Достапни линкови

Зетот, невестата и огненото оружје


На свадбите во Македонија честопати како почесен гостин е пиштолот или пушката. Така наместо славење, последиците се повредени луѓе или оштетени возила и објекти.

Летово, како и претходните, свадбените веселби се одбележуваат со пукање од огнено оружје. Честопати овие испукани куршуми залутуваат и повредуваат луѓе, оштетуваат возила и објекти. Граѓаните реагираат и на звуците од истрели.

Министерството за внатрешни работи неодамна информираше дека за една недела имало над 11 случаи на заталкани куршуми. Во овие случаи, 10 куршуми оштетиле возила, а во еден случај има едно повредено лице.

„Најчеста причина за заталканите куршуми е пукањето од огнено оружје на свадбени веселби, нешто што се повторува секоја година во овој период. Како и претходните, така и оваа година најмногу пријавени вакви случаи има во тетовско-гостиварскиот регион“, велат од МВР.

Тие посочуваат дека Министерството презема мерки и активности за расчистување на случаите, по што ќе поднесат пријави. МВР притоа апелира граѓаните да се воздржат од користење на огнено оружје на свадби.

„Пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а глобата за ваков вид прекршок се движи од 200 до 500 евра. Зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“ и за него е предвидена затворска казна од една до пет години“, потенцираат од МВР.

Покоординирана акција за помала злоупотреба на оружје

Овие случаи покажуваат дека населението поседува нелегално оружје или пак ја злоупотребува својата дозвола за оружје. За да се поседува оружје, според законот, лицето треба да е полнолетно, да има деловна способност, да е здравствено способно, да не претставува опасност за јавниот ред, а и да има оправдана причина за набавување на оружје. Министерството се бори против нелегалното оружје со кампањи и акција за доброволно предавање и легализација на нелегално стекнатото оружје. Според информациите, за 10 години до 2015 година, министерството издало 24.529 дозволи за поседување оружје на физички лица.

Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“ вели дека акциите против нелегалното оружје се мултидисциплинарна активност и дека кампањите се неуспешни ако останат само на кампањи.

„Министерството може да презема и подобри и подинамични мерки за сузбивање на употребата на нелегалното оружје, меѓутоа тука се повикани и други институции кои би требало да се вложат во оваа сепак долготрајна акција во општеството за да се надмине култот кон оружјето, да се надмине насилството и склоноста, мотивите да се поседува нелегално оружје и истото да се злоупотребува дури и на еден банален, а сепак опасен начин како што е славеничкото оружје“, изјави Дерала.

Тој додава дека организацијата како членка на меѓународната акциона мрежа за борба против нелегалното оружје, особено во сезони на прослави, се обидува да апелира до граѓаните, но без повеќересорна координарана активност нема да има успех.

Славеничкото пукање да замине во историјата

Оваа традиција на пукање при некакви семејни настани, истакна Дерала, мора да замине во минатото. Тој потенцира дека денес има други современи начини на прослава.

„Славеничкото пукање е култура која се негувала подолго време, како супститут на тоа треба да се понудат други решенија меѓу другото се разбира и законски. Но, во општеството мора да се создаде клима во која се гледа дека таквиот начин на прославување е веќе одамна надминат. Во минатото луѓето за да ги поканат своите пријатели и роднини од другата страна на планината или ридот пукале со огнено оружје за да објават дека постои некаков настан или некаква вест, нека биде тоа тажна или весела, нека биде тоа свадба или сунет или некаков погреб и тн. И тогаш луѓето од другите села дознавале дека нешто се случува таму. Знаете, тоа е во минатото кога немало мобилни, кога немало подобри средства за комуникација“, вели Дерала.

Тој, како член на организација која се бори против нелегалното оружје, апелира до сите кои се во близина на некои лица кои го злоупотребуваат оружјето во славенички поводи да го пријават во полиција и да се оддалечат од тоа место.

Продажба на социјалните мрежи

Од друга страна, граѓаните купуваат и препродаваат оружје преку социјалните мрежи, поточно преку фејсбук групи за купопродажба. Во овие групи може да се најдат ловечки пушки, револвери, карабини, муниција и слично.

Според законот, оружје може да се продаде само на лица кои поседуваат одобрение за набавка и промет на оружје. Продажбата се врши со договор заверен на нотар. Дополнително лицата кои купиле оружје имаат обврска од осум дена од денот на склучување на договорот да го пријават до надлежниот орган заради пробни испукувања или за регистрирање на оружјето.

XS
SM
MD
LG