Достапни линкови

Нема кој да чува овци, стадата во дебарско се намалуваат


Се намалуваат стадата овци во дебарско поради недостиг на работна сила. Сирењето добива добри оценки за квалитет, но не може да се пласира на европските пазари.

Сточарите од најзападниот регион на Македонија се соочуваат со недостиг на работници во сточарството, но и со проблеми во инфраструктурата. Поради овие проблеми, квалитетното бело традиционално сирење, и покрај тоа што добива бројни признанија на саеми во земјите на Европската унија, нема можност да се пласира надвор од Македонија.

„Оценката што ја добиваме за дебарското бело традиционално сирење на бројните сами во земјите на ЕУ е дека станува збор за мошне квалитетно сирење. Сепак, за да се пласира сирењето на пазарите на земјите од Европската унија треба да се исполнат одредени критериуми. Овците имаа испаша на пасишта и тоа на висина од околу 2 илјади метри. Таму е многу чиста средината. Но проблем е недостигот на патна инфраструктура и објекти на бачилата. Затоа има потреба од инвестиции и повисоки субвенции“, вели сточарот Скендер Аме, кој е и претседател на дебарското здружение на сточари „Даши“.

Тој укажува дека државата треба да ја зголеми висината на субвенциите бидејќи, не само што квалитетното бело дебарско сирење не може да се пласира на европскиот пазар, туку се намалува и бројот на стадата на овци.

„Како и другите градови во Македонија, така и во Дебар има силна миграција на младите. Ние немаме овчари и работници во сточарството. Поради оваа состојба има и намалување на бројот на овците. До пред две години во регионот на Дебар и Жупа имавме зголемување на бројот на овците, така што таа бројка стигна до 40 илјади. Последните две години има намалување на стадата. Неофицијално сега имаме околу 38 илјади овци“, истакнува Аме.

Во општините Дебар и Центар Жупа има над 1230 семејства кои се занимаваат со сточарство, но миграцијата, особено на младата популација, може да продолжи да влијае врз намалувањето на бројот на сточарите.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG