Достапни линкови

Коловски - Дигиталната архива на македонската музичка критика крие ненасетени можности


Работен во текот на минатата година, непосредно пред новогодишните празници беше јавно претставен проектот Дигитална архива на македонската музичка критика, зад кој со својот авторитет застана музикологот Марко Коловски со своите соработнички м-р Елени Новаковска и м-р Јана Коловска Бојовиќ.

Музикологот Марко Коловски е еден од ретките во македонската музичка култура кој не знае за одмор. Ниту кому несомнено му недостигаат идеи каде да ги насочи сопствените творечки енергии. Напротив. Тој, таков каков што е создаден – од тврд авторски материјал, деновиве ја израдува домашната културна јавност со првичното претставување на проектот Дигитална архива на македонската музичка критика, што во текот на минатата 2018 неуморно го работеше со своите соработнички и колешки м-р Елени Новаковска и м-р Јана Коловска Бојовиќ. Според сегашните сознанија, станува збор за прв ваков зафат на Балканот.

„Иако досега сум сработил релативно голем број музиколошки проекти, книги, монографии, лексикографски изданија, статии, циклуси емисии, сценарија, итн. - овој проект, оваа работа ми е посебно драга. Ако прашате зошто – тогаш мојот одговорил би бил: затоа што Дигиталната архива на македонската музичка критика, со амбиции да прерасне во дигитална архива на македонската музичка култура. Таа, всушност има за цел и да ја олесни работата на сите истражувачи на поновата историја на македонската музика и да ги подобри текстовите, истражувањата, сознанијата за неа. Кои, натаму, ќе бидат вовед во создавање една интегрална историја на македонската музика, која за жал сѐ уште ја немаме“, вели Коловски.

Доколку треба подетално да го објаснам проектот, појаснува музикологот, „тогаш ќе кажам дека всушност тој се состои во пронаоѓање, систематизирање, индексирање, скенирање на написите за музиката, во првата фаза – од 1935 до 1960 година, и нивна натамошна обработка“. Според него, ова значи дека преку специјално направена компјутерска апликација корисниците, кои и да се, од каде и да се и од каков и да е уред да и пристапуваат, да може да ја пребаруваат, да може да ги видат и читаат написите, најчесто критиките и да ги користат за намените за кои им требаат.

„Ако треба да зборувам за амбициите натаму, бидејќи во случајов ние зборуваме за една временска отсечка и за концентрација кон определен вид написи, значи кон критиките, тогаш моите визии се дека таа може и треба да се развива во две насоки. Всушност така е дизајнирана апликацијата уште од самото создавање: Да се продолжи во децениите што се поблиску до нас, но во кои, разбирливо има поголема концентрација на настани и написи од секаков вид, и, исто така, да се прошири опфатот кон другите, да не речам – сите новинарски жанрови поврзани со музиката: значи – интервјуа, разговори, есеи, па и најави, зошто да не. И тие понекогаш или многу често укажуваат за природата на музичкиот живот во времето во кое се напишани“, истакнува Коловски.

Марко Коловски
Марко Коловски

Тој и со акцент на тоа дека во нејзиниот опсег се сите жанрови, што подразбира дека тука се и популарната музика и фолклорот, „покрај веќе неизбежната класична музика“. И дека тоа се гледа и од оваа прва фаза во која во „Дигиталната архива на македонската музичка критика“ се поместени и неколку драгоцени записи од самите почетоци на нашата забавна музика и од односот кон народната музика.

„Со еден збор, амбициите се оваа архива да стане централен и неизбежен извор на информации за музичката култура во Република Македонија. Се разбира, за да се достигне таа цел ќе бидат потребни неколку години и не многу средства. Дури можеби сосема скромна поддршка. А бенефитот од тоа е навистина колосален“, тврди Коловски.

Музикологот истакнува дека во првава фаза, во која делумно се занимавал и со други проблеми – методолошки, информатички, дизајнерски итн, во реализацијата на проектот му помогнале колешките Новаковска и Коловска Бојовиќ, но доколку се остварат неговите желби, планови и проекции, натаму, не само што ќе има простор, ами ќе има потреба од вклучување на повеќето од десетината музиколози кои интензивно работат во македонската музикологија.

Од таму тој не заборава да упати порака до колегите од другите области од македонската култура „што побрзо ова да се аплицира врз сите области“. Вели дека вртејќи ги по којзнае кој пат весниците и списанијата наидувал на прекрасни текстови, полемики, есеи итн. од сите области на нашата култура - од литературата, ликовната уметност, театарот и дека сето тоа треба да стане достапно на еден модерен начин и во оригиналната форма“.

„Гледајќи со што денес ние се занимаваме, а знаејќи со што се занимавале и за што пишувале великаните на македонската култура, многу често имам впечаток дека ние откриваме топла вода. Незнаејќи дека во таа и таа година, еди кој си веќе ја открил. Дека за музичката критика, на пример, уште во 1954 година има прекрасен текст Васил Ќортошев, а подоцна уште неколкумина, а ние расправаме како да сме први што се соочуваме со проблемот. Затоа, велам, нашата периодика и сѐ што било во неа, треба да стане достапна. Се разбира - спастрена, да го употребам тој збор, на начин за да може лесно да се пребарува по теми, поими, имиња и сл. И да може да се види каде и да сме во светот. И во кој и да е момент. Тоа во себе крие ненасетени можности. Ете, тоа е мојата визија во врска со ова“, категоричен е Марко Коловски.

Кон неговите зборови уште и информацијата дека зад овој проект работен во рамките на делувањето на Центарот за музикологија (ЦЕМ) и Музичкиот издавачки центар (МИЦ), застана и Министерството за култура без чија скромна помош идејата ќе останела само на хартија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG