа што, приватно ќе си платат“.
Министерот ги повика граѓаните да пријавуваат такви случаи во Министерството за здравство, во полиција и кај директорите на клиниките.
„Секојдневно сме во комуникација со повеќето директори. Каде било да пријават, тука сме да ги слушнеме и да провериме дали е вистина тоа што го кажуваат. Имаше уште еден обид да се види дали се случуваат вакви злоупотреби за време на редовно работно време да се работат пациенти коишто треба дополнително да се работат. Ние го даваме нашиот максимум - вработувања, колективен договор, покачување на плати и бараме и од медицинскиот пероснал, медицинските екипи да бидат коректни и да ја вршат својата должност, така како што треба. За Битола имам точни информации, директорката пред неколку дена беше известена од моја страна за одредени жалби за еден доктор. Сега не би сакал да спомнуваме имиња тука. Меѓутоа, вакви акции секако дека ќе продолжат“, одговори министерот на новинарско прашање пред почетокот на првата национална консултација за реформа на болничкиот сектор.
Постои пресумпција на невиност, одговори тој на прашање дали ваквите лекари треба да бидат јавно објавени со име и презиме.
Министерот потврди дека веќе имало акција и на хируршките клиники во Скопје. Тогаш, како што рече, не било констатирано нешто.
Смета дека треба да му се одземе лиценцата на доктор кој извршил злоупотреба, но како што додаде, прашањето треба да му се постави на претседателот на Лекарската комора.
Полицијата во вторникот приведе 64-годишен лекар и раководител на Хируршко одделение во ЈЗУ Клиничка болница - Битола, осомничен за примање поткуп. Основното јавно обвинителство во Битола предложи мерка притвор.
Ослободена е уште една жена војник која била заложничка во Газа
Израелските власти известија дека израелската жена-војник Агам Бергер, која ја држеше палестинското движење Хамас во Појасот Газа, пристигнала во Израел, пренесоа светските агенции АФП и АП.
Агам Бергер ја мина границата и е под заштита на израелската армија.
Во текот на денот се очекува да бидат ослободени дополнителните заложници кои ги држеше Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.
Ослободувањето е дел од прекинот на огнот што започна на 19 јануари, а има за цел трајно да стави крај на војната меѓу израелските сили и Хамас, која започна со нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври 2023 година.
Вкупно 33 израелски заложници се очекува да бидат ослободени во замена за речиси 2000 палестински затвореници во текот на првите шест недели од прекинот на огнот.
Во војната на Израел против Хамас во Појасот Газа загинаа повеќе од 47 000 Палестинци, според здравствените власти на палестинската територија.
Војната започна по нападот на Хамас врз Израел во октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1200 луѓе и зедоа околу 250 заложници.
Протестен марш на студентите од Белград до Нови Сад
Со порака „чекор поблиску до правдата“, студентите кои ги блокираа белградските факултети тргнаа на протестен марш кон Нови Сад.
По пешачење од повеќе од седумдесет километри, тие на 1-ви февруари ќе им се придружат на новосадските студенти во блокирањето на три моста во тој град.
Со протестните блокади на мостовите ќе бидат одбележани три месеци од уривањето на настрешницата на реконструираната Железничка станица, при што загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени.
Несреќата предизвика бран масовни протести ширум Србија, со што десетици илјади луѓе излегоа на улиците.
Граѓаните дојдоа да ги испратат студентите и пред Факултетот за уметности, а сообраќајот на булеварот на уметностите пред факултетот беше затворен.
Граѓаните ги пречекуваат учениците од нивните прозорци, а ги следат колони автомобили. Дел од насобраните се на велосипеди.
Застанаа 15 минути, во 11:52 часот, во точното време кога се урна настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, и им оддадоа почит на жртвите со молчење.
Предвидено е студентите да направат неколку паузи за време на маршот, како и да преноќат во Инџија.
Студентите во блокадата ги повикаа граѓаните да им се придружат, со сопствена организација на потребните ресурси.
Белградските студенти најавија дека и утре со велосипед ќе патуваат за Нови Сад.
Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ денеска изјави дека припадниците на тој ресор „целосно ќе ја обезбедат“ рутата на студентскиот марш од Белград до Нови Сад.
Предлог-закон: Инспекторатите ќе работат во рамки на министерствата и нема да имаат сопствен буџет
Инспекторатите ќе продолжат да работат како органи во состав на министерствата и нема да имаат сопствена буџетска сметка. Не ќе можат самостојно да спроведуваат постапки за јавни набавки и вработувања, ниту да одлучуваат за правата и обврските од работен однос на вработените.
