Достапни линкови

Жидан – Македонците и во иднина ќе ги нарекуваме Македонци


Претседателот на Државниот збор на Словенија, Дејан Жидан
Претседателот на Државниот збор на Словенија, Дејан Жидан

Македонците и во иднина ќе ги нарекуваме Македонци, а македонскиот јазик, како и словенечкиот, ќе стане полноправен официјален јазик на ЕУ. В недела имате историска и единствена можност да донесете одлука за иднината, порача претседателот на словенечкото собрание Дејан Жидан.

Компромисот понекогаш е тежок, но е нужен. Секој компромис бара отстапки, но ако ни го овозможува она што е најважно, тогаш е исклучително важен за сите, па и за македонските граѓани, порача претседателот на словенечкото Собрание, Дејан Жидан, по средбата со неговиот македонски колега Талат Џафери во Скопје. Тој рече дека компромисот ќе им овозможи на идните генерации да не го носат товарот на минатото за да може да гледаат во иднината. Жидан рече дека Преспанскиот договор на Македонија ѝ ги отвора вратите на НАТО и овозможува почеток на преговорите за членство во ЕУ, а истовремено ги сочувува македонскиот идентитет и јазик.

„И во иднина Македонците ќе ги нарекуваме Македонци, ќе биде сочуван македонскиот јазик, во меѓународните организации веќе нема да настапувате како поранешна југословенска Република Македонија. Притоа е важно дека македонскиот јазик, како и словенечкиот, ќе стане полноправен официјален јазик на ЕУ“, рече Жидан.

Тој изрази надеж дека македонските граѓани на референдумот в недела ќе ја искористат оваа „историска и единствена можност“ и храбро, зрело и одговорно ќе донесат одлука за својата иднина, но и за иднината на идните генерации. Тој рече дека Македонија историски, културно, географски и политички припаѓа во Европа и во ЕУ. Се радуваме на денот кога ќе почнеме да соработуваме во ЕУ и заеднички и рамноправно да ја обликуваме нашата иднина, рече Жидан.

„Членството отвора бројни можности за брз развој на стопанството, како и за подобри животни услови, како и за поголем развој во секоја област“, рече претседателот на Државниот збор на Словенија, Дејан Жидан.

Џафери рече дека посетата на Жидан во пресрет на референдумот е уште една потврда за словенечката поддршка за македонските евроинтеграции.

„Република Словенија оваа година претседава со процесот за соработка во југоисточна Европа и во таа насока дава особен придонес во придвижувањето на мултилатералната соработка во регионот“, рече Џафери.

Тој нагласи дека евроинтеграциите остануваат стратешки приоритет на Македонија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG