Дигиталната трансформација во светот еволуира со огромна брзина. На сцена доаѓаат вештачката интелигенција, 3Д принтање и дигитализација на владите и идентитетот на граѓаните. Во Македонија има подготвени бизниси кои ги следат трендовите, што според регионалниот претседател на компанијата „Оракл“, Антонис Монокроусос позитивно е што има место за развој.
„Кога постои простор за развој, можеш да одиш само кон подобро. Македонија е уште еден пазар кој може да има полза, да ги искористи можностите на дигиталната трансформација, а за да го искористи ова потребно е лидерство, волја за промени и иницијативи“, изјави Монокроусос, кој беше дел од денешната конференција на МАСИТ, на тема „Дигитална трансформација во Македонија: предизвик или реалност“.
Но, тој истакна дека покрај волјата за измени, потребна е и конзистентност и прифаќање на новото време.
„Дигиталната трансформација влијае врз владите, им дава можности и предизвици, но на крајот од денот се работи за поддршка на граѓаните, задоволување на граѓаните. Тоа е идејата, но сè се менува многу брзо. Дигиталното, како ИТ, интернет, социјални медиуми, вештачка интелигенција, 3Д принтање, ќе го смени начинот на бизнис и живот и ние мора да се прилагодиме.“, вели Монокроусос.
Предизвиците на дигиталната трансформација ги делат и компаниите и државните институции. Така, министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски истакна дека двете страни треба да бидат подготвени за да одговараат на барањата на граѓаните и новите трендови во дигитализацијата.
„Имаме два големи предизвици, прво се финансиите, а второ недостасување на соодветен кадар и во институциите, зборувам за ИТ кадар, и недоволно можеби во сите компании и затоа повторно не можам да не зборувам за големиот бел слон во собата, а тоа е нашата интеграција во Европска унија и НАТО, референдумот, решавање на проблемот со нашето име ќе значи брза интеграција во ЕУ и ќе значи достапност на фондови“, изјави Манчевски.
Организаторите на конференцијата, пак, сметаат дека дигиталната трансформација веќе е реалност во Македонија, тргнувајќи од тоа дека компаниите веќе го живеат тоа.
„Ние во МАСИТ сметаме дека е реалност, и ние сме спремни како компании, 77 членки, веднаш за потребите на сите други бизниси, за потребите на нормалното живеење да одговориме на тие предизвици, кои пак ќе речам за нас е реалност и да ја направиме таа дигитална трансформација која дефакто доаѓа и е дел од живеењето“, изјави претседателот на управниот одбор на МАСИТ, Горан Поповски, кој додаде дека Македонија се соочува со истата пречка како и светот, а тоа е прифаќање дека без дигитализацијата не може да живееме понатаму.
Инаку МАСИТ конференцијата се одржува веќе 15 години, каде информатички компании и државни институции ги разгледуваат најновите трендови во дигитализацијата.