Достапни линкови

Неделен печат – Државни монополи и роднински вработувања


Илустрација
Илустрација

Неделникот Капитал пишува дека само ЕУ може да нè спаси од монополите, Фокус за партиско-роднинските вработувања во администрацијата, а Глобус се осврнува на односите меѓу СДСМ и ДУИ.

Капитал - Само ЕУ може да нè спаси од монополите

„Само ЕУ може да нè спаси од монополите!“, наведува Капитал во анализата во својата главна тема во најновото издание, посветена на досегашното тактизирање на владата со целосна либерализација на Пошта и Железница. И пишува дека Европската комисија не толерира постоење монополи во ниту една дејност, а камоли во случаи каде што како сопственик на ваквите монополи се јавува самата држава, односно Владата, каква што е ситуацијата во некои сектори во Македонија. Македонски железници и Македонски пошти остануваат пример за државни компании - лавиринти за партиски вработувања и сомнежи за криминал и корупција, како и за испорака на квалитетни услуги на граѓаните. Либерализацијата во овие сектори треба да се случи во следните години, ветува вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и сите мора да се навикнат на пазарна економија, затоа што едни од сугестиите на ЕУ се однесуваат токму на тоа, да се обезбеди надминување на монополите со влез на конкуренција. А и македонскиот Устав ги гарантира слободниот пазар и конкуренцијата во земјата. Капитал ги користи и извештаите на Транспаренси интернејшнал, кои, на пример, говорат дека потребата од над 2000 вработени во Поштата не е во функција на компанијата, туку на партијата ДУИ и дека со години, преку платите на вработените во Пошти се финансирале и кампањите и партијата на Ахмети. За инвестиции во Македонски пошти се заинтересирани фирми од Австрија, Белгија и Холандија, но поради измените во законот лани, Собранието на монополот му купи и обезбеди уште една година заробен пазар.

Фокус - Проект Наше дете – партиско јагне од државна дојка цица

И Фокус во најновиот број се занимава со рак-раната на нашево општество. На насловната пишува: „Проект Наше дете – партиско јагне од државна дојка цица“, а во текстот со наслов: „Клиентелистички оргии“ го пишува следново: „Државната каса има третман на крава ’музара‘. Ја молзе секоја власт, капка да не остане за недај боже. Се плашам“, иронизира авторката на текстот, „дека ако треба уште на некоја структура ’да се угоде‘, може ќе се формира и некаква Агенција за морска пловидба, иако немаме море, или Дирекција за вселенски истражувања, пошто сме како изгубени во вселената од непотистичкото цунами“. Содржината на главната тема во анализите и коментарите во неделникот се засилува и со текстот: „Проект Наше дете“, каде што авторот потсетува дека во изминативе десет години народот стрпливо чекаше во државни јасли да се вдомат децата на ВМРО-ДПМНЕ и членовите на партијата. „Сега повторно се на почек, бидејќи на ред за вработување застанале децата на СДСМ. Додека тие не дојдат на ред, очигледно ќе стасаат до пензионирање!“ – како резигнирано да извикува Фокус.

Глобус - СДСМ останува осамена во концептот на граѓанско општество

Случајот со распределбата на парите во Министерството за култура, што го води кадар на БЕСА, е лајтмотивот на онлајн неделникот Глобус да смета дека тоа „само докажува дека СДСМ останува осамена во концептот на граѓанско општество“ и дека „кавгите со ДУИ по низа прашања во самата Влада се доказ дека Ахмети сè уште живее во светот на воспоставени феуди по јавните институции и во крајна линија во негирање на правната држава, бидејќи тоа значи - одговорност“, потенцира авторот на текстот. Заладувањето на односите, според Глобус, во основа се случува од неможноста за реформи во правосудниот систем заради состојбите создадени од претходната влада ВМРО – ДУИ. Авторот го наведува пишување на весникот на албански јазик Лајм, дека по инсистирањето на меѓународниот фактор, Заев и Гаши, лидерот на крилото на БЕСА што му стана партнер на Заев, одлучиле да му дадат последна шанса на ДУИ: рок од три недели за да се реформира, или ќе бидат исклучени од Владата. Редејќи ги сите „камења на сопнување“ меѓу коалиционите партнери на лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, Глобус на крајот прашува дали СДСМ со такви партнери може да прави „општество за сите? И на кого може да се потпре во овој миг?“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG