Во Владичин Хан град со 20 илјади жители на југот на Србија, една турска фирма за резервни делови е поздравена како спасител: нејзината нова фабрика создаде стотици работни места и внесе нов живот во регионот, кој долго време беше недоволно развиен и уништен во војните во 90-тите.
Но, со драматичниот пад на вредноста на турската валута како резултат на загриженоста на инвеститорите и дипломатскиот спор со САД, во Србија и остатокот од Западен Балкан се загрижени дека таквите инвестиции од Турција можат да пресушат.
Трговијата меѓу Западен Балкан и Турција се зголеми од 430 милиони долари во 2002 година на 3 милијарди долари во 2016 година, при што речиси една третина само во Србија.
Турција е меѓу првите 10 трговски партнери на Србија, а меѓу првите три на Косово.
Западно-европските лидери се загрижени дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган може преку инвестициите да добие поголемо влијание на Балканот.
Земјите од Западен Балкан формално сакаат да влезат во ЕУ, но нивните апликации буквално беа запрени поради внатрешните проблеми во ЕУ како Брегзитот, а тоа го изложи Балканот на дополнително економско и политичко влијание од Турција, Кина и Русија.
Александар Медејовиќ, член на одборот на турско-српскиот деловен совет, вели дека Турција, најверојатно, ќе ги задржи планираните инвестиции, но оти тие може да бидат одложени.
„Балканот е стратешка област за турските инвеститори, кои бараат долгорочни инвестиции во овој регион, како и во другите региони во Европа“, вели Медејовиќ.
Според Медeјoвиќ, Турција го гледа Балканот, особено Србија и Хрватска, првенствено како „порта“ за своите стоки кон Европската унија.
Во Босна и Херцеговина, турските инвестиции се поскромни, но турското политичко влијание се зголеми од војната во 1990-тите.
Турски организации обновуваат мостови и стари џамии и даваат пари во образованието.
Според некои податоци, тие обезбедија околу 300 милиони евра за непрофитни проекти во Босна.
Своевидна демонстрација на степенот на политичкото влијание на Ердоган во Босна, беше моментот кога турскиот претседател одржа предизборен митинг во мај во Сараево, откако слични собири му беа забранети во Германија и Австрија.
Иако Турција не е главен инвеститор во БиХ, Анкара лани вети три милијарди евра за финансирање автопат меѓу Сараево и Белград, а официјалните претставници очекуваат овој проект да продолжи.
Исмир Јушко, министер за транспорт и врски на Босна и Херцеговина вели:
„Пред неколку дена разговарав со турскиот амбасадор во Босна и Херцеговина и добив краток одговор дека нема апсолутно никакви индикации дека овој проект е во прашање“, вели Јушко.
Тоа го велат и во фабриката за резервни делови во Владичин Хан.
Таа произведува главно гумени делови за системи за ладење и греење за клиенти како Фолксваген, Шкода, Ауди или Порше.
Менаџерот на фабриката Фикрет Анибал наведува дека матичната компанија Теклас Аутомотив нема донесено никаква одлука да престане да инвестира во Србија и поширокиот регион, бидејќи инвестиционите планови се прават на пет до десет години.
„Значи, во моментов, не постои таква одлука донесена од раководството. Размислуваме да се прошириме во Србија, а во исто време во Бугарија бараме нова локација“, вели тој.
Според Анибал, компанијата сега може да инвестира повеќе во странство, бидејќи во Турција владее криза.