Достапни линкови

Дали е можнa проевропскa предизборна коалиција?


Во очи на изјаснувањето на пратениците за уставните измени се интензивираат повиците тие да се усвојат со цел Договорот од Преспа да се спроведе што поскоро, но ако тоа не се случи ќе почнат разговорите за предвремени избори. Во опција е проевропскиот блок да излезе со заедничка листа.

По влегувањето на уставните амандмани во Собранието, наредните денови се сметаат за одлучувачки дали процесот на спроведување на Преспанскиот договор ќе го продолжи овој парламентарен состав или ќе се оди на вонредни избори за нов состав на Собранието, со цел да се обезбеди постабилно мнозинство за донесување на уставните измени, но и на другите реформски закони, за кои е потребно двотретинско мнозинство.

Во случај на избори, според најавите што можеа да се слушнат во јавноста, во опција е парламентарните партии кои застанаа зад референдумот (СДСМ, ДУИ, Беса, ДПА, Алијансата за Албанците) да настапат во т.н. европска коалиција со заеднички листи за пратеници.

Дел од аналитичарите велат дека заедничките листи би ги зголемиле шансите на партиите кои застанаа зад Договорот со Грција да остварат подобар резултат.

„Очекувам ситуацијата да се реши во Собранието, но ако има избори не ја исклучувам можноста за мешани етнички листи, тука мислам на тоа СДСМ да коалицира со некоја или некои албански партии и да се направат заеднички листи и мислам дека на тој начин ќе се добие многу поповолен резултат отколку да се расцепкуваат гласовите, со тоа што други политички партии би освоиле одреден процент на гласови кој на крајот не би припаднал на коалицијата која се залага за европска Македонија и интеграција во НАТО”, вели политичкиот аналитичар Митко Гаџовски.

Пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири, вели дека доколку има избори една од опциите кои се разгледува е проевропскиот блок да излезе со заеднички листи.

Во меѓувреме Движењето „Беса“ на Билал Касами ја отфрли можноста за заеднички листи со коалицијата „ЗА“ од референдумот, оставајќи ја отворена можноста за друга соработка надвор од оваа коалиција.

И Зијадин Села од Алијансата на Албанците го отфрли предлогот за заеднички листи со СДСМ.

Од ДУИ рекоа дека предвремените избори се последна опција, а на маса на централното претседателство на оваа партија на маса беа ставени три можности: Албанскиот политички блок да излезе со заеднички пратенички листи, ДУИ сама да оди на избори и предизборна коалиција со СДСМ и коалицијата.

Но, иако дел од партите од албанскиот блок ја отфрлија можноста за заеднички листи и најавија дека ќе настапуваат соло или со други партии, аналитичарите таквото изјаснување го објаснуваат со нивната проценка дека на тој начин може да освојат повеќе гласови кај дел од албанското гласачко тело, но тие дополнуваат оти по изборите овие партии ќе коалицираат со партиите од власта.

„Пред избори тие ќе играат на картата да го задоволат барањето на тврдото гласачко крило кое би им донело гласови во ситуација кога тие сами би настапиле на избори, а би обезбедиле и некој глас плус кој не би дал поддршка на албанско - македонска предизборна коалиција и тие гласови би се слеале на контото на оние кои не би коалицирале со партија од македонски блок. Претпоставувам, политичките партии ако се одлучат да коалицираат во предизборие тоа ќе го направат, но и да не се случи тоа, оние кои се залагаат тоа ќе го направат по изборите со цел Македонија да биде членка на НАТО и ЕУ “, вели Гаџовски.

Тој дополнува дека иако дел од политичките партии во албанскиот блок во моментот не се во Владата, тие се за поддршка на Договорот од Преспа. Во албанскиот блок за тоа прашање нема подвоени ставови кои би ги спротивставиле меѓусебе албанските партии. Тие независно дали се или не во коалиција би дале поддршка за евроатланските интеграции, вели Гаџовски.

Исмет Рамадани претседател на Евроатлантскиот совет во Македонија е уверен дека со предизборна коалиција за европска Македонија би можело да се постигне двотретинско мнозинство во Парламентот, но тој вели дека со избори ќе има одолговлекување во процесот за целосна имплементација на Договорот со Грција, со оглед дека сè треба да заврши до средината на април идната година, затоа што тогаш се европските избори, во Грција извесни се предвремени парламентарни избори, а Македонија влегува во претседателски избори.

Можат лидерите особено овие кои се дел од Владата може ако одат со заеднички листи на избори со единствена цел да успее оваа европска Македонија, но проблемот е во тоа што тешко е роковите да ги фатиме, зашто опозицијата може да употреби т.н. демократски механизми за одолговлекување на изборите и тие да се одржат во време кога може да се да се постигнат роковите, односно она што е цел во даденава ситуација“, изјави Рамадани.

Инаку во Македонија коалициите меѓу македонскиот и албанскиот блок не се карактеристични за предизборен период, а партиите влегуваат во ангажмани од таков тип по избори. Експертите велат дека во мултиетничко општество неопходно е политичките партии да го напуштат моноетничкиот терен, но се до последните изборни циклуси се чинеше дека Македонија сè уште е далеку од тоа.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG