Достапни линкови

Штуловиот универзитет со решенија за загадениот воздух во Тетово


Штуловиот универзитет произведува електрична енергија од сопствени фотоволтаични панели, работат на систем на автоматско вклучување и исклучување на греењето. Институтот за животна средина на универзитетот работи на истражувања како да се намали загадувањето.

Институтот за животна средина и здравје при Универзитетот на Југоисточна Европа со свои решенија се обидува да го намали загадувањето на воздухот во кампусот, а истовремено се надеваат дека истите примери може да се користат и во заедницата со цел подобра животна средина. Повеќе не користат нафта за греење, создаваат електрична енергија од сопствени фотоволтаични панели и слично. Имаат уште идеи кои ќе придонесат за намалување на загадување на воздухот.

„Слободно можам да кажам дека 100 илјади евра годишно имаме чиста заштеда затоа што се грееме на пелети. Воедно овде имаме систем на далечинска контрола на палење на поединечните единици на вклучување, исклучување на систем за греење, но таа е мануелна. Новиот систем на којшто сега работиме е систем којшто ќе внесува енергија колку што ќе треба и таму каде што треба. Доколку училницата од 12 до 2 има предавања, нема системот да се вклучи од сабајле и да грее, туку ќе се вклучи во 12. Притоа ако сонцето доволно ја загреало на таа потребна сетинг температура од 19 и 20 степени, системот воопшто нема да внесува енергија“, вели Дарко Спировски, технички советник во Институтот.

Тој смета дека граѓаните и општеството треба директно да влијаат на намалување на создавањето на ПМ честичките кои се најголем загадувач на воздухот. Според него, треба драстично да се намали употребата на дрва за греење.

„Не после емисија на ПМ па што да правиме со нив. Затоа што тоа е материјална честичка којашто има маса, тежина. Кога ќе излезе од оџак таа може да лета одредена должина, пат да помине и обично паѓа. Утредента луѓето поаѓаат на работа, нормално со возила повторно се дига и се прави ре-емисија. Идејата е поголем број од граѓаните, наместо со дрвна маса, да почнат да користат друг тип на енергенс во конкретниов случај тоа е електричната енергија, но на кој начин. Не да купуваат ќумбиња на струја или греалки или парно греење, туку полека да се префрлаат на навистина енергетски ефикасен модел на греење, а тоа се таканаречените топлински пумпи“, рече Спировски.

Меѓународните искуства и нови истражувања се фокусот на Институтот во насока на решенија за Универзитетот, но и за сите останати, изјави директорот Вели Креци.

„Ние како Институт се стремиме да бидеме носител на овие иновативни решенија во однос на животната средина и тоа како тоа влијае на здравјето. Европските фондови ни се таргет за да дојдеме до оваа мрежа на институции кои имаат искуство и можат да ни понудат иновативни решенија. Одиме во насока како да станеме, не само на микро ниво енергетски ефикасни, туку и на макро ниво, каде што може сите овие насоки коишто ќе излезат како политики да се применливи на секое ниво во општеството“, вели тој.

Тетово речиси постојано се наоѓа на првото место на градови во Македонија поради загаден воздух. Дури и во студија на Светската здравствена организација за 2018 година е посочен како еден од најзагадените градови во Европа.

XS
SM
MD
LG