Република Македонија деновиве, пред референдумското изјаснување на 30 септември, е во знакот на интензивни посети на првите луѓе на повеќе европски земји и на високи претставници на ЕУ.
Нова Македонија ја поставува дилемата: „Се растегнуваат ли дипломатските правила за поддршка на референдумот“. Вака е насловен текстот во кој пишува дека практиката на доаѓање или повикување странски политичари и лидери заради добивање одредена поддршка за политиките што ги водат политичките чинители во земјава не е никаква новина.
„Но освен дилемата дали и колку тоа се совпаѓа со дипломатските правила, прашање е колку овие посети можат да влијаат врз граѓаните, или е можен дури и контраефект, особено што во случајот станува збор за исклучително чувствително референдумско изјаснување за промена на името на државата?“ – прашува Нова Македонија.
Инаку електронските изданија на печатените медиуми информираат дека генералниот секретар на НАТО, Столтенберг пристигна во дводневна официјална посета на земјава, а дека во пресрет на референдумот во Скопје неделава доаѓаат и канцеларите на Германија и на Австрија, Ангела Меркел и Себастијан Курц. Слободен печат, во свој стил излезе со наслов: „Убер гостин во Македонија за Денот на независноста – Фрау Ангела Меркел, битешен!“ Во информацијата за посетите Вечер го објавува мислењето на Владата дека посетата на 8 Септември „само по себе е голем симболичен гест на поддршка“.
Вечер го пренесува и донекаде предупредувачкото пишување на московскиот весник Комерсант: „Резултатите од референдумот во Македонија ќе ја определат новата геополитичка распределба во регионот“. Московскиот весник ја цитира и потпаролката на руското МНР, Марија Захара дека „Договорот со Грција е далеку од интересите на зајакнување на мирот и безбедноста на Балканот и служи исклучиво како инструмент за забрзување на пристапот на Македонија во НАТО“.
Независен го цитира одговорот на новинарско прашање на министерот за надворешни работи, Никола Димитров при престојот во Крива Паланка за тоа што очекува од опозициската партија: „Да се нема став за референдумот е бегање од одговорност или пикање на главата в песок како ној“. Независен насловува: „Цензусот виси на опозициски конец?!“, пренесувајќи ставови на политички експерти дека „доколку ВМРО-ДПМНЕ не искаже јасен став во пресрет на референдумот и доколку не го повика своето членство да излезе на гласање, бројот на гласови што би ги дале традиционалните гласачи на партијата не би изнесувал повеќе од 120.000, а тоа ќе биде премалку за да се постигне потребниот цензус од 903 илјади гласови“ – пишува Независен. Во истиот текст, весникот го цитира заменик-генералниот секретар на опозициската партија, Петар Богојески во интервјуто за Дојче Веле, кој им порачува на сите сограѓани кои се решиле за бојкот дека не е можно преку бојкот на заедничката иднина да се направи напредна Македонија.
Вечер го пренесува пишувањето на грчки Катимерини кој, пак, пренесува информации што протекле од Викиликс, а ги објави американската амбасада во Скопје дека „Уште во 2008 година Скопје било подготвено да го прифати името Република Северна Македонија, ако тоа значело признавање на македонскиот јазик и националност“.
Печатените медиуми наоѓаат место и за внатрешно-политички теми. Сите објавија дека е „Потпишана спогодба за повисоки плати во здравството“ помеѓу министерот за здравство Филипче и претседателот на самостојниот синдикат за здравство и фармација, Каранфиловски, кој изјави дека најбитно е што покачувањето на платите се однесува за сите вработени во здравството. Нова Македонија пишува дека е „Неизвесна иднината на ски центарот Попова Шапка“, информирајќи за укажувањата на иницијативата „Спас за Попова Шапка“ составена од стопанственици, планинари и спортски работници дека не се гледа крајот на доградбата на новиот шестосед, а и старите ски лифтови биле расипани.