МВР – Фотографирање гласачи, навреди, кинење гласачко ливче
На еден час пред затворање на гласачките кутии, МВР информира за седум попречувања на гласањето на неколку избирачки места. Во текот на денот од полицијата соопштија за уште 13 инциденти за време на гласањето. Најголем дел од инцидентите се поврзани со фотографирање и снимање гласачи, навредување на оние кои гласаат, а имало и еден случај кога сопруг ѝ го искинал гласачкото ливче на сопругата.
Во Сарај постигнат цензус до 17 часот, Ново Село со најмала излезност
Најголема излезност на референдумот до 17 часот има во Општина Сарај, каде што на гласање излегле скоро 17 илјади гласачи, односно над 54 отсто од запишаните избирачи. Над 40 отсто излезност има и во Липково и во Центар, а во Карпош и во Арачиново гласале над 38 отсто од регистрираните избирачи.
Најмала излезност има во Општина Ново Село, каде што до 17 часот на гласање излегле под 14 отсто од регистрираните избирачи. Во Илинден гласале 14,47 отсто од избирачите, а во Могила и во Старо Нагоричане гласале над 16 отсто од избирачите.
ДИК – Излезноста на референдумот до 17 часот – 28,83 отсто
Излезноста на референдумот до 17 часот била 28,83 проценти од гласачите, односно на гласање излегле 455.771 од регистрираните над 1,8 милиони гласачи, соопшти претседателот на ДИК, Оливер Дерковски. Ова се податоци од обработени 87,25 од гласачките места.