Достапни линкови

„Џони Смит“ и мрежата за лажни вести во Македонија


Мартен Схенк, ловец на лажни вести
Мартен Схенк, ловец на лажни вести

Мрежа од 75 интернет страници од Македонија со лажни вести пронашол ловецот на лажни вести Мартен Схенк. Во разговор за Радио Слободна Европа тој открива за што биле користени овие интернет страници и кој стоел зад нив. Според него, Русија не стои зад нив, но има корист од ширењето на лажните вести.

Колку интернет страни откривте, кои шиеле лажни вести и кои се поврзани со луѓе од Македонија?

Во оваа конкретна мрежа најдовме 75 интернет страници. Но, иако не сме ги изброиле, сум видел околу сто или повеќе интернет страни во изминатата година. Но, оваа мрежа имаше 75 интернет страни.

Како откривте кој стои зад тие интернет страни и зад профилите на социјалните медиуми кои ширеле лажни вести?

Најдовме неколку профили на Твитер кои објавуваа линкови до интернет страните кои шират лажни вести. Имавме среќа со еден профил, бидејќи еден од тие Твитер профили не беше регистриран неодамна како другите, туку всушност беше стар профил кој сега се користел за поинаква цел. Успеав да најдам стара верзија на профилот на Google Dashboard со друга слика на профилот на која имаше тетоважа, која ја најдовме на профилот на една личност на Google plus и потоа го најдовме неговото име. Другиот начин кој го користевме е проверка на регистрацијата на интернет страните и проверуваме кои од нив се меѓу првите регистрирани. Некои од нив не беа регистрирани анонимно, туку со вистински имиња, телефонски броеви и електронска пошта. Потоа ги најдовме нивните профили на Фејсбук и забележавме дека објавуваа линкови од интернет страните кои ја сочинуваа мрежата. Тогаш знаевме дека сме ги пронашле луѓето кои ги регистрирале тие страни. Потоа во нивната листа на пријатели на Фејсбук забележавме дека некои од овие луѓе се пријатели и дека сито така се пријатели со лажните профили и проверивме кој од нив објавува линкови од интернет страните. Утврдивме дека некои од овие луѓе се вистински пријатели или имаат семејни врски. Некои од профилите беа лажни како Џони Смит, кој е наводно американски војник од Њу Џерси, но имаше само пријатели од Македонија и тоа очигледно беше лажен профил. Гледајќи ги врските меѓу овие профили видовме дека многу од лажните профили се пријатели со луѓето кои ги најдовме и затоа сме убедени дека сите овие луѓе имаат врска со ова.

Рековте дека имале и семејни врски и изградиле семеен бизнис. Дали стапивте во контакт со нив и дали оние кои имале семејни врски само ги ширеле лажните вести или работеле заедно?

Ги прашавме. Но, не одговорија за тој дел. Некои од нив кажаа дека го правеле тоа порано, но не повеќе. Некои од нив ни спуштија слушалка, не одговорија на нашите прашања или не ни вратија на електронската пошта. Ние навистина не знаеме што точно бил договорот. Дали им плаќале? Дали им побарале услуга или се дел од тоа? Ние не знаеме, само знаеме дека нивните профили биле користени за да шират линкови. Тие не кажаа зошто го прават тоа, така да било кое објаснување е можно. Тие можеле и да го користа профилот на нивните сопруги и на тој начин да го направат тоа или можеле да го побараат како услуга или можеби им плаќале. Ние не знаеме може и да биле дел од бизнисот. Но, со сигурност знаеме дека биле инволвирани на некој начин.

Најстариот веб сајт кој го откривте датира од 2016 година. Дали дел од веб сајтовите кои ги откривте со вашиот софтвер ширеле лажни вести за изборите во САД и за што друго?

Да најмногу беа такви работи, но исто така и теории на заговор и антимуслимански, антимигрантски текстови и антиобама текстови. На пример еден од текстовите беше дека докторот на Мишел Обама тврди дека таа е маж што е популарна теорија на заговор во САД во некои кругови. Но, текстот кој тие го пренесуваат е од сатирична интернет страна и всушност беше шега.

Голем дел од нив повеќе не се активни. Колку точно?

Најмалку 45 од страните се затворени. Се уште има неколку интернет страни кои се активни. Но, ние мислиме дека овие интернет страни не биле всушност активни во минатото. Тие беа активни само неколку недели или неколку денови. Можеби немале успех, туку само експериментирале со нов изглед или можеби некој ја ископирал интернет страната да почне нешто ново или да проба нешто ново. Најголемиот дел од интернет страните кои се уште се онлајн можеби се и од нивни пријатели кои исто така сакале да се обидат. Но, делат исти карактеристики со другите интернет страни кои беа затворени. Факт е дека веднаш кога нашата сторија беше објавена и пред да биде објавена во медиуми, но откако ги контактиравме луѓето за кои знаевме дека се дел од мрежата и им пративме електронска пошта, ги баравме телефонски, сите интернет страни беа затворени.

Според вашите сознанија Русија не стои зад оваа мрежа. Но, дали овие лажни вести всушност се во нејзина корист?

Стратегијата на Русија, колку што јас ја разбирам е да се рашири сè што ќе предизвика раздор, поделби и политичка дебата. Она што сум го видел досега од извештаите на САД дека тие го зголемуваат постоечкиот наратив и стории. Ова е содржина кои тие најверојатно би сакале да ја рашират. Видовме во еден од извештаите на САД дека некои од руските профили ширеле скриншот од други интернет страни. Некои од тие страни беа како овие за кои зборуваме. Копираат и постираат антимуслимански и антимигрантски текстови. Не мислиме дека Русија стои зад оваа мрежа. Сметаме дека овие момци повеќе или помалку се аматери кои го правеле тоа за пари. Но, секако тоа е содржина која Русија би сакала да се шири. Но, да потенцирам не сме нашле докази дека тие стојат зад тоа.

Дали го продавате вашиот софтвер и дали ова е профитабилен бизнис?

Да софтверот „Trendolizer“ е за продажба за медиумски агенции, маркетинг агенции и проверувачи на факти. Се работи за израмнување на сметките и не правам голем профит од тоа. Но, очигледно е има поголема побарувачка за вакви решенија, бидејќи проблемот со лажни вести стана попознат во јавноста. Ќе биде користен односно има интерес од проверувачи на факти од ЕУ за време на изборите со цел да се набљудува што се кажува на темата и што се шири, бидејќи има толку многу лажни вести кои не добиваат внимание, но проверувачите на факти треба да се сконцентрираат на тие текстови кои добиваат голем ангажман, многу лајкови и споделувања. Со тие најпрвин треба да се бават. Она што мојот софтвер го прави, ви кажува во вистинско време кои се тие текстови за да може да одговорите на тие кои се од најголемо значење.

Во Македонија има и регуларни интернет страни кои меѓу другото шират и лажни вести. Како може да се бориме со овој тренд?

Советот кој јас би ви го дал е да продолжите да ги откривате и со докази побивајте го тоа што тие го пишуваат, а не е точно и обидувајте се да го правите тоа што побрзо. Значи што побрзо откако тие ќе објават излезете со вистината и уверете се дека и вашиот текст може лесно да се најде кога луѓето ќе ги пребаруваат клучните зборови за текстот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG