Достапни линкови

Неделници - Многу виновници за бегството на Груевски


Архивска фотографија - Груевски и Орбан.
Архивска фотографија - Груевски и Орбан.

Покрај бегството и унгарскиот азил за Никола Груевски, тема на медиумите и на јавноста стана и притворот на неговиот братучед Сашо Мијалков.

Фокус - Малиот братучед излегол поитар од големиот

„Каква иронија на судбината“, пишува Фокус во „Нештата да станат појасни“. Можеше ли некој да замисли ваков заплет на судско-криминалната сага по „бомбите“, продолжува авторот и вели дека малиот братучед излегол поитар од големиот... „Сашо во смрдлива ќелија во Шутка, Никола во раскошна вила во Унгарија“. Авторот објаснува и зошто кажува „заплет“: „Кулминацијата и расплетот допрва ќе следат. Ова се, имено, сè уште почетни, а не конечни одлуки на судот и на обвинителството за вината на Мајалков, а и политиката, како што тоа вообичаено бива кај нас, сè уште не го кажала својот последен збор“. Уводничарот во Фокус поентира со мислата дека, „и да не се случи екстрадиција на Груевски, за Македонија е важно сите злостроства на Фамилијата, на чело со Груевски и Мијалков, да се расчистат во судски процес. Но, уште поважно е да се направат крупни политички и судски реформи по кои ќе биде невозможно Груевски некогаш триумфално да се врати во Македонија и да му бидат простени злоделата, дури и ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт“.

Капитал - Премногу улоги за бегството на Груевски да биде само македонски театар

Капитал анализира и насловува: „Премногу улоги за бегството на Груевски да биде само македонски театар“. Па прашува зошто Груевски е толку важен за Орбан? „Унгарецот впрегна и амбасади и дипломати и домашни власти само за да ја спаси ’главата‘ на осудениот политички или бизнис партнер!?“ Авторката на анализата во неделникот продолжува со размислата до која мерка во случајот се вмешани руските релации и интересот на Москва за да се наштети на процесот на интеграциите на Македонија и нејзиниот западен пат? Додека се бараат одговорите на овие прашања, според Капитал, јасно е само едно – дури и со неспособноста на македонските институции, па дури и со постоење на некаков домашен политички договор за негов спас и бегство, ова немаше да може да се изведе без активна поддршка на инволвираните земји, првенствено на Унгарија. „Акцентот на оваа меѓународна врска мора да се става паралелно со инсистирањето на преземање одговорност дома, оти само наивните во власта можат да мислат дека овој државен пораз ќе се менаџира без да ’летне нечија глава‘, исто како што е наивно и неодговорно да се аминуваат ’скратените постапки‘ со кои Европа отвора врати за балканските криминалци“, поентира Капитал.

Глобус - Во случајот со бегството на Груевски не може да се утврди вината, бидејќи виновници има толку многу!

И онлајн неделникот Глобус се занимава со анализа на пропустите на македонските судски и полициско-разузнавачки инстанци во случајот „бегството на Груевски“ и прави обид да се утврди чија е вината. „Во случајот со бегството на Груевски не може да се утврди вината, бидејќи виновници има толку многу!“ – извикува како одговор авторот на текстот во неделникот, па додава: „Со толку фаули врз простата логика да не нè чуди тогаш што јавноста сето ова го толкува како изрежиран случај, најпрвин од страна на надворешниот фактор, кој евентуално проценил дека долгорочно тоа е добро за стабилноста на Македонија. Помалку е веројатно дека тоа е некаква самостојна ’домашна кујна‘, зашто во таков случај одново би се прашувало надвор за користење на таков ’рецепт‘“ – завршува онлајн магазинот Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG