Достапни линкови

Неделници - Растот на БДП и одлуката на Мицкоски


Архивска фотографија - Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на протестен марш во Струмица.
Архивска фотографија - Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на протестен марш во Струмица.

Капитал ја анализира македонската економија и оптимистички предвидува дека со ваквата економска политика може да се очекува раст од 5 отсто. Неделникто пишува дека „правецот е добар, само да не се утне некаде по пат“. Фокус, пак, пишува за политичката математика на Мицкоски. „Неговата одлука е прашањето од државен интерес пар екселанс да го претвори во мизерна битка за власт“, анализира Фокус.

Капитал - Здрав раст на БДП

Оптимистичка анализа објавува најновиот Капитал заснована врз податокот дека во вториот квартал на оваа, 2018 година, македонската економија за прв пат по подолго време бележи добар раст од 3,1%. „Здрав раст на БДП“, пишува авторот на анализата и додава дека за секој што малку повеќе се занимава со анализа и коментирање на состојбите во економијата и кој, секако, има став околу повеќегодишната економска стагнација предизвикана од тешките политички случувања во земјата, овој резултат на растот на БДП е реален и голем резултат.

Овој раст, без капиталните инвестиции во економијата, кои откако е оваа Влада на власт „одмораат поради чешлање“, е всушност квалитетно „изградена позиција за понатамошен и поголем раст на економијата“, затоа што следно е старт на капиталните инвестиции, но со нов сетап. Бидејќи капиталните инвестиции, онака како што ги беше замислил Груевски, во суштина беа „прегреани“, префорсирани во многу погрешна насока на обезбедување готов и брз кеш за компаниите и за некои полови на моќ во државата, без некој конкретен бенефит за поширокото општество.

Нека остане овде запишано, нагласува Капитал, дека вака сетирана економската политика, сосе сите мерки за зголемување на инвестициите, домашни и странски, како и мерките за зголемување на извозот изработени во посебни пакети и насочени кон сите компании во економијата може да донесе, и се очекува да генерира стапки на раст од 5 отсто и над тоа. При ова, важен е фактот дека македонската економија покажа дека и без капитални инвестиции од државата, кои допрва се планира да тргнат (околу една милијарда евра во автопатишта, регионални патишта, пругата кон Бугарија и гасоводот), има свој внатрешен капацитет за раст! – заклучува Капитал. Но додава и едно предупредување: „Директен аргумент за овие тврдења е што годинава има рекордно ниво на странски инвестиции од независноста до денес, 380 милиони евра. Правецот засега е добар, дава надеж, само да не ја утнеме некаде по патот...

Фокус - Мицкоски одлучи: На срце му лежи бојкот, на врат му виси Фамилијата

„Мицкоски одлучи: На срце му лежи бојкот, на врат му виси Фамилијата“ – анализира Фокус по конечно објавената одлука на опозициската партија и нејзиниот сегашен претседател граѓаните сами да решат дали ќе излезат на изјаснување на 30 септември. За авторот на анализата ова е најприземната одлука што можел да ја донесе еден неук политичар, кој сака да стане лидер, а нема став по клучното прашање за иднината на државата. И заклучува дека неговата одлука е прашањето од државен интерес пар екселанс да го претвори во мизерна битка за власт. „Но таа политичка математика може многу да го чини. Или него, или партијата“ – заклучува Фокус.

„Игор Јанушев формирал таен штаб на ВМРО-ДПМНЕ за тивок бојкот на референдумот?!“ – гласи загатливиот и провокативен наслов на друг текст во Фокус. Упатените велат, пренесува неделникот, дека одлуката да ги остави граѓаните сами да решат дали ќе го бојкотираат референдумот или активно ќе учествуваат е резултат на поделените мислења во самото раководство, но и поради различните сугестии и сигнали од членството и од меѓународната заедница. Но од партиски извори Фокус дознава дека раководството, сепак, ќе примени концепт на тивок бојкот, за што наводно бил формиран и неформален штаб. Иако официјално од партијата ги демантираат ваквите тврдења, пишува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG