Капитал - Што добија Бугарија и Романија од членството во ЕУ?
Најновиот двоброј на Капитал во рубриката Балкан, бизнис и политика анализира што добија Бугарија и Романија од членството во ЕУ, земји коишто минатата година одбележаа една деценија членство, како 26 и 27 земја членка на европското семејство.
Членството на Бугарија во ЕУ ѝ овозможи на земјата да стане дел од најголемиот трговски блок во светот – единствениот пазар од 500 милиони потрошувачи, а стабилноста и сигурноста на прописите и стандардите на Унијата создадоа поволни услови за зголемување на странските инвестиции во бугарската економија, пишува Капитал.
Само како пример, за периодот од 2007 до 2013 година Бугарија добила скоро 2 милијарди од програмата за транспорт, што се искористени за 20 нови метро станици во Софија, како и за завршување и подобрување на квалитетот на автопатиштата и реновирање на железничките станици во повеќе градови во земјата. До 2020 година Бугарија дополнително од оваа програма ќе може да искористи уште милијарда и пол евра.
Во Романија, пак, европските фондови овозможиле отворање на над 40 илјади нови работни места, а просечната плата за десет години е зголемена од 312 на 510 евра. Во десетгодишниот период Романија уплатила во европскиот буџет речиси 14 милијарди евра, а на користење повлекла скоро 40 милијарди евра, што значи дека добила нето 26 милијарди евра.
Фокус - Само здравиот разум може да го спаси референдумот
Најновиот број на Фокус објавува неколку статии што се однесуваат на Македонија и претстојниот референдум. „Само здравиот разум може да го спаси референдумот“ – смета еден од редовните колумнисти во неделникот кој ја споредува приказната за овчарот и волкот. „Властите во Македонија“, пишува тој, „изминативе децении толку често викаа ’Волк!‘ за да го измамат граѓанинот, што, прашање е, како тој сега ќе реагира, кога ’волкот‘ навистина е тука. Назад нема каде, па ако не смогнеме сили да одиме напред, кон НАТО и ЕУ, црно ни се пишува“ – песимистички заклучува колумнистот во Фокус. „Во НАТО и во ЕУ не влегуваат партиите, туку државата“ – потсетува друг колумнист во Фокус. За потоа да наведе дека ако сакаме да го амортизираме можниот штетен ефект на референдумот што би го направило противставувањето меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во кампањата, потребно е на граѓаните да им стане јасно дека кога одат на гласачкото место, тие не гласаат за СДСМ или за ВМРО-ДПМНЕ. „Туку својот глас“ – нагласува колумнистот, „го даваат според тоа каква иднина сакаат, односно дали сакаат европска иднина или прифаќаат изолација на земјата со сите опасности што таа состојба ги создава“.