Достапни линкови

Благослови и клетви од дебарско собрани во две книги


Насловна страна на книгата со фразеологијата на македонскиот говор во Дебар и дебарско од авторот Филип Василевски од Дебар
Насловна страна на книгата со фразеологијата на македонскиот говор во Дебар и дебарско од авторот Филип Василевски од Дебар

Публицистот Филип Василевски објави книги со поговорки, клетви, благослови и фрази на македонски јазик кои се употребуваат во Дебар.

За прв пат е објавен обемен материјал за фразеологијата на македонскиот говор во Дебар и дебарско. Авторот Филип Василевски од Дебар во две книги објавува голем број на поговорки, клетви, благослови и други зборови и фрази од Дебар и дебарско. Материјалот, според авторот, е собиран околу 15 години. Тој нагласува дека во дебарскиот регион фразеологијата е многу богата и таа има многу свои карактеристики.

„Поводот за да ги напишам овие две изданија посветени на фразеологијата на македонскиот говор во Дебар и дебарско е фактот што јас како творец сакам да придонесам да се каже повеќе за македонскиот јазик од овој регион. Како второ и бројот на Македонците во Дебар и дебарско е драстично намален, така што работам на собирање на фразеологијата. Во двете книги има поговорки, клетви и други фрази кои се употребуваат во Дебар и дебарско. Станува збор за народен дијалектички колорит, а јас тоа го сложив и го напишав“, вели Василевски.

РСЕ : Како го собравте материјалот?

„Материјалот е собиран околу 15 години и тоа преку разговори со луѓе и тоа директно. Контактите беа во градот и селата и сето тоа го регистрирав. Според моите податоци оваа е прв пат да се објави вака обемен материјал на фразеологија од Дебар и дебарско, бидејќи до сега се регистрирани само скромни написи на оваа тема“, вели тој.

Публицистот Филип Василевски
Публицистот Филип Василевски

Дебарскиот публицист Филип Василевски вели дека тој подолг период се подготвува и за објавување на нови публикации поврзани со Дебар и дебарско. Тој подготвува книга за дебарската топонимија, потоа македонската народна носија од дебарскиот регион, но и за други традиции, обичаи кои се карактеристични во овој регион.

„Со оглед дека во изминатите години собрав многу материјал наскоро ќе објавам книга за дебарската топонимија, потоа Велигденското оро кое има свои изворни карактеристики, дебарската свадба со нагласен акцент на дебарската носија.“

​Василевски исто така смета дека за македонската култура традиции и обичаи во дебарскиот регион малку е пишувано и додава дека токму поради тоа треба да се пишува повеќе.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG