Граѓаните кои можат да докажат нарушување на здравјето поради загаденоста имаат можност да бараат правда и пред суд, велат претставниците на невладиниот сектор. Во Тетово, здружението Еко Герила, дел од своето работење ќе го насочи кон помагање на граѓаните околу процедурите да се бара отштета на суд во случаи каде загадувањето е причина за здравствените проблемите.
„Ќе даваме бесплатна правна помош на граѓаните кои сакаат да ги тужат загадувачите или институциите кои пак го дозволуваат загадувањето. Загадувањето има влијание врз здравјето на граѓаните. Во 2017 година годишното просечно загадување беше 61. Во споредба со минатите години кога загадувањето беше 140 или 150. Има подобрување можеби на акутните болести, додека на хроничните верувам дека нема некое подобрување“, вели Аријанит Џафери од Еко Герила.
Александра Бојаровска од организацијата Фронт 21/42 и експерт по еколошко право, смета дека недостасува соодветно информирање на граѓаните од страна на институциите во однос на аерозагадувањето. Таквата состојба ја ограничува нивната можност да преземат правни чекори.
„Прво нешто на што би требало и граѓаните да обрнат внимание е пристапот до информации кој што им е согласно закон загарантиран. Дополнително би сакала да ги потсетам институциите кои што имаат обврска да имаат активен пристап кога се работи за ваков тип на информации на загадувачи. Тоа би значело дека во секое време би требало граѓанинот да има пристап до секој загадувач колку и како во актуелниот момент неговото загадување или неговиот сооднос во однос на загадувањето во одреден град или одредена урбана средина. Во однос на поголемите загадувачи веќе има некакво подобрување, но во однос на малите загадувачи на оние кои подлежат на Б интеграрани дозволи тие информации се се уште не познати“, рече Бојаровска.
Граѓаните да се информираат прецизно зошто областа е широка, вели Бојаровска.
„Во однос на правните механизми како, зошто и на кој начин би можело да ги адресираат овие проблеми од страна на самите граѓани би сакала да напоменам дека прво би требало да се одлучи на кој конкретен загадувач ќе се постапува и дали кој конкретен загадувач ќе се се постапува. Доколку се работи за индустрија, индустриите подлежат на одредени еколошки дозволи и јавноста има право да учествува но може да бара одговорност доколку таквите услови предвидени во таа дозвола не се спроведуваат и не се соодветно спроведуваат“, потенцираа таа.
Во рамки на Министерството за животна средина и нивниот информативен центар веќе две години работи регистар на загадувачи со посебна интернет страница. Преставува база на податоци за националните емисии и преносот на загадувачите, податоци за емисии на 91 вид загадувачка материја. Интернет страницата обезбедува пристап до регистарот и содржи информации и податоци за спречување и контрола на загадувањето на животната средина, загадувачките материи и нивното влијание врз здравјето на луѓето.