Ова е предвидено со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор што денеска е пред Законодавно правната и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, а треба да се донесе по скратена постапка во Собранието.
„Основни цели на Предлог-законот се усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, остварување на правата и обврските на вработените во државните инспекторати, како и нивно правилно функционирање како органи во состав на министерствата“, се наведува во предложениот текст.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа чиј главен фокус беше реорганизацијата на министерствата, се изврши интервенција на постојната законска рамка и соодветно утврдување на надлежностите на министерствата, така што се направи прераспределба на надлежностите на органите на државната управа, прегрупирање по сродни области и стратешки приоритети на државата, основање на нови органи на државна управа, кое пак неминовно доведе и до промена во бројот на министерствата и на делокругот на надлежностите на дел од постојните министерства во Владата на Република Северна Македонија.
Со член 27 од овие законски измени се воспоставуваат линии на отчетност меѓу ресорните министерства и органите во нивен состав, при што се реафирмира и зајакнува улогата на министерствата во однос на надзорот над законите од нивна надлежност.
Во тек е расправата во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците по поднесените амандмани за предложените измени.
Шмихал: Само притисок врз агресорот може да стави крај на војната
Украинскиот премиер Денис Шмихал за време на посетата на Загреб изјави дека официјален Киев сака војната да престане, но дека одлуката не е нивна и оти верува дека Доналд Трамп ќе го искористи целосното влијание на САД преку санкции и дипломатски притисок врз Владимир Путин.
Шмихал во интервју за ХРТ рече дека Украина платила огромна цена во однос на бројот на загинати цивили.
„Украина се бори, оваа борба трае веќе три години, ние ги одвраќаме Русите и во тој процес изгубивме повеќе од 12000 цивили, околу 600 деца, а нашата инфраструктура е оштетена“, рече Шмихал.
Тој додаде дека украинската енергетска инфраструктура е оштетена и оти Украина, како што рече, „трпи напади на дневна основа“. Сепак истакна дека поддршката од партнерите им овозможува да продолжат се борат.
„Никој не сака мир како Украина. Ние сакаме војната да престане што е можно поскоро, но одлуката не е наша. Русија е агресор, Русија не нападна нас и само Русите можат да ја запрат оваа војна. Владимир Путин во моментов нема причина да ја запре војната. Само откако преку заеднички притисок и преку санкции ќе ги зајакнеме одбранбените сили на Украина, можеме да ја запреме војната“, рече украинскиот премиер, кој вчера беше во посета на Загреб.
Зборувајќи за улогата на САД во постигнувањето мир, украинскиот премиер истакна дека политиката на Доналд Трамп за „мир преку сила“ е во согласност со украинските принципи.
„Доналд Трамп, американскиот претседател, е силен лидер. Неговиот пристап на „мир преку сила“ е во согласност со нашите принципи. Без притисок врз агресорот, тоа ќе биде невозможно. Целиот притисок мора да биде насочен кон агресорот“, рече Шмихал и изрази уверување дека Трамп ќе го искористи целосното влијание на САД преку санкции и дипломатски притисок врз Путин и ќе го доведе на преговарачка маса.
„Во моментов Украина нема директна комуникација со тимот на претседателот Трамп, но верувам дека тоа ќе се промени“, рече Шмихал.
Тој, исто така, се осврна на улогата на Европската Унија во одржувањето на макроекономската стабилност на Украина и истакна дека Украина во иднина може да биде столб на европската безбедност.
Загина дваесет и двегодишна скопјанка откако во неа удрил автомобил
Дваесет и двегодишна девојка од Скопје починала, откако синоќа (29 јануари)била удрена од автомобил на булеварот „Партизански одреди“.
Девојката им подлегнала на повредите и починала на лице место.
Државен јавен обвинител извршил увид на местото на несреќата и издал наредба за обдукција на телото на починатата. Од обвинителството информираат дека возачот е задржан и за него е издадена наредба за испитување на крв и урина.
Исто така, јавниот обвинител издал наредби за обезбедување на снимки од видео надзор на локацијата, како и за преземање на сите други дејствија за целосно испитување на настанот.
Несреќата се случила вчера во 23:43 часот, каде автомобил „пежо 207“ со скопски таблички управуван од В.Ј.(20) од Скопје, удрил во пешакот Ф.К.(22) од Скопје.
„Од здобиените повреди на местото на несреќата починала Ф.К., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото извршиле увидна екипа на СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатата било дадено на обдукција“, соопштија од МВР.
Возачот В.Ј. е уапсен и по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете