Доколку пронајдете куче на улица што нема сопственик и сакате да му пружите прва нега, треба да го однесете на ветеринарен преглед. Вас како поединец основниот преглед ќе ве чини од 200 до 400 денари во зависност од амбуланта, а ако го сторите со помош на невладина организација може да поминете и бесплатно. Но, затоа пак, Градот Скопје преку ЈП „Комунална хигиена“ за таква услуга сега плаќа 700 денари, покажуваат финансиските извештаи.
Обележувањето со ушна маркичка на едно бездомно куче сега изнесува 1200 денари на буџетска сметка, услуга за која во изминативе три години биле потрошени околу 40 илјади евра.
За споредба, обележување на јагне или овца во ветеринарна станица во источна Македонија чини 50 денари, што е за 24 пати поевтино од тоа што го плаќа скопското јавно претпријатие. Ако претпријатието би наплаќало по оваа најниска цена на пазарот, тогаш би потрошило околу две илјади евра.
Минималните цени ги одредува Ветеринарната комора, која вели дека ги одредува врз основа на минималното чинење на определена медицинска процедура или зафат и примарно има цел да обезбеди стручно ниво и квалитет.
Од друга страна, пак, според наплатените фактури, успивање на куче чинело речиси исто колку и обележувањето со ушна маркичка.
За дополнителни услуги како чистење од глисти или тестови за инфекции може да добиете и одредени попусти доколку бездомното куче го однесете преку невладина организација, велат ветеринарите со кои разговаравме. Но, „Комунална хигиена“ - Скопје голем дел од услугите кои се однесуваат на медицински третман на бездомни кучиња со народните пари ги плаќа поскапо, покажуваат финансиските извештаи до кои дојдовме.
Тендерот со години наназад го добива исклучиво Ветеринарната болница Скопје, која само во изминативе четири години наплатила 440 илјади евра за медицински третман на бездомни кучиња, велат од „Комунална хигиена“.
Советничката во Град Скопје, Драгана Велковска, обвинува дека критериумите во тендерот се наведени така што никој друг не ги исполнува условите.
„Според бројот на вработени, првично. Бројот на вработени се бара да биде повеќе од осум лица, а ниедна ветеринарна амбуланта која работи приватно нема толку голем број на вработени. Треба да постои конзорциум од повеќе ветеринарни амбуланти за да може да одговорат на повикот“, вели советничката Велковска.
Законот забранува со тендерските услови да се фаворизира одредена фирма, но во Комунална хигиена велат дека тие имаат право да бараат тој што се јавува на тендерот да има капацитет да ја изврши услугата.
Во писмена изјава тие посочуваат дека спецификациите на тендерот ги изготвуваат според потребите на стационарот „Вардариште“. На обвинувањата од активистите дека критериумот од најмалку осум доктори може да го исполни само една болница, велат дека е изведен од потребата.
„Во зависност од бројот на заловени бездомни кучиња што во дадениот момент престојуваат во Стационарот „Вардариште“, варира и бројот на присутни ветеринарни доктори во една смена. Во Стационарот во две смени работи ветеринарна служба што ја проценува здравствената состојба и евентуалното присуство на прекумерна агресивност кај заловените животни“, информираа од јавното претпријатие.
Од друга страна, пак, директорката на Ветеринарната Болница Скопје, Јасминка Серафимовска, вели дека услугите се наплаќаат поскапо заради зголемениот ризик за ветеринарните доктори.
„По ценовникот кој е издаден и од Ветеринарна комора еден преглед чини најмалку 400 денари, значи зборуваме 400 денари во нормални услови кога сопственикот ќе си го донесе животното на преглед, тој гарантира за него како ќе постапува, тој го придржува. Овде сето тоа сами го правиме - да го извадиш од кафез, да го донесеш, да го прегледаш, да му ставиш анестезија, да му извршиш интервенција, да го вратиш потоа назад. Па има надзор два три дена потоа, доколку има антибиотска терапија или нешто друго соодветно, така што затоа се тие цени. Инаку ако ја земете кастрацијата, цената на самата услуга, на хируршките интервенции се многу под реалните цени. Е сега да не зборуваме ако тие се агресивни, сепак се тоа бездомни животни каде што ризикот е многу поголем при манипулација со нив, отколку во некоја ветеринарна клиника, дали кај нас или каде било “, истакна Серафимовска, која дополни дека тие ги понудуваат цените, а „Комунална хигиена“ ги прифаќа, но доколку не ѝ одговараат може да ги одбие.
Од Градот Скопје не сакаат да ги коментираат обвинувањата за наместен тендер, и во писмена изјава посочуваат дека тие и јавните претпријатија кои се под нивна надлежност постапуваат согласно законот.
„Целокупната постапка за медицински третман се спроведува од страна на стационарот „Вардариште“, поточно од страна на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ кое раководи со истиот и за подетални и попрецизни информации треба да се обратите кај нив. Градот Скопје е институција која работи согласно програми, планови и законски одредби и како таква не може да коментира или да има ставови“, се вели во краткиот одговор од општината.