За опозицијата конзистентен и политички зрел говор. За власта дрзок и безобразен, полн со омраза и лаги. Вака најголемите политички партии го оценија годишното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов во Собранието. Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека говорот на првиот човек на државата дава одлика на конзистентен политичар кој ја почитува волјата на граѓаните. Како посебно загрижувачки го издвои следниот дел од неговото обраќање:
“Она што посебно загрижува и денеска за прв пат го слушнавме во историјата на РМ од еден претседател на државата дека тој и неговите соработници, имаат сознанија дека врз основа на усна наредба УБК ги следи комуникациите на претседателот, неговите соработници и неговите блиски соработници. Доколку е ова вистина, може да се смета како еден голем минус кој создава правна и политичка несигурност, не само за претседателот туку и за секој граѓанин, кој би можел да биде следниот кој врз основа на усна наредба би можел да биде следен”, изјави Милошоски.
Власта пак смета дека обраќањето на Иванов имало една добра и една позната вест. Добрата вест е што Иванов си оди, а познатата е тоа што и во ова обраќање ја потврди неговата улога на антизападен и антинароден елемент, последен остаток од криминалниот режим на Никола Груевски, рече Костадин Костадинов од СДСМ.
“Иванов може да зборува само за неуспехот во неговите два мандати. Македонскиот идентитет и јазик се трајно обезбедени и заштитени. Македонија успеа, Иванов не. Иванов не верува во сопствената земја, сопствениот народ, зборува за темнина, јазли, негирања на народот, пандорини кутии. Заглавен е во минатото, целосно отсутен од стратешките интереси на РМ”, изјави Костадинов.
Костадинов додаде дека претседателот Иванов досега не ги пријавил неговите сознанија дека е прислушуван.
“Симптоматично е тоа што Иванов досега не го пријавил тоа како случај. Јас тврдам дека по заминувањето од власт на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски граѓаните на РМ можат да спијат мирно и повеќе никој не се прислушува”, рече Костадинов.
Пратениците на Демократската Унија за интеграција не го следеа говорот на Иванов во Собраниската сала. Во името на партијата Артан Груби му посака збогум на претседателот Иванов.
“Најдобрата вест денес е што Иванов брои ситно. Несреќата на нашата држава си заминува скоро. Тој со своите дела и со своите недела се надмина и себеси и Чарлс Бојкот и брутално ја наруши волјата на граѓаните и Уставот на РМ. Единствено нешто што може да му го кажеме денес е чао”, рече Груби.
На говорот на Иванов реагираа и од Владата, соопштувајќи дека Иванов може да зборува само за еден неуспех, односно неуспехот на неговиот мандат.
"Претседателот Иванов и со денешното свое обраќање пред македонската јавност, во Собранието на Република Македонија, докажа дека остана доследен само на својата определба да продолжи да ги дели граѓаните, која денеска ја дополни со конструкции со кои потврди дека живее во свет на заговори. Со овој свој настап тој уште еднаш докажа дека наместо да го прочита Договорот од Преспа, и да ги поддржи гаранциите за идентитетот и за просперитетот кои ги нуди овој Договор, тој продолжува да шири невистини и омрази, обидувајќи се со тоа да го попречи напредокот на граѓаните на Македонија", се вели во соопштението од Владата.