Достапни линкови

ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ – никогаш посилен


ТАКСИРАТ 2018, плакат
ТАКСИРАТ 2018, плакат

Десет славни музички имиња, бендови како МАНДО ДИАО, ТЕРАПИ, ПЕНДУЛУМ, на три сцени и по прв пат во Арена „Борис Трајковски“, ја чинат програмата на финалната вечер на 20-то јубилејно издание на фестивалот ТАКСИРАТ, кое оваа сабота на 8 декември несомнено „ќе го преврти Скопје наопаку“.

Скопје во изминативе седум дена интензивно живее со својот ТАКСИРАТ. Со фестивалот кој цели две децении им пркоси на турбо атаците од секаков вид и се издига како непремостлив ѕид во одбрана на урбаната култура. На слободната и со ништо неограничена мисла и на потребата да не им се робува на идеологиите на срамот кои го деформираа нашето секојдневие и упорно ни ја убиваат желбата да бидеме свет. Или, барем да го држиме ритамот со постојната матрица на глобалните метрополи каде рокенролот (како многу поширок поим од неговото основно значење) е вткаен во обичноста на индивидуите. Ете, токму и затоа во декември е благодет да се биде дома и да се биде на ТАКСИРАТ. Оти тогаш неминовно е чувството дека покрај пи-ем честичките во загадениот воздух вибрира позитивниот дух на градот. И, така цели 20 години во менување на стварноста.

Но, да се вратиме на фактите. Телеграфски одбележувањето започна со февруарскиот концерт на еден од најзначајните бендови во историјата на современата музика, германскиот КРАФТВЕРК. Потем ги видовме и чувме словенечкиот ЛАЈБАХ кој во својот последен налет ја брануваше јавноста со посетата на Северна Кореја, па џипси-панкерите ГОГОЉ БОРДЕЛО, Ману Чао (овојпат со акустичен сет), реге хероите ИНЕР СИРКЛ, Акуа Неру...

Згора на ова, во текот на изминатава седмица во рамките на официјалната програма која започна со ПИН музичката конференција (по мнозина ова беше нејзиното најуспешното издание досега на кое Скопје беше местото за поврзување на европската музичка индустрија) публиката имаше можност во Младински културен центар да проследи 30-на исклучително успешни концерти и несекојдневни перформанси. Барем како такви ќе бидат втиснати во колективната меморија настапите на Д-р Неле Карајлиќ, СТРАЈК, ЕТ Д ГЕЈТС, двете вечери на „п(р)оезија“ на Рамбо Амадеус и конечно громогласното и моќно враќање на една од значајните пројави на македонската урбана сцена – индастријал бендот КИБОРГ.

А, пред големата експлозија, овој петок, ќе биде одржан и последниот настан од оф-програмата на ТАКСИРАТ 20 – ЛУЗЕР ФЕСТ, случувањето своевремено иницирано со идеја да ги промовира најновите домашни состави чие време допрва доаѓа. Годинава финалето со своите настапи ќе го одбележат ХАЛФГОД од Кичево, РЕИНКОНЕКТИД од Охрид, ДАКТИЛИ од Струмица и скопските состави ФИКШН, ТАЈМ и ИЈАХ. Специјални гости на ЛУЗЕР ФЕСТ ќе бидат минатогодишните победници КОНСПИРАСИ кои ќе го промовираат својот деби албум.

И конечно, оваа сабота ТАКСИРАТ на главната бина и за прв пат пред македонската публика ги носи еден од најпосакуваните бендови на современата сцена, шведската инди-рок група МАНДО ДИАО и легендарниот австралиски драм-енд-бејс феномен ПЕНДУЛУМ кој доаѓа со својот фуриозен диџејски сет. Покрај нив, тука се НОВЕЛ ВАГ, одомаќените босанско-херцеговачки ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ, ТЕРАПИ, нашите металкор херои СМАТ и „ново-примитивните“ социо-рок поети КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ.

Во најавата уште и тоа дека на втората бина, во малата сала, премиерно кај нас ќе настапи апсолутниот светски битбокс шампион РАХЗЕЛ придружуван од славниот скреч-тандем Д ИКС-ЕКЈУТИОНИРС, како и некои од домашните водечки имиња кога се урбаните журки во прашање САФ САУНД СИСТЕМ и ТРАП ДА ФАК АП!

Посебно место во осумчасовниот музички маратон си има и третата сцена именувана како САЈЛЕНТ ДИСКО, а на која на трите диџејски пулта во исто време ќе се најдат „суверените владетели на домашните подиуми“ - СКОПСКИ ГРУВ, ОУБЛИ и Шурбе.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG