Достапни линкови

Бездомните кучиња биле на неодговорни сопственици


Бездомни кучиња во Скопје.
Бездомни кучиња во Скопје.

Ако граѓаните се одговорни, нема да има бездомни животни, истакнуваат активистите. Бараат сериозен пристап од државата при контрола на сопствениците. Агенцијата за храна и ветерина наредниот месец масовно и бесплатно ќе ги пушти во оптег микрочиповите за миленици, кои ќе помогнат за контрола.

Граѓаните повторно сведочат за непријатни ситуации со бездомните кучиња. Случаите на напади од кучиња, но и труења на скитниците, не стивнуваат. Оние што се плашат од уличните кучиња и оние што не се плашат, се согласуваат дека мора да се најде решение и да се вложи.

„Па, не се плашам, има решение - да се отворат како некои згрижувалишта да има, ако веќе има некои проблеми со кучињата“, изјави граѓанка.

Посериозни мерки бараат и оние кои не се чувствуваат безбедно одминувајќи се со куче бездомник. Павле Христов смета дека треба да се преземе нешто и заради туристите низ Скопје.

„Нормално дека се плашат и младите и старите, меѓутоа кучињата наводно се вакцинирани. Тоа е многу лоша слика, многу непријатно, оти имаме многу туристи кои сакаат да видат нешто, да се покаже Скопје како град, Македонија како држава. Би го замолил градоначалникот да преземе посериозни мерки“, вели Христов, а истиот став го дели и Нермина Хоџиќ.

„Многу кучиња има, и страшно е, страшно е куче да ти помине, и за деца и за возрасни. Мора решение да се најде. Треба градоначалникот да реагира, да се најде некој простор за кучињава да се сместуваат“, истакна Хоџиќ.

Засега во Скопје функционира стационарот „Вардариште“, кој има капацитет да смести околу 100-тина кучиња, а повеќе од 10 години ја спроведува програмата „Залови, стерилизирај, врати“. Според програмата, екипите на стационарот заловуваат кучиња, ги прочистуваат од внатрешни и надворешни паразити, ги стерилизираат и ги враќаат од онаму од каде што биле заловени.

„Она што е проблем можеби на улиците е масовната миграција на животните, село-град на пример, која што е позабелижлива во зимскиот период, од тие причини ние не можеме да бидеме никогаш сигурни колку животни во моментот се присутни на улиците од тие причини се јавуваат кучиња кои што се без ушна маркичка“, изјави Ана Марија Бранѓолица, портпарол на скопското претпријатие „Комунална хигиена“, под чија надлежност е „Вардариште“.

Од друга страна, здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ смета дека проблемот е во неодговорното сопствеништво и недостаток на сериозна контрола.

„Ние имаме илјадници бездомни кучиња, не само во Скопје, туку низ цела Македонија и тие се плод на неодговорно сопствеништво. Кога сите би ги почитувале законите и кога државата ќе го регулира неиспуштање на нови кучиња на улица, „Вардариште“ нема да има потреба да постои, „Вардариште“ нормално ќе постои за да се контролира и дека мора да има еден општински стационар, но кога имате 60 илјади кучиња на улица не може сите да ги ставите во „Вардариште“, потенцира Радмила Пешева, член на здружението „Анима Мунди“.

Околу труењата на кучињата, од здружението велат дека полицијата мора посериозно да постапува.

Полицијата не ги третира овие случаи сериозно за да може конечно да фати еден трујач, кога ќе фати и казни еден трујач тоа ќе биде пример за сите, едноставно кога ќе се јавите во полиција да пријавите труење тоа не го гледаат како било каков престап и го игнорираат случајот“, вели Пешевa.

Активистите за правата на животните посочуваат дека државата треба да воспостави контрола врз тоа кој, каде размножува и каде завршуваат новите единки. Покрај спроведување на програмата „Залови, стерилизирај, врати“ сметаат дека истовремено треба кастрација и стерилизација на домашни миленици, строги казни за напуштање куче и оданочување на купување на миленици од продавници. Активистите апелираат и посериозно спроведување на регистарот за домашни миленици што го најави Агенцијата за храна и ветеринарство. Директорот на Агенцијата, Зоран Атанасов информираше дека микрочиповите веќе се во магацините на Агенцијата, а од септември очекуваат да започне масовно аплицирање микрочипови на кучиња и мачки.

„Деновиве течат договорите со ветеринарните друштва кои треба да извршат бесплатна апликација. Планираме активноста да почне на 1-ви септември, каде што очекуваме масовно аплицирање. Досега во нашиот систем кој е воспоставен се евидентирани околу 6.500 кучиња кои имаат микрочипови и 360 мачки“, рече Атанасов.

Тој посочи дека Агенцијата ја направила оваа набавка заради отпорот кај сопствениците, кои велеле дека се скапи микрочиповите.

„Доколку по пријава на граѓани се најде куче кое не е чипирано, следуваат и законски санкции“, посочи Атанасова, додавајќи дека досега контролите опоменувале.

XS
SM
MD
LG