Работен како еден од трите дела за претставување на културното богатство на Македонија, видео спотот за навивачката група „Балисти“ од Тетово, чиј предлагач и автор е Фатон Ислами во рамките на проектот „Запознајте ја Македонија“ на Министерството за култура, веднаш по неговото објавување ја подели јавноста. Од симпатизерите на фудбалскиот клуб „Шкендија“ беше пречекан со воодушевување, а од некои од македонските интернет медиуми со осуда дека „шири говор на омраза“. И, во појаснување на ова се додава дека во видео клипот има кадри на кои убаво се гледа транспарент истакнат од навивачката група „Балисти“ на една од трибините на стадионот во Тетово каде стои дека „Тие се канцерот на Европа“.
„Ниту во доставената апликација, ниту во описот на проектот, ниту пак во видеото што го погледнав нема говор на омраза, ниту пак повикување на насилство“, вели министерот за култура Асаф Адеми.
Министерот појаснува дека во апликацијата која била доставена до Министерството за култура за проектот „Запознајте ја Македонија“ од лицето Фатон Ислами било наведено дека во три различни градови, во Тетово, Кратово и Кичево, преку снимени видео материјали ќе се промовираат некои особености и автентичности од културното живеење во овие градови. Затоа тој е и категоричен оти нема да се дозволи да бидат промовирани такви проекти.
„Не можеме ние како Министерство да дозволиме да се промовираат такви проекти. Доколку има ние ќе преземеме соодветна инспекциска активност. Но, од тоа што го видов и од тоа што го слушнав тврдам дека нема каков било говор на омраза. А, исто така во овој проект се промовираат и локалитетот Куклица и културното наследство на Кратово. Исто така има видео и за Кичево кадешто преку историјатот на возот и железничкиот сообраќај се претставува културното наследство на овој град“, тврди министерот Адеми.
Прашан, пак, за тоа колку е нормално особеноста на Тетово како град или идентитетот да се врзуваат за една навивачка група тој новинарите „ги посоветува да го прашаат авторот Ислами“.
„Сега откако го имаме овие аргументи ќе си седне комисијата и ќе работи на случајот. Ќе се пратат инспекциски служби и ќе биде утврдена фактичката состојба. Не можам да знам зошто тој тоа го направил. Сега инспекциските служби ќе го направат своето“, вели министерот Адеми.
Инаку, целиот проект е поддржан од Министерството за култура со 150.000 денари, но останува нејасно зошто засега во јавноста е пуштен само видео прилогот посветен на навивачката група „Балисти“, без притоа да биде комплетирано сето она што авторот сакал да го претстави во рамките на „Запознајте ја Македонија“. Згора, не се сомневаме дека оваа навивачка група е (социјален) феномен сам за себе, како што впрочем се тоа веројатно и сличните од другите градови како „Шверцери“, „Комити“, „Чкембари“...но зарем ликот, духот и културната традиција на еден град како Тетово требаше да биде симболично претставен на овој начин.