Поранешниот директор на Бирото за јавана безбедност Митко Чавков можел незабележано од приватните канцеларии во „Технометал Вардар“ да влезе во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ преку подземниот паркинг кој ги поврзува двата објекти. За време на рочиштето за настаните од 27 април, беше посочено дека Чавков имал канцеларии во „Технометал Вардар“, но тие всушност биле закупени од неговата ќерка Зорица, според договорот до кој дојде Радио Слободна Европа.
Три канцеларии со површина од 70 метри квадратни биле закупени од 1 септември 2016 година од страна на „Фидем Консалтинг“, чиј управител е Зорица Чавкова, како и од фирмата „Алмаин“ од Кавадарци, чии управители се Томе Закирски и Горан Митев. Закупнината за канцелариите чинела 200 евра, а со тоа им следувало и едно бесплатно паркинг место.
Чавков според пишувањата на Фокус е кум на Митев. Синот на Чавков, Иван пак преку фирмата „Портланд-ОПЦ“ има удел во „Алмиан“. Во втората половина од 2016 година, во сопствеништвото на „Алмиан“ влегува и „Фидем Консалтинг“.
Чавков на 27 април можел да биде во ВМРО-ДПМНЕ
Канцелариите во „Технометал Вардар“ станаа актуелни во јавноста откако двајцата телохранители на Чавков, Никола Димитриевски и Вангел Цакончев сведочеа дека поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност на 27 април бил токму во „Технометал Вардар“, кој се наоѓаа на 50 метри од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинетиот Александар Василевски-Нинџа претходно сведочеше дека Чавков бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ каде што заедно со високи функционери на партијата ги предводеле настаните во Собранието на 27 април. Тој ги оспори и сведочењата на телохранителите кои ги праша дали од гаражата на „Технометал Вардар“ преку подземен премин се стигнува во гаражата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Вашиот ВИП-објект не сте го чувале доволно бидејќи од 18 до 19:15 часот беше на осми кат во ВМРО-ДПМНЕ“, им рече Нинџа на телохранителите.
Во гаражите на „Технометал Вардар“ и тие на ВМРО-ДПМНЕ се влегува од исто место и се наоѓаат под двете згради. Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека од подземниот паркинг има скали кои водат до седиштето на партијата. Од паркингот на Технометал Вардар пак има лифт и скали кои водат до внатрешноста на просториите на фирмата.
Со тоа се отвора сомнеж дека Чавков можел без да биде забележан од паркингот на „Технометал Вардар“ да влезе во објектот на ВМРО-ДПМНЕ. Но, се отвора и прашањето што барал Чавков како директор на Бирото за јавна безбедност и со златна команда во текот на настаните на 27 април да биде во приватни канцеларии во „Технометал Вардар“ наместо во МВР.
Чавков чувал документи во „Технометал Вардар“
Според сведочењата на телохранителите, сите приватни и службени документи Чавков ги префрлил во „Техонометал Вардар“ откако во 2016 година беше избрана техничката влада и министер за внатрешни работи стана Оливер Спасовски.
Документите, според извори во „Технометал Вардар“, од канцелариите во фирмата биле изнесени еден ден по апсењето на Чавков на 28 ноември, минатата година. Набрзо потоа спогодбено бил поништен и договорот за закуп на канцелариите. До МВР пративме прашања дали ќе биде отворена истрага за тоа каква службена документација Чавков чувал во приватни канцеларии, што е недозволиво како прв човек на БЈБ и воедно каде завршила истата.