Достапни линкови

Неутралноста е клучна за добрососедската политика


Граничен премин меѓу Косово и Србија
Граничен премин меѓу Косово и Србија

Домашните аналитичари велат дека Македонија треба да остане неутрална и да се обиде да ги зачува добрите односи и со Косово и со Србија и покрај тензиите меѓу нив. Како добри соседи, најдобро е да не се мешаме со никакви изјави во однос на актуелната ситуација, сугерираат експертите.

Во период на зголемени тензии како на економски, така и на политичко-безбедносен план помеѓу Косово и Србија, Македонија треба да ја задржи својата неутралност и со никакви изјави да не предизвика реакции од едната или другата страна. Вака познавачите на состојбите го коментираат последниот развој на настаните меѓу двете соседни земји со кои Македонија има традиционално добри односи.

Професор Никола Дујовски од Факултетот за безбедност вели дека во овој момент најдобро е будно да се следи ситуацијата во соседството и да се продолжи по интеграцискиот пат и што побрзо Македонија да стане членка на НАТО.

„Односите меѓу Србија и Косово ќе бидат деликатни и специфични и во наредниот период. Тоа што денеска ќе поминат законите за формирање на војската на Косово, ќе наиде на соодветна реакција од Србија, но Република Македонија не е дел од тој проблем и не може да биде ниту дел од решението. Ние не можеме да помогнеме ниту на едната, ниту на другата страна. Единствено како добри соседи добро е да не се мешаме со никакви изјави во однос на актуелната ситуација, каква и да биде во наредните денови”, вели Дујовски.

Дујовски сепак, додава дека македонските безбедносни сили мора да бидат будни, додавајќи дека никогаш на Балканот регионалните тензии не останале на територијата на само една држава. Лично не верува дека формирањето војска на Косово би предизвикало ескалација на воен конфликт.

„Доколку било што се случи нема шанси Македонија да нема последици. Во најмала рака ние ќе мора да ја зајакнеме контролата на северната граница кон нашите два соседа од север”, вели Дујовски.

Тензиите меѓу Косово и Србија веќе некое време постојат и во економските односи. Косовската влада воведе давачки од 100 насто на сите стоки увезени од Србија и Босна и Херцеговина, што пак ја отвори дилемата дали македонските трговци можат да ќарат од оваа „економска војна”.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека како економист не може да најде оправдување за ваквата мерка, но како што вели, Македонија на краток рок би можела да ја унапреди трговската размена со Косово. Сепак според него, земјава треба да го одржи балансот во односите со двата соседи.

„Македонија треба да биде неутрална. Тука нема основа Србија да и се лути на Македонија, затоа што Македонија го призна Косово како држава. На релација Косово-Македонија овие мерки немаат последици и нема потреба воопшто да се изјаснува дали е неутрална или не, бидејќи никој не ги прашува другите земји, вклучувајќи ја и Македонија за овој спор меѓу Србија и Косово”, вели Хајредини.

Нашите соговорници велат дека добрососедската политика е особено важна во актуелниот период кога главни стратешки приоритети на Македонија се евроатланските интеграции.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG