Политичката кавга околу изборот на привремениот градоначалник на Дебар, по смртта на градоначалникот Ружди Лата, продолжува. ДУИ и Алијансата за Албанците наизменично се обвинуваат и тврдат дека изборот за вршител на должност градоначалник на Општина Дебар е легален како за едните така и за другите.
Советот на Општина Дебар на 10 декември минатата година со мнозинство на гласови за ВД градоначалник го избра советникот од партијата Алијанса за Албанците Еуген Цами, додека на 17 јануари по обезбедување на ново мнозинство на ДУИ, СДСМ и ПЕИ, Советот за нов вршител на должноста градоначалник го избра Екуран Дука од ДУИ.
И покрај примената одлука од Советот за избор на нов ВД градоначалник, Еуген Цами од Алијансата за Албанците, вели дека одлуката од 17 јануари е незаконска и додава дека тој останува во Кабинетот на градоначалникот.
„Според мене и законските прописи се гледа дека ВД градоначалник сум јас. Не се гласа повторно за вршител на должност градоначалник, бидејќи јас сум избран сè до предвремените избори на локално ниво. Значи сум избран на одредено време. Со писмо бараме од Министерството за Локална самоуправа и од Уставниот суд да даде свое мислење. Јас не се повлекувам и останувам да бидам ВД градоначалник“, истакнува Цами.
Од друга страна, претседателот на Советот на Општината Башким Машкули истакнува дека Цами е нелегитимен, бидејќи за Екуран Дука на 17 јануари гласале осум советници од вкупно 15 колку што има дебарскиот совет.
„Советот на Општина Дебар со мнозинство гласови на советниците по законски пат за вршител на должност градоначалник го избра Екуран Дука од ДУИ. По три дена ако Цами одбие да се повлече, Советот ќе одржи вонредна седница на која уште еднаш ќе гласа за Дука како нов ВД градоначалник на Дебар се до предвремените локални избори за градоначалник“, вели Машкули.
И додека двете партии сметаат дека се во право, граѓаните на Дебар со право прашуваат кој е законскиот ВД градоначалник на Општината. Околу оваа нејаснотија треба да пресече Министерството за локална самоуправа и надлежните државни инспектори